Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 декември 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани, за блок 3 и дел од блок 4, КО Пештани, Општина Охрид, плански период 2012-2022 („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.1/2015)
2. Наташа Шурбановска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 9 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, со членовите 4, 5 и 6 од париската Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство ратификувана со Законот за ратификација на париската конвенција за заштита на светското културно и природно наследство („Службен весник на СФРЈ” бр. 56/74), членовите 6, 8 и 9 од Законот за управување на светското природно и културно наследство, член 4 од Законот за урбанистичко планирање и Просторниот план за Охридско-преспанскиот Регион за 2005-2020 година и член 8 од Законот за водите.
Урбанистичкиот план вон населено место Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4 според подносителот на иницијативата, како план од понизок ранг треба да биде во согласност со повисокиот Просторен план за Охридско-преспанскиот Регион за 2005-2020 година како што било регулирано во член 4 од Законот за урбанистичко планирање, но и со законите и меѓународните конвенции т.е. Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО (1972 година) која претставува најсеопфатен меѓународен инструмент за заштита нa природното и културно наследство.
Оспорениот урбанистички план вон населено место, според подносителот на иницијативата не е усогласен со Просторниот план за Охридско-преспанскиот Регион за 2005-2020 година донесен од страна на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 22/2010) каде што во главата 3.2.7 ( Заштита на природното наследство) и глава 3.2.8 ( Заштита на културното наследство) државата се обврзала да ја почитува определбата од „Досието за упис на Охридското природно и културно-историско подрачје во УНЕСКО” за заштита на крајбрежните простори во длабочина 300 -1000m во зависност од релјефот, како и да се изработат студии за економска оправданост и студија за обемот и содржината на објектите кои се предвидуваат во Охридско- преспанскиот Регион.
Исто така, оспорениот Урбанистичкиот план вон населено место Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4 е во спротивност со членовите 6, 8 и 9 од Законот за управување на светското природно и културно наследство со кој се дефинирани границите на Охридскиот Регион како природно и културно наследство и обврска на државата за заштита на Охридскиот Регион од активности кои можат да предизвикаат уништување и деградација на светското природно и културно наследство.
Со оглед на фактот дека со оспорениот урбанистички план вон населено место се навлегува во зоната на крајбрежните води и крајбрежното земјиште истиот е спротивен со член 8 од Законот за водите со кој се предвидува управување со водите, крајбрежното земјиште и водните живеалишта, е во надлежност на органите на државната управа, освен ако поинаку не е определено.
Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи.
3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за донесување урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани, за блок 3 и дел од блок 4, КО Пештани, Општина Охрид, плански период 2012-2022 е донесена врз основа на член 11, 22 и 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ” бр.60/11), член 22 став 1 точка 1 и член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ” бр.5/02) и член 18 од Статутот на Oпштина Охрид („Службен гласник на Oпштина Охрид” бр.8/07), на седница на Советот на Oпштина Охрид одржана на ден 28.01.2015 година.
Според член 1 од Одлуката, се донесува Урбанистилки план вон населено место Лагадин-Пештани, за блок 3 и дел од блок 4, КО Пештани, Oпштина Охрид, плански период 2012-2022.
Член 2 од Одлуката регулира дека со овој урбанистички план се опфаќа простор со површина од 4.72 ха. Просторот на планскиот опфат по Урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани, за блок 3 и дел од блок 4, КО Пештани, Општина Охрид, плански период 2012-2022 е опфат на границите: Регионален пат Р 1391 (Р501) Охрид-Св. Наум, локален пат за с.Елшани и граници на Кп. бр. 2840, Кп. бр. 2839, Кп. бр. 2837, Кп. бр. 1170, Кп. бр. 1171, Кп. бр. 1167/33 и Кп. бр. 1167/3.
Според член 3 од Одлуката, урбанистичкиот план вон населено место Лагадин-Пештани, за блок 3 и дел од блок 4, КО Пештани, Општина Охрид, плански период 2012-2022, е изработен од „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО” ДОО Гостивар, со технички број 24/12 од октомври 2014 година и содржи: плански развој-текстуален дел и графички прилог и документациона основа со текстуален дел и графички прилози.
Согласно член 4 од Одлуката, урбанистичкиот план вон населено место Лагадин – Пештани, за блок 3 и дел од блок 4, КО Пештани, Општина Охрид, плански период 2012-2022, се заверува со печат и потпис на претседателот на Советот на Општина Охрид.
Член 5 од Одлуката предвидува дека урбанистичкиот план вон населено место Лагадин-Пештани, за блок 3 и дел од блок 4, КО Пештани, Општина Охрид, плански период 2012-2022, се чува, следи и реализира во секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште.
Според член 6 оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Охрид“.
Одлуката е заверена во архивата на Општина Охрид под бр. 08-689/6 од 28.01.2015 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Охрид“ бр.1/2015.
Судот, понатаму, утврди дека Советот на Општина Охрид има донесено Програма за изработка на урбанистички планови за oпштина Охрид во 2013 година, бр. 07-5664/5-1 од 28.12.2012 година, каде во делот II. Планови кои се во фаза на изработка, а ќе се финансираат од физички и правни лица, во точката 44 стои: УП вон населено место Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4, површина П=4,70 ха; Одлука за усвојување на Развојна програма за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид во 2014-2016 год. бр.07-8330/3 од 30.12.2013 година и Развојна програма за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид во 2014-2016 година бр. 07-8330/3-1 од 30.12.2013 година, каде во делот III. Планови кои се во фаза на изработка, а ќе се финансираат од физички и правни лица, во точката 41 стои: УПВНМ Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4, површина П= 4,70 ха.
Општина Охрид има поднесено барање на Услови за планирање на просторот за УПВНМ Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4, бр. 09-2981/8 од 18.10.2012 година до Министерството за животна средина и просторно планирање, кои пак со Допис бр. 15-9966/2 од 14.11.2012 год. известуваат дека за изработување на детален урбанистички план и измени и дополнувања на урбанистички планови не се бараат услови за планирање на просторот кога на сила е истиот Просторен план на Република Македонија. Меѓутоа, урбанистички план вон населено место се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно член 13 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011), па оттука при повторното барање од Општина Охрид, Министерството за животна средина и просторно планирање донело Решение за услови за планирање на просторот за предметниот УПВНМ со бр. 15-7888/4 од 17.10.2014 година, а Агенцијата за планирање на просторот ги дава Условите за планирање на просторот за изработка на урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4 со тех. бр. 28714 од септември 2014 година.
Планската програма за Урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани, блок 3 и дел од блок 4 КО Пештани, е изработена од страна на Друштво за просторно и урбанистичко планирање „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО“ ДОО Гостивар од октомври 2012 година.
Нацрт-планот е изработен во октомври 2012 година од страна на „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО“ ДОО Гостивар, носи тех. бр. 24/12.
На Нацрт-планот е изработена Стручна ревизија од Трговското друштво за просторни и урбанистички планови, проектирање, инженеринг и др. „УРБАНПЛАН“ ДОО Тетово од ноември 2012 година, за што е составен извештај бр. 0307/1-11/12 од 02.11.2012 година во која има забелешки и сугестии кои треба да се вградат во планот.
Изготвувачот на планот во одговорот на стручната ревизија од ноември 2012 година ги прифатил забелешките.
Градоначалникот на Општина Охрид со Решение бр. 09-2981/7 од 18.10.2012 година формирал комисија за разгледување на планската програма за предметниот урбанистички план вон населено место.
Комисијата со Мислење бр. 09-2981/15 од 18. 12. 2012 година дала забелешки и сугестии по нацрт УПВНМ Лагадин –Пештани блок 3 и дел од блок 4 КО Пештани.
Изготвувачот на планот во одговорот по мислењето од Комисијата од декември 2012 година ги прифатил и постапил по забелешките и сугестиите.
Со Одлуката бр.07-5664/34 од 28.12.2012 година, Советот на Општина Охрид го утврдил нацрт-планот и определил градоначалникот да организира јавна презентација и јавна анкета по нацрт-планот, која ќе трае најмалку 10 работни дена.
За организирање на јавната анкета и јавната презентација на УПВНМ Лагадин – Пештани, блок 3 и дел од блок 4 (2012-2022), градоначалникот на Општина Охрид донел Решение број 09-43/1 од 09.01.2013 година, со кое определил јавната анкета да трае од 11.01.2013 година до 28.01.2013 година, а јавната презентација да се одржи во холот, пред големата сала за состаноци на Општина Охрид на ден 22.01.2013 година, со почеток во 12,00 часот, за што е изготвено и доставено соодветно соопштение.
Известување за организирање јавна анкета и јавна презентација за УПВНМ Лагадин-Пештани Блок 3 и дел од Блок 4, Општина Охрид (2012-2022)-Нацрт план, Општина Охрид испратила до надлежни институции и тоа: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за одбрана, ЈЗУ Институт за јавно здравје на РМ, ЈП Нискоградба Охрид, ЕВН Македонија АД Скопје, КЕЦ Охрид, Подрачно одделение за заштита и спасување, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, ЈНУ Хидробиолошки завод, ЈП Охридски комуналец-Охрид, Македонски телекомуникации Подружница Охрид, ЈП Биљанини извори-Охрид, Министерство за внатрешни работи-СВР Охрид и Месната заедница, сите со бр. 09-43/4 од 09.01.2012 година, со уредно примени доставници.
Согласно член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, градоначалникот на Општина Охрид донел Решение со бр. 09-43/3 од 09.01.2013 година за формирање комисија за изработка на извештај по спроведена јавна анкета и јавна презентација по УПВНМ Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4, со образложение за прифатени и неприфатени забелешки и предлози.
За одржаната јавна презентација на Нацрт-планот изготвен е записник, бр. 09-43/2-1 од 22.01.2013 година.
Од извештајот за спроведената јавна анкета и јавна презентација бр.09-43/3-1 од 25.09.2013 година се констатира дека биле доставени 7 анкетни листови со забелешки на планот, кои се разгледани од Комисија за оценување и изработка на извештај по спроведената јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-планот, при што забелешките во 5 анкетни листови се прифатени, со дадени одговори, забелешките во 1 анкетен лист се делумно прифатени, со даден одговор и забелешките во 1 анкетен лист не се прифатени, со даден одговор.
Според Известувањето на Општина Охрид – Сектор за урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој, бр. 09-43/17 од 02.10.2013 година, во Предлог-планот е постапено според образложението во извештајот за спроведената јавна анкета и јавна презентација, односно прифатените и делумно прифатените забелешки се вградени во планот.
Во врска со Извештајот за стратегиска оценка на животната средина за УПВНМ Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4 КО Пештани-Општина Охрид, Министерството за животна средина и просторно планирање немало забелешки и доставило позитивно мислење по содржината и обемот на документот со арх. бр. 15-4306/2 од 08.05.2013 година.
Во текот на постапката, Општина Охрид побарала и добила мислења и согласности по Нацрт планот од следните органи:
– Национална установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид со известување бр. 13-1469/2 од 01.11.2012 година дека во предметниот урбанистички опфат не постојат заштитени споменички добра или заштитени археолошки локалитети;
– Министерство за култура – Управа за заштита на културното наследство со известување бр. 08-919/2 од 04.03.2013 година со кое констатира дека во документацијата се вградени одредбите на член 65 од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија” бр. 20/04 и 115/07);
– Дирекцијата за заштита и спасување, Подрачно одделение Охрид, со согласност бр. 10-205/2 од 03.10.2013 година – дава позитивно мислење (согласност);
– Јавно претпријатие за државни патишта со мислење бр. 09-8752/4 од 11.12.2014 година – дава позитивен одговор по предметниот УПВНМ;
– МЈП „Проаква Струга”, Р.Е.„ Водовод” – Охрид со согласност бр. 09-3442/2 од 04.10.2013 година – дава позитивно мислење, предвидените плански решенија на УПВНМ Лагадин-Пештани се совпаѓале со постојната хидротехничка мрежа;
– ЈП Нискоградба Охрид-Охрид со согласност бр. 09-1238/2 од 04.10.2013 година – дава позитивно мислење;
– Македонски Телеком АД Скопје со известување бр. 25-310295/2 од 14.10.2013 година – дава позитиво мислење;
– ЕВН Македонија АД Скопје, КЕЦ Охрид со известување бр. 24-2231/2 од 04.10.2013 година дава согласност по предметниот УПВНМ;
– Министерството за транспорт и врски со акт бр.14-16799/2 од 26.12.2014 година, дало согласност на Урбанистичкиот план вон населено место Лагадин-Пештани за Блок 3 и дел од Блок 4- КО Пештани, Општина Охрид, за плански период 2012-2022, изработен од „ПОЛОГПРОЕКТ-ПРО” ДОО Гостивар, со тех. бр. 24/12 од октомври 2014 година.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање, во периодот на донесување на оспорената одлука, се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011). Постапката за донесувањето на оспорената одлука отпочнала по влегувањето во сила на Закон за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година, па оттука анализата на правната и фактичката состојба се врши во однос на одредбите од Законот од 2005 година со неговите измени и дополнувања заклучно со последната измена и дополнување на Законот од 2011 година, односно според одредбите од Законот што важелe во време на отпочнување на постапката за донесувањето на предметниот урбанистичкиот план вон населено место, а не според одредбите од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 32/20) на кој се повикува подносителот на иницијативата.
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање како „Планирање на просторот”, во која се содржани членовите 7-48 од Законот.
Co член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Според член 13 од Законот, урбанистички план вон населено место се донесува по потреба за плански опфат, за подрачја на општините кои не се опфатени со генералните урбанистички планови и со урбанистичките планови за село. Со овој план се уредува намената и начинот на користење на просторот, како и условите за градење на комплекси и градби вон од градовите и другите населени места.
Урбанистички план од ставот 1 на овој член содржи текстуален дел и графички прикази на планските решенија, како и нумерички дел со билансни показатели за планираните површини и градби според намената и за инфраструктурата.
Графичките прикази од ставот 2 на овој член содржат: граница на планскиот опфат, намена и начин на користење на просторот, граница на блок, планско решение за примарната или секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите примарни или секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури. При разработка на најмалку еден блок графичките прикази содржат намена на земјиштето и градбите, регулациони линии, граници на градежните парцели, градежни линии, максимална висина на градбите изразена во метри до венец, планско решение за примарната или секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите примарни или секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.
Текстуалниот дел од ставот 2 на овој член содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури, други параметри за спроведување на планот, стратешка процена на влијанието врз животната средина, мерки за заштита на културното наследство, природата и животната средина, мерки за заштита од разурнувања и друго. При разработка на најмалку еден блок текстуалниот дел содржи и посебни услови за градење за поединечни градежни парцели.
Нумеричкиот дел од ставот 2 на овој член содржи: податоци за површините на градежни парцели, планираните површини за градење, максималната висина на градбите изразена во метри до венец, податоци за инфраструктурните водови и градби и друго .
Урбанистичкиот план вон населено место се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно со закон.
Податоците за постојната состојба, можностите за просторниот развој и програмските проекции за просторниот развој претставуваат документациона основа на урбанистичкиот план вон населено место, која е прилог на планот.
Урбанистичкиот план вон населено место во чијшто плански опфат постојат споменици, споменички целини, културни предели и други заштитени добра со статус на културно наследство, треба да содржат детални параметри за заштита на културното наследство.
Со член 21 од Законот е определено:
На нацртот на плановите од член 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Стручна ревизија на планот од член 7 точка 1 на овој закон, врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за работите од областа на просторното планирање и се состои од најмалку три члена од стручно-научни институции, истакнати научни и стручни работници од областа на просторното и урбанистичко планирање и од други области суштествени за изработка на планската документација.
Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од Буџетот на Република Македонија, и на државната урбанистичка планска документација врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Стручната комисија се состои од најмалку три члена, од кои најмалку двајца се со овластување за носител на изработка на урбанистички планови.
Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општините и буџетот на градот Скопје и на локалната урбанистичка планска документација, врши овластено правно лице од членот 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или градоначалникот на градот Скопје.
Забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
Стручна ревизија не може да врши изработувачот на планот на кој се врши ревизија.
Доколку изработувачот и донесувачот на урбанистичките планови од член 7 точка 2 на овој закон, на државната и локалната урбанистичка планска документација и на проектот за инфраструктура, не ги прибават потребните податоци и информации согласно со членот 29 од овој закон, на истите не може да се врши стручна ревизија.
Во член 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.
Со член 24 на овој закон е определено:
По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.
Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од член 17 став 4 на овој закон.
За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.
За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од член 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од член 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од член 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.
Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.
Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.
Согласно член 25 став 1 од Законот, на плановите од член 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од комисијата од член 17 став 4 на овој закон, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Според ставот 2 на овој член од Законот, на плановите од член 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Според ставот 3 од истиот член од Законот, согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.
Во ставот 4 на член 25 од овој закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Според ставот 5 од погоре наведениот член од Законот, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна 15 дена по добивање на согласноста од ставот 2 на овој член да го достави предлогот на планот до Советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје а претседателот на советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница и да одлучи по истиот.
Според член 26 став 5 од Законот, советите на општините со седиште во град донесуваат: генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Иако во наводите на иницијативата, подносителот смета дека со донесување УПВНМ е повреден член 4 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 32/20) со кој е уредена хиерархиската поставеност на просторните планови, законитоста на оспорениот УПВНМ ќе ја разгледаме од аспект на член 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011) каде исто така е регулирана хиерархиската поставеност на просторните планови.
Просторниот план на Република Македонија 2004-2020 („Службен весник на Република Македонија” број 39/04) е највисок, стратешки, долгорочен, интегрален и развоен документ изработен врз база на соодветни студии. Со Просторниот план се уредуваат условите за хумано живеење и работа на граѓаните, рационалното управување со просторот и се обезбедуваат услови за спроведување на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита од воени дејствија, природни и технолошки катастрофи.
Просторниот план на Охридско- респанскиот Регион 2005-2020 („Службен весник на Република Македонија” број 22/10) пак претставува разработка на Просторниот план на Република Македонија. Основната стратешка определба на Просторниот план на Охридско-преспанскиот регион 2005-2020 е остварување на повисок степен на функционална, економска и социјална интеграција на Регионот, поврзување со соседните простори пооделно и Републиката во целост. Просторниот план обезбедува интегрална заштита на природната просторна целина на националните паркови и споменици на природата (Јабланица, Охридско Езеро, Галичица, Преспанско Езеро, Пелистер).
Право и должност е на Републиката, Општината, како и на сите правни и физички лица, да обезбедат услови за заштита и за унапредување на животната средина, заради остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.
Во конкретниот случај, Урбанистичкиот план вон населено место Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4 КО Пештани (плански период 2012-2022) е дефиниран со осовините на улиците и катастарските парцели и тоа: На северозападната страна, границата започнува од раскрсницата на постојниот пат Охрид-Св. Наум (Р501) со станбената улица и оди кон југ по осовината на постојниот пат Охрид – Св.Наум и оди до замислениот пресек од границите на к.п. бр. 1167/1, 1167/33, 1169 и 1170 од југоисточната страна, свртува кон исток по наведените катастарски парцели и оди до пресекот со осовината на постојната улица, свртува на северозапад по осовината на наведената улица и оди до пресекот со патниот правец Охрид-Св.Наум каде што и започнува.
При изработка на урбанистичките планови вон населено место според Просторниот план на Охридско-преспанскиот Регион 2005-2020, треба да се обезбеди усогласување со насоките на просторните планови – преку добивање на услови за планирање на просторот, (што доносителот на оспорениот план го направил, односно видно од приложената документација, Општина Охрид добила од Министерството за животна средина и просторно планирање Решение за Услови за планирање на просторот за предметниот УПВНМ, а Агенцијата за планирање на просторот дала Услови за планирање на просторот за изработка на урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4), во кој се вклучени опфатеност и оправданост на планираните активности со локалните стратешки и други развојни планови и програми, дефинирање на планските опфати, стручни основи, упатства и согласности од надлежните ресорни институции, рационално и економично планирање на вкупната потребна инфраструктура, планирање на инфраструктурните коридори и објекти со приоритетно користење на постојните траси и помалку вредни простори, како и вклучување на сите субјекти во процесот заради навремено информирање и анкетирање на локалната заедница и рационално планирање на просторот.
Видно од целокупната урбанистичка документација што ни ја достави Општина Охрид и утврдената фактичка состојба при изработка на оспорениот урбанистички план вон населено место земена е во предвид законската регулатива, подзаконските акти, како и одредбите на Конвенцијата на УНЕСКО и документите донесени од органите на оваа конвенција втемелени во домашното законодавство врз основа на кои се уредува планскиот опфат, од аспект на заштита на животната средина, како и заштита на културното и историското наследство и добиено е позитивно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање по Извештајот за стратегиска оценка на животната средина за УПВНМ Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4 КО Пештани-Општина Охрид, Национална установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј” – Охрид во известувањето бр. 13-1469/2 од 01.11.2012 година навела дека во предметниот урбанистички опфат не постојат заштитени споменички добра или заштитени археолошки локалитети, Министерство за култура – Управата за заштита на културното наследство со известување бр. 08-919/2 од 04.03.2013 година констатира дека во документацијата по оспорениот УПВНМ Лагадин-Пештани блок 3 и дел од блок 4 се вградени одредбите на член 65 од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија” бр. 20/04 и 115/07), односно ако во текот на изведување на градежни, земјоделски или други работи се дојде до археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење, изведувачот на работите е должен да го пријави откритието, да ги запре работите, да го обезбеди наоѓалиштето од евентуално оштетување, уништување и од неовластен пристап, како и да ги зачува откриените предмети на местото и во состојбата во која се најдени, а од аспект на заштита на водите МЈП „Проаква Струга”, Р.Е. „Водовод” – Охрид и ЈП Нискоградба Охрид-Охрид дале позитивно мислење, дека предвидените плански решенија на УПВНМ Лагадин-Пештани се совпаѓаат со постојната хидротехничка мрежа и не предизвикуваат опасност по водите, крајбрежното земјиште и водните живеалишта на Охридското Езеро.
Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, дека во текот на донесувањето на оспорениот урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани за блок 3 и дел од блок 4 КО Пештани, Општина Охрид, плански период 2012-2022 година, биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, односно запазена била постапката за донесување на нацрт-планот, извршена стручна ревизија на истиот, спроведена јавна анкета и јавна презентација, добиени биле сите потребни мислења на предлог-планот од надлежните органи и институции и била добиена согласност, односно дадено е позитивно мислење од Министерството за транспорт и врски за донесување на планот. Од овие причини Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот на Република Северна Македонија, членовите 6, 8 и 9 од Законот за управување на светското природно и културно наследство, член 4 од Законот за урбанистичко планирање (односно член 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање) и Просторниот план за Охридско-преспанскиот Регион за 2005-2020 година и член 8 од Законот за водите.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.53/2022
1 декември 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска