Уставниот суд ќе ја одржи 41. седница на 20 декември (вторник) во 9:30 часот, со дневен ред на кој се предвидени осум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.
РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
Реферат У.бр.145/2021
Оспорен: Член 10 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година
Подносител: Емилија Атанасовска-Јовановиќ од Скопје и други
Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот e во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9, член 32 став 3, членот 51 и член 64 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија. Подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорената одредба се врши дискриминација и се нарушува владеењето на правото кон вработените во буџетските корисници од централната власт кои работеле во органите и структурите за управување со инструментот за предпристапна помош ИПА, а кои правото на плата не го остваруваат под услови и критериуми утврдени со Законот за административни службеници. Така, на вработените во Министерството за внатрешни работи кои работат во структурите за управување со инструментот за претпристапна помош ИПА правото на плата го остваруваат според Законот за внатрешни работи, на вработените во Царинска управа според Законот за Царинската управа, на вработените во Управата за јавни приходи според Законот за Управата за јавни приходи итн.
Реферат У.бр.87/2021
Оспорен акт: Член 91 став 2 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 34/2006, 126/2006, 84/2007,47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015) во делот: „Доверителот кој е упатен на парница е одговорен за штетата што може да биде предизвикана со водењето на парницата ако тужбеното барање биде одбиено како неосновано.“
Подносител на иницијативата: Бобан Богдановски, адвокат од Скопје
Содржина на оспорениот акт (член 91):
„Доверител кој оспорил побарување на друг доверител чие побарување е признато од стечајниот управник се упатува на парница (став 1). Доверителот кој е упатен на парница е одговорен за штетата што може да биде предизвикана со водењето на парницата ако тужбеното барање биде одбиено како неосновано (оспорен став 2). Доверителот кој го оспорува побарувањето е должен заедно со тужбата да достави и доказ за обезбедување на надоместок на штета најмалку во износ од една петтина од висината на оспореното побарување (став 3). Ако не достави доказ за обезбедувањето, заедно со тужбата, се смета дека доверителот се откажал од оспорување на побарувањето (став 4). Ако тужбеното барање на доверителот биде усвоено во парницата трошоците на постапката паѓаат на товар на стечајната маса.(став 5)
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорената одредба е во спротивност со членот 50 од Уставот бидејќи со условувањето, односно со давањето на гаранција од страна на доверителот во висина од 1/5 од вредноста на побарувањето (спорот) се губи смислата на концептот на судска заштита и на владеењето на правото. Поради ова во иницијативата е наведено дека оваа законска одредба е во спротивност и со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба се доведуваат во нерамноправна положба граѓаните и им е повредено правото на еднаков пристап пред судот, па поради тоа се доведени до состојба да се откажат од заштитата на нивните права во стечајната постапка.
Реферат У.бр.24/2022
Оспорен: Законот за медијација („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 294/2021) и посебно: член 3 став 1 точка е), членовите 35, 36, 37, член 54 став 1 точки б) и г), член 55 ставови 4, 5 и 9, член 56 став 3 точки 2) и 3) и членовите 57, 58, 60, 61, 62, 63, 64, 65, 66, 67, 68 и 69 од овој закон.
Подносители: Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје
Подносителите на иницијативата сметаат дека Законот за медијација во целина и посебно оспорените членови се спротивни со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 55 и член 95 став 3 од Уставот. Подносителите наведуваат дека со оспорените членови се создава монополско однесување на пазарот на трудот и нееднаква положба на субјектите на пазарот на трудот затоа што Законот не бил донесен со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници во Собранието. Уставното начело на слободата на пазарот и претприемништвото, според иницијативата, е повредено. Подносителите на иницијативата сметаат дека е неуставен целиот пропишан систем (акредитирање на обуките на идни медијатори и за идни обучувачи на медијатори, спроведувањето и полагањето на испитот за идни медијатори, составот на испитната комисија, одредбита за Националниот совет за медијација, издавањето на лиценци, државната контрола во областа на медијаторството и неоснованата државна помош во облик на субвенционирање).
Реферат У.бр.18/2022
Оспорен: Член 2 точки 1 и 4, членовите 3, 7, 9 ставови 3 и 4, член 11 став 2, член 14, член 15 став 1 и член 16 од Правилникот за начинот на службено оценување на активниот воен персонал, активниот резервен персонал и за офицерите односно подофицерите и војниците во резервниот состав на Армијата на РСМ, начинот на водење на евиденција потребна за службено оценување и видовите на обрасците на оценувачкиот лист(„Службен весник на Република Северна Македонија” бр.156 од 09.07.2021)
Подносител на иницијативата: Јоне Ивановски
Oд наводите во иницијативата:
Според подносителот содржината на Правилникот излегува надвор од прецизните овластувања утврдени во Законот за служба во Армијата и се во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 алинеи 1 и 3 од Уставот. Подносителот бара Уставниот суд да го поништи Правилникот поради штетни последици кои според него ќе бидат предизвикани по воениот персонал, односно нивниот успех во службата, одлучувањето за негово унапредување, поставување и други осноси во службата.
Реферат У.бр.147/2021
Подносител: Здружение на приватни стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина од Кавадарци
Oспорен: Член 20 став 2, член 23 став 3, член 24 став 1 т.4 и 5 од Правилникот за облиците на континуирано стручно усовршување пречистен текст од 26.06.2020, Oдлука за критериуми при избор на спроведувачи на континуирано стручно усовршување од 19.02.2021, Јавен повик за избор на спроведувачите на континуирано стручно усовршување за период од 2021-2025 од 19.02.2021 година.
Дел од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Правилникот се излегува надвор од рамките на правата и обврските и односите кои биле со закон пропишани, а со Правилникот неосновано се пропишуваат права и обврски кои можат да бидат само предмет на законско уредување. Со иницијативата се бара времена мерка до конечното одлучување, односно да се запре извршувањето на актите донесени врз основа на член 20 став 2 од Правилникот. Во делот за оспорената Одлука за критериуми подносителот наведува ека Комисијата за стручни стоматолошки прашања на Стоматолошка комора на Македонија недозволено регулира материја веќе уредена со Правилник. Во делот за оспорениот Јавен повик подносителот наведува дека Комисијата сама си креирала Одлука и Јавен повик по своја иницијатива и со елементи кои сама си ги уредила без основ за тоа.
Реферат У.бр.11/2022
Оспорена: Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на КОВИД 19 бр.44-3324/1 од 22.04.2020 година.
Подносител: Сашо Балабанов од Штип
Дел од наводите во иницијативата:
Се оспорува уредбата која со законска сила го уредува носењето на лична заштита на лицето поради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот COVID-19 и заштита на населението како и надзорот над спроведувањето на носење лична заштита на лицето за време на траењето на вонредната состојба.
Реферат У.бр. 82/2022
Оспорен: Членовите 1, 2, 3 и членот 6 став 2 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за спроведување и планирање на површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4 од 12 јули 2022 година.
Подносител: Друштво за производство, трговија и услуги УПМ-ГРУП ДООЕЛ Куманово и Трговско друштво за внатрешен и надворешен промет, производство и услуги ХРОМАК Емил ДООЕЛ увоз-извоз Куманово преку полномошници Викор Божиновски и Борче Ивановски.
Од наводите во иницијативата:
Подносителите наведуваат дека оспорените одредби се спортивни на членот 52 став 4 од Уставот кој предвидува дека законите и другите прописи не смеат да имаат повратно дејство, освен кога е поповолно во граѓаните, а тоа е исклучок. Имено, се наведува дека се прави примена на одредба врз веќе донесени урбанистички планови, која има повратно дејство и дополнително со нејзината содржина се ограничуваат одредени права на граѓаните. Конретно со додавање на нов член 2-а Советот на Општина Куманово без да има законски основ врши директно влијание врз веќе започнати постапки за добивање на одобрение за градење, кои се почнати на основа на важечки урбанистички планови и со тоа се менува нивниот тек кој натаму ќе резултира со нивно одбивање, се наведува во иницијативата.
Реферат У.бр.59/2020
Oспорен: Членот 16 од Услови за каско осигурување на моторни и шински возила, донесени од Акционерско друштво за осигурување „ЕУРОЛИНК“ Скопје.
Подносител на иницијативата: Бобан Богдановски, адвокат од Скопје.
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби од Условите не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3(влаеење на правото) и со член 51 став 1 од Уставот(прописите мораат да бидат во согласност со Уставот и со закон).Според подносителот со оспорените одредби од Условите се зголемувала премијата(уплатат за осигурувањето) поради зголемен ризик без претходно на осигуреникот да му се предложела измена на договорот со нова стапка на премијата, која била пропишана во член 970 ставови 2-6 од Законот за облигациони односи, а членот 16 од Условите според наведеното во иницијативата го менува суштествениот елемент од договорот за осигурување-премијата и го повредувал член 981 став 6 од Законот за облигациони односи според кој за секој осигуран од ист период на осигурување морало да се исплатува надоместот во целост без намалување.
II- БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
Барање за заштита на слободи и права по предметот У.бр.52/2020
Подносител: Иса Нафи преку Кети Јандријеска Јованова, адвокат од Скопје
Подносителот на барањето наведува дека е дискриминиран врз основа на национално потекло кое ја подразбира етничката припадност повредени со пресуди од редовните судови, пресуда на Основниот граѓански суд Скопје и Пресуда на Апелациониот суд Скопје).
Од наводите во барањето за заштита на слободите и правата:
Се проблематизираат пресудите на првостепениот и второстепениот суд, подносителот смета дека е поради погрешна примена на материјалното право и погрешно утврдена фактичка состојба, дека судовите пропуштиле да утврдат дека полициските службеници при нивната интервенција во ЦСР Битола со нивното постапување го повредиле достоинството на подносителот на барањето со тоа што создале застрашувачка, непријателска, понижувачка средина а токму поради неговата етничка припадност како Ром, поради што станувало збор за т.н продолжено вознемирување како облик на дискриминација кое го трпел подносителот на барањето.