Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 декември 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 244-а став 1 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014-исправка, 41/2014-исправка, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017 и 248/2018).
2. Бајрами Зејнула, преку полномошникот Елизабета Цветковска, адвокат од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законикот, означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорениот став 1 од член 244-а од Кривичниот законик не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6, 8 и 11, член 9, член 51 и член 91 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија.
Наведеното поради тоа што со предвиденото казниво дело во Кривичниот законик (бесправно градење) се прави дисбаланс во нормативното уредување на односите во општеството поради неусогласеност на постоечката законска регулатива со која се уредува предметната материја.
Како аргумент за ова тврдење, во иницијативата се наведува дека спротивно на обврската на државата да не допушта дискриминација, привилегии и повластувања, со оспорената одредба од Кривичниот законик, одредена група на граѓани се ставени во нерамноправна положба пред Уставот и законите, односно за една група на граѓани се овозможуваат привилегии и повластувања поради можноста да го остварат своето право на утврдување на правен статус на бесправно изграден објект согласно одредбите на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, додека, за друга група на граѓани, бесправното градење претставува кривично дело за кое законодавецот предвидува строги казни, што е спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
Во контекст на наведеното, подносителот се повикува на член 273 (пријавување на кривични дела) од Законот за кривичната постапка, кој уредува должност за државни органи, јавни претпријатија и установи за пријавување на кривични дела за кои се гони по службена должност за кои се известени или за нив дознале на друг начин. Доколку овој член од Законот за кривичната постапка се разгледува наспрема одредбите на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, може да се согледа дека барателите според тој закон, бараат да остварат законски загарантирано право на легализација на своите бесправно изградени објекти со поднесување на докази кон барањето, а тоа значи дека граѓаните со самото поднесување на барање за легализација на бесправно изграден објект и доказите кои ги доставуваат до општините, всушност даваат признанија (сами се пријавуваат до државен орган) дека сториле кривично дело.
Во иницијативата се наведува дека согласно член 273 од Законот за кривичната постапка, општините треба да ги пријават сите подносители на барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти за истите да сносат кривична одговорност, но очигледно дека тоа не е намера на извршната и законодавната власт. Ова произлегува од бројот на поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти којшто во пракса, процентуално е многу поголем од процентот на случаите во кои е применет член 244-а од Кривичниот законик. Ваквиот податок укажува на несоодветна казнена одредба или погрешно дефинирана казнена одредба којашто не соодејствува во моментот со примената на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Самиот факт на постоење и примена на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и на оспорениот член 244-а став 1 од Кривичниот законик укажува на видни правни контрадикторности што доведува до правна несигурност на граѓаните, а и поттик за корупција.
Од наведените причини, подносителот смета дека оспорената одредба од член 244-а од Кривичниот законик треба да се разгледува и преиспитува и во контекст на член 91 став 1 алинеја 1 од Уставот и да се укине. Ова со цел да и биде овозможено на извршната власт креирање и усогласување на соодветна одредба применлива со моменталната ситуација, поточно да се искреира одредба соодветно поставена во однос на другите нормативни правила и закони, со што казнената одредба за бесправно градење во целост ќе биде од јавен интерес на заедницата.
3. Судот на седницата утврди дека член 244-а е систематизиран во посебниот дел од Кривичниот законик во кој се содржани кривичните дела, помеѓу кои и кривичните дела против имотот, содржани во глава дваесет и трета.
Со оспорениот став 1 на член 244-а од Законикот е утврдено дека тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6, 8, 10 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија, темелни вредности на уставниот поредок се владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, што е определено во член 9 од Уставот.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Со изменувањата и дополнувањата на Кривичниот законик, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2008, се додава нов член 244-а со кој се пропишува ново кривично дело – бесправно градење, со следната содржина:
„(1) Тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години.
(2) Ако делото од овој член е сторено заради продажба, ќе се казни со затвор најмалку четири години.
(3) Со казната од став 2 ќе се казни и тој што изведува градежни работи спротивно на основниот проект или врши реконструкција на конструктивните елементи на градбата без основен проект и ја нарушува механичката отпорност, стабилноста на градбата и сеизмичката заштита.
(4) Службено лице во локална самоуправа или во орган на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот кое ќе донесе решение за локациски услови спротивно на важечки урбанистички план ќе издаде одобрение за градење спротивно на решението за локациски услови и стори нарушување на планираниот простор, со што за себе или за друг прибави противправна имотна корист или на друг му нанесе штета ќе се казни со затвор од три до осум години.
(5) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
(6) Изградените недвижности се одземаат.“
Целта на воведувањето на ова кривично дело е санкционирање на појавите на градење, изведување на градба или надзор на градба без одобрение или спротивно на одобрение, изведување на градежните работи спротивно на основниот проект, како и реконструкција на конструктивните елементи на градбата без основен проект и нарушувањето на механичката отпорност, стабилност на градбата и сеизмичката заштита. Од содржината на оспорениот став 1 од членот 244-а од Кривичниот законик произлегува дека со истиот се пропишува основниот облик на кривичното дело – бесправно градење со предвидена казна затвор од три до осум години. Притоа, содржината на оваа одредба упатува на заклучок дека основниот облик на ова дело се состои од изведување градба или вршење надзор над градбата на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или пак спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган. Понатаму, како дејствие на извршување на ова дело се предвидуваат: бесправното градење, изведувањето градба или вршењето надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште. Додека пак, објектот на дејствието кај ова дело е градба од секаков вид (куќа, станбена зграда, гаража и сл.), а како извршители можат да се јават градежникот, инвеститорот или лицето кое врши надзор.
5. Во конкретниот случај, согласно наводите во иницијативата, а имајќи ја предвид претходно изложената уставна и законска регулатива, во продолжение се наведени причините врз основа на кои е одлучено како во точката 1 од ова решение.
Според Судот, пропишаното кривично дело најпрво може да се разгледува од аспект на една од темелните вредности на уставниот поредок – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, што е определено во член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот. Интенцијата на законодавецот да го пропише овој вид на кривично дело е токму во функција на заштита на оваа темелна вредност на уставниот поредок, односно да се спречи секој облик на дејствија, спротивни на интересот за планско развивање на просторот што претставува јавен интерес и е во насока на задоволување на потребите на граѓаните.
Понатаму, разгледувајќи ја оспорената одредба на членот од Кривичниот законик наспрема член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото, е исто така, темелна вредност на уставниот поредок, Судот оцени дека оспорената содржина на членот од Кривичниот законик не имплицира повреда на принципот на владеењето на правото и правната сигурност како негов составен дел. Ова поради фактот дека станува збор за норма од Кривичниот законик, со јасна и прецизно формулирана содржина, којашто не остава простор за правна несигурност во поглед на тоа кое поведение на граѓаните, ќе се смета за недозволено, односно ќе подлежи на санкција. Тоа значи дека оспорената одредба јасно и прецизно ги содржи сите елементи врз основа на кои може да се утврди казнено-правната одговорност на сторителот за неговото противправно поведение.
Со иницијативата се оспорува уставноста на одредбата на членот од Кривичниот законик како спротивна и со член 8 став 1 алинеи 6 и 11 од Уставот, според кои правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок.
Во иницијативата, меѓутоа, нема наводи за причините поради кои се смета дека оспореното уредување „Тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години“, е спротивно на наведените темелни вредности. Поточно нема аргументи, зошто се смета дека пропишаното кривично дело не обезбедува правна заштита на сопственоста и која општо прифатена норма на меѓународното право не се почитува, односно се повредува со оспорената содржина. Оттука, Судот смета дека не може да се впушти во оцена на согласноста на оспореното нормирање од Кривичниот законик со член 8 став 1 алинеи 6 и 11 од Уставот токму поради фактот дека во иницијативата само се наведуваат уставните одредби како повредени, без аргументи за причините за неуставноста на одредбата на членот од Кривичниот законик со наведените темелни вредности на уставниот поредок.
Видно од наводите содржани во иницијативата, неуставноста на одредбата на членот од Кривичниот законик, подносителот ја темели и на наводи дека предвиденото кривично дело во Кривичниот законик создава дисбаланс во нормативното уредување на односите во општеството поради неусогласеност на постоечката законска регулатива со која се уредува предметната материја, којшто може да се надмине со укинување на предметната одредба на членот од Кривичниот законик, со што би се дало можност на извршната власт да изврши креирање и усогласување на соодветна одредба применлива со моменталната ситуација.
Во контекст на наведеното, наводите за неусогласенот на нормативата од два закони, поврзана со материјата – бесправно градење, односно наводите за контрадикторност на меѓусебни закони, не е уставно прашање за кое е надлежен Уставниот суд, туку прашање од делокругот на надлежностите на законодавецот, кој ги креира законите, во што спаѓа и прашањето за нивна меѓусебна согласност. Во оваа смисла, не може оспореното нормирање од член 244-а став 1 од Кривичниот законик да се доведува во контекст на член 91 став 1 алинеја 1 од Уставот, односно дека одредбата од Кривичниот законик не е во согласност со надлежностите на Владата на Република Северна Македонија.
Исто така, не е во надлежност на Уставниот суд да ја оценува уставноста на оспорената норма од Законикот, од аспект на тоа дали општините согласно член 244-а од Кривичниот законик ги пријавувале сите подносители на барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти за истите да сносат кривична одговорност, или не. Прашањето за фактичка примена на законите, не е уставно прашање за кое одлучува Судот.
Во надлежност на Уставниот суд е да ја цени согласноста на конкретно уредената содржина којашто ја имаат законските одредби со одредбите на Уставот, што во суштина не значи оцена на меѓусебната согласност на една законска содржина со друга законска содржина од ист или друг закон. Во член 110 алинеја 1 од Уставот јасно е дефинирано дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, притоа, поаѓајќи од уставната определба од член 51 став 1 од Уставот според која во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во оваа смисла, претходно во ова правно мислење се наведени причините поради кои Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба на членот од Кривичниот законик со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Исто така, неосновани се наводите за неуставноста на пропишаното кривично дело од член 244-а став 1 од Кривичниот законик бидејќи на една група граѓани им се овозможуваат привилегии и повластувања поради можноста да го остварат своето право на утврдување на правен статус на бесправно изграден објект согласно одредбите на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, додека за друга група граѓани, бесправното градење претставува кривично дело за кое законодавецот предвидел строги казни. Од анализата на оспорениот член 244-а став 1 од Кривичниот законик, според Судот, произлегува дека одредбата се однесува подеднакво за сите граѓани, независно од статусот на кој му припаѓаат или некое нивно лично својство, што значи, секој во чии дејствија се содржани елементите од пропишаното кривично дело – бесправно градење, подлежи на санкција. Истовремено, на секој, подеднакво му се достапни правните можности, предвидени во Законот за постапување со бесправно изградени објекти, да може да поднесе барање за легализација на бесправно изграден објект, согласно предвидените услови во тој закон, којшто, исто така подеднакво важи и се применува за сите граѓани. Поради наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето и за согласноста на оспорениот член 244-а став 1 од Кривичниот законик со принципот на еднакво постапување од член 9 од Уставот.
Следствено на ова, според Судот, не може да се постави прашањето за согласноста на член 244-а став 1 од Кривичниот законик со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.53/2021
1 декември 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска