Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 ноември 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 128 став 1 во делот: „на некој предмет или право што се запишани во јавни книги“ од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015).
2. Бобан Богдановски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите, оспорената одредба од член 128 став 1 во делот: „на некој предмет или право што се запишани во јавни книги“ од Законот за стечај не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија со кој се гарантира уставниот принцип на владеење на правото, како и со членот 51 од Уставот со кој се обезбедува овој уставен принцип.
Подносителот цитира содржина на повеќе одредби од Законот за стечај со цел да ја претстави законската уреденост на прашањата коишто се однесуваат на правото на намирување во стечајната постапка, конкретно одредби кои се однесуваат на разлачните доверители кои имаат право на одвоено, приоритетно намирување пред останатите доверители во стечајната постапка. Во овој дел од иницијативата, подносителот наведува дека Законот за стечај разликува три вида на разлачни права и во контекст на своите наводи ги издвојува разлачните доверители кои имаат право на намирување на некој предмет или право запишано во јавна книга, стекнати со посебен закон. Овој вид на доверители на кои Законот за стечај им дава својство на разлачни доверители, според подносителот, не се законски заложни доверители, туку доверители со право на намирување, коешто својство го стекнуваат во постапката за извршување. Поради ова, подносителот посочува и на содржина на одредби од Законот за извршување во насока на потврда на своите наводи дека институтот „право на намирување“ во извршното право е во колизија со неговата употреба во Законот за стечај. Во овој дел од иницијативата, подносителот прави компарација помеѓу Законот за стечај според кој разлачно право има доверител кој има право на намирување на некој предмет или право коишто се запишани во јавната книга во која се запишуваат правата на недвижностите или друг соодветен регистар, додека според одредбите на Законот за извршување, право на намирување доверител може да стекне само во случај на спроведување на извршување врз недвижност во сопственост на должникот.
Подносителот заклучува дека според одредбите на Законот за стечај, разлачното право може да му се признае на доверител кој има право на намирување на подвижен предмет или имотно право, но Законот не го уредува стекнувањето на ваквото право, поради што произлегува дека Законот за стечај не го дефинира правото на намирување како посебен институт на стечајното право, туку само го споменува во две одредби, како институт којшто изворно е уреден со посебен закон, кој закон, според него, не постои. Како резултат на ова, со примена на оспорениот дел од одредбата се создава различно толкување на институтот „право на намирување“ во стечајното и извршното право и на тој начин се создаваат проблеми во примената на овој институт во моментот на настанување на правните последици од отворањето на стечајната постапка над должникот, што е причина да се смета дека оспорениот дел од одредбата не е во согласност со владеењето на правото, кое се обезбедува преку член 51 од Уставот со кој се гарантира согласноста на законите со Уставот.
Според подносителот, наведеното произлегува од дефинира-њето на владеењето на правото кое подразбира во правниот поредок да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за таквото уредување да претставува една логична, правно-функционална целина што, според него, не е случај со оспорениот дел од ставот 1 на член 128 од Законот за стечај, којшто не е усогласен со одредбите од Законот за извршување, на кои се повикува како посебен закон со кој се уредува институтот „право на намирување“.
Од наведените причини, подносителот му предлага на Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата и по спроведената постапка, да донесе одлука со која ќе го укине истиот.
Во дополнувањето на иницијативата, подносителот посочува на Правното мислење, донесено од одделот за граѓански дела на Врховниот суд кое, според него, ќе предизвика сериозни штетни последици врз правниот поредок и владеењето на правото.
Подносителот смета дека со ова правно мислење се прави разлика помеѓу доверителите кои имаат право на намирување врз подвижна ствар, на кои ќе им се признава правото на разлачни доверители и доверителите кои имаат право на намирување врз недвижна ствар, на кои нема да им се признава разлачно право во стечајната постапка.
Ваквиот третман на доверителите во стечајната постапка не е во согласност со уставно загарантираното право на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Ова оттука што посебните закони со кои се регулирани овие институти не прават разлика кај правото на сопственост врз подвижна ствар како појако право во однос на правото на сопственост врз недвижна ствар. Еднаквоста на доверителите во стечајната постапка, според подносителот, подразбира сите носители на правото на намирување врз подвижна или недвижна ствар да можат или да не можат да стекнат разлачно право во стечајната постапка.
Поради наведеното, подносителот смета дека нужно е Уставниот суд да го укине оспорениот дел од одредбата со цел да се обезбеди заштита на темелното уставно начело на владеење на правото бидејќи на овој начин ќе се обезбеди еднаквост на сите доверители во стечајната постапка кои имаат разлачно право.
3. Судот на седницата утврди дека член 128 чиј став 1 се оспорува во делот: „на некој предмет или право што се запишани во јавни книги“ од Законот за стечај е систематизиран во делот четврти од Законот, глава шеста „Разлачни доверители“.
Според член 128 став 1 од Законот: „доверителите кои имаат заложно право или право на намирување на некој предмет или право што се запишани во јавни книги (во Државниот завод за геодетски работи, Централниот регистар, во други соодветни регистри и слично), имаат право на одвоено намирување на тој предмет или право според закон“.
4. Владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија.
Се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, согласно член 30 став 1 од Уставот.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, што е предвидено во член 51 од Уставот.
Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, според член 110 алинеја 1 од Уставот.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Северна Македонија ја гарантира правната заштита на сопственоста како една од темелните вредности на уставниот поредок, согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот. Ова значи дека уставотворецот става акцент на заштитата на сопственоста како темелна вредност на уставниот поредок, која понатаму е гарантирана со член 30 од Уставот, систематизиран во делот за економски, социјални и културни права од вториот оддел на Уставот кој се однесува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.
Од уставните одредби произлегува и дека Уставниот суд има надлежност да одлучува дали содржината на оспорениот дел од законската норма е во согласност со одредбите на Уставот, во конкретниот случај, со принципот на владеење на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок, предвидена со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, кој меѓу другото, налага законот да содржи јасни и прецизно формулирани норми, преку кои се гарантира правната сигурност на граѓаните како составен елемент на овој принцип.
Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015) во член 1 предвидува дека со овој закон се уредуваат целите и условите за отворање на стечајната постапка; органите на стечајната постапка; управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса; намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка; правните последици од отворањето на стечајната постапка; планот за реорганизација; личното управување; ослободувањето од другите обврски; посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец; стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот.
Во општите одредби од Законот, со член 3 став 1, јасно се изразени целите на стечајната постапка, при што определено е дека истата има за цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник со впаричување на должниковиот имот и распределба на остварените средства (приходи) на доверителите или со склучување на посебен договор за порамнување на побарувањата утврдени со планот за реорганизација што е насочен кон натамошно одржување на должниковиот деловен потфат.
Стечај или реорганизација над стечајниот должник се спроведува кога стечајниот должник е неспособен за плаќање, односно му претстои идна неспособност за плаќање, што претставува услов за отворање на стечајната постапка, определен во член 5 став 1 од Законот.
Четвртиот дел на Законот се однесува на намирување на побарувањата на доверителите во стечајната постапка. Во тој контекст, со ставот 1 на член 87 е предвидено дека стечајните доверители побарувањата кои ги имаат спрема должникот до денот на отворањето на стечајната постапка писмено ги пријавуваат во рок од 15 дена од денот на објавувањето на огласот во „Службен весник на Република Македонија“ со тоа што пријавите ги доставуваат до стечајниот управник на адресата објавена во огласот. Кон пријавата доставуваат писмени докази за побарувањето. Со ставот 2 се пропишани податоците коишто треба да ги содржи пријавата, а ставот 4 од овој член од Законот предвидува дека доверителите кои имаат право на одвоено намирување, покрај податоците наведени во ставот 2 на овој член, го наведуваат и делот од имотот на стечајниот должник на кој нивното право се однесува и висината на нивното побарување. Кон пријавата доставуваат писмени докази за обезбеденото побарување.
Во овој дел од Законот, со членовите 116 – 135, во посебни глави се разработени прашањата коишто се однесуваат на доверителите во стечајната постапка. Се прави разлика помеѓу четири вида на доверители, и тоа: „Стечаен доверител“ е физичко или правно лице кое по која било основа има побарување спрема стечајниот должник, а кое настанало пред отпочнување на стечајната постапка, што е определено во член 2 став 1 точка 64 од Законот; „Доверител на стечајна маса“ е физичко или правно лице кое по која било основа има побарување спрема стечајниот должник, а кое настанало по отворање на стечајна постапка, согласно член 2 став 1 точка 10 од Законот; „Доверител со право на издвојување на предмет или право“ е лице кое врз основа на некое свое стварно или лично право може да докаже дека некој предмет не спаѓа во стечајната маса, според член 2 став 1 точка 7 од Законот и „Доверител со обезбедено побарување“ е физичко или правно лице кое има заложно право, друго право за намирување на некој предмет или право што е запишано во јавна книга, што е определено во член 2 став 1 точка 6 од Законот.
Законот, во посебна глава ги уредува прашањата кои се однесуваат на разлачните доверители, членови 128 до 132. Во овој дел преку посебни одредби се предвидува право на одвоено намирување од предмети и права запишани во јавните книги; право на намирување од договори за финансиски колатерал; право на одвоено намирување на други заложни доверители и други разлачни доверители.
Членот 128 од Законот, со ставот 1 утврдува дека доверителите кои имаат заложно право или право на намирување на некој предмет или право што се запишани во јавни книги (во Државниот завод за геодетски работи, Централниот регистар, во други соодветни регистри и слично), имаат право на одвоено намирување на тој предмет или право според закон. Согласно ставот 2 од овој член, со правото од ставот 1 на овој член е изедначено и правото на намирување од акции, удели, други хартии од вредност и други финансиски колатерали.
Анализата на Законот за стечај во целина упатува на заклучок дека основна цел на стечајната постапка е заштита на доверителите чии интереси се загрозени од инсолвентноста, односно презадолженоста на нивниот заеднички должник. За таа цел законодавецот, преку соодветни правни правила им обезбедува на доверителите заштита на нивните интереси во текот на стечајната постапка со утврдување на конкретни права од формално-правен и материјално-правен карактер. Правата чија цел е намирување на доверителите, што е и основна цел на стечајната постапка, влегуваат во групата на права од материјално-правен карактер.
Од анализата на одредбите од четвртиот дел на Законот произлегува дека доверителите, односно лицата кои на денот на отворањето на стечајната постапка имаат определени побарувања кон стечајниот должник, се разликуваат според тоа кога го стекнале своето побарување. Тоа значи дека правната положба на сите доверители во стечајната постапка не е еднаква и се разликува во зависност од содржината и природата на нивните побарувања, како и според односот на побарувањата кон стечајната маса. Во смисла на наведеното, неспорно произлегува дека Законот прави разлика помеѓу доверители чиишто побарувања се опфатени со промените поради отворањето на стечајната постапка или т.н. непривилегирани доверители (стечајни доверители) и доверители врз чиишто побарувања, отворањето на стечајната постапка нема никакво влијание или т.н. привилегирани доверители (излачни и разлачни доверители). Во тој контекст, Законот во член 2 став 1 точка 7 определува дека доверител со право на издвојување на предмет или право е лице кое врз основа на некое свое стварно или лично право може да докаже дека некој предмет не спаѓа во стечајната маса, а согласно член 2 став 1 точка 6 од Законот, доверител со обезбедено побарување е физичко или правно лице кое има заложно право, друго право за намирување на некој предмет или право што е запишано во јавна книга. Ваквата положба на оваа група доверители произлегува од правата содржани во Законот за стечај, а тоа се правата на одвоено, односно посебно намирување, што е и една од спецификите на стечајната постапка. Овие права, на доверителите им овозможуваат привилегија на одвоено намирување, а стечајната постапка нема влијание врз обемот и содржината на остварувањето на истите.
На крајот, анализата на целината на Законот за стечај и посебно главата која се однесува на разлачните доверители во стечајната постапка упатува на заклучок дека разлачните доверители всушност претставуваат доверители со обезбедено побарување, што е во согласност со поимното определување на „доверителот со обезбедено побарување“ како физичко или правно лице кое има заложно право, друго право за намирување на некој предмет или право што е запишано во јавна книга, согласно член 2 став 1 точка 6 од Законот. Што значи, овој вид доверители имаат право на одвоено намирување од одредени предмети или права на стечајниот должник врз основа на претходно стекнато реално обезбедување на побарувањето. Неспорно е дека овие предмети или права му припаѓаат на стечајниот должник, го сочинуваат неговиот имот, влегуваат во стечајната маса, но, поради постоење на разлачното право, се издвојуваат во посебна стечајна маса од којашто разлачните доверители може да се намират првенствено и одвоено. Токму во таа насока е и член 128 од Законот, според кој разлачни доверители се доверителите кои имаат право на одвоено побарување во стечајната постапка на предмети или права, врз основа на заложното право или други права запишани во јавни книги. Правата на одвоено намирување на овој вид доверители се спроведуваат според прецизно определени законски норми. Како пример за тоа каде можат да бидат запишани предмети или права во смисла на оваа законска одредба, а со цел нејзино појаснување, во одредбата се наведени: Државниот завод за геодетски работи, Централниот регистар, во други соодветни регистри и слично. Со ставот 2 од овој член се предвидува и дека ист третман имаат и правото на намирување од акции, удели, други хартии од вредност и други финансиски колатерали.
5. Во конкретниот случај, причините за уставно проблема-тизирање на член 128 став 1 во оспорениот дел: „на некој предмет или право што се запишани во јавни книги“ од Законот за стечај се сведуваат на тоа дека станува збор за нејасна, непрецизна и двосмислена норма која не е во согласност со уставниот принцип на владеење на правото, кој се гарантира со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а се обезбедува преку член 51 од Уставот, а кој принцип подразбира во правниот поредок да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Ваквото свое тврдење, подносителот го аргументира со тоа дека примената на оспорениот дел од одредбата создава различно толкување на институтот „право на намирување“ во стечајното и извршното право од причина што Законот за стечај не го дефинира правото на намирување како посебен институт на стечајното право, туку само го споменува во две одредби, како институт којшто изворно е уреден со посебен закон, кој закон, според него, не постои.
Судот оцени дека овие наводи се неосновани поради следното:
Станува збор за јасна и прецизно формулирана одредба која е во насока на заштита на доверителите во стечајната постапка, конкретно разлачните доверители, чии интереси се загрозени од инсолвентноста, односно презадолженоста на нивниот заеднички должник. За таа цел, законодавецот преку соодветни, јасно и прецизно формулирани правни правила, на оваа група доверители им обезбедува заштита на нивните интереси во текот на стечајната постапка, со утврдување на конкретни права од формално-правен и материјално-правен карактер. На овој начин се штити сопственоста на доверителите во стечајната постапка, а со тоа законодавецот ја операционализирал уставната обврска за заштита на сопственоста како една од темелните вредности на уставниот поредок, согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, која понатаму се гарантира со член 30 од Уставот.
На ваков заклучок упатува анализата на целината на Законот за стечај, од каде произлегува дека како права од материјално-правен карактер, Законот ги предвидува правата чија цел е намирување на побарувањата на доверителите, што е и основна цел на стечајната постапка, а се однесуваат на сите доверители во стечајната постапка (стечајни доверители, доверители на стечајна маса, излачни и разлачни доверители). Притоа, Законот, како посебни права, карактеристични за стечајната постапка ги предвидува правата на одвоено намирување кои на доверителите (титулари) им овозможуваат привилегија на одвоено намирување, независно од текот на стечајната постапка, која нема влијание врз обемот и содржината на остварувањето на истите, а кои права им припаѓаат единствено на излачните и разлачните доверители во стечајната постапка, што произлегува од определувањето во член 2 став 1 точка 7 од Законот, според кој доверител со право на издвојување на предмет или право е лице кое врз основа на некое свое стварно или лично право може да докаже дека некој предмет не спаѓа во стечајната маса (излачен доверител) и член 2 став 1 точка 6 од Законот, според кој доверител со обезбедено побарување е физичко или правно лице кое има заложно право, друго право за намирување на некој предмет или право што е запишано во јавна книга (разлачен доверител). Во контекст на ова, Законот за стечај во посебна глава уредува кои доверители во стечајната постапка имаат статус на разлачни доверители кои правата на одвоено намирување ги остваруваат според јасни и прецизно определени законски норми, при што неопходно е исполнување на точно определени услови и претпоставки. Оттука, правата на одвоено намирување, кои им припаѓаат на излачните и разлачните доверители, а ги утврдува Законот за стечај, треба да се анализираат од аспект на целината на овој закон, што значи дека подносителот погрешно тврди дека Законот за стечај не го дефинира правото на одвоено намирување како посебен институт на стечајното право. Напротив, правата на одвоено намирување претставуваат една од специфичностите на стечајната постапка, коишто како права, како што веќе беше наведено, им припаѓаат на излачните и разлачните доверители во стечајната постапка, односно т.н. привилегирани доверители.
Според Судот, токму во насока на ова е член 128 од Законот чиј став 1 во делот: „на некој предмет или право што се запишани во јавни книги“ е оспорен со предметната иницијатива. Од содржината на ставот 1 на овој член во целина, произлегува дека истиот предвидува дека разлачни доверители се доверителите кои имаат право на одвоено намирување во стечајната постапка според закон, врз основа на заложно право или одредени предмети и права запишани во јавните книги. Значи, станува збор за предмети (ствари) или права кои му припаѓаат на стечајниот должник, го сочинуваат неговиот имот, влегуваат во стечајната маса, но, поради постоење на разлачно право, се издвојуваат во посебна стечајна маса од којашто разлачните доверители може да се намират првенствено и одвоено.
Оттука, со оспорениот дел од одредбата „на некој предмет или право што се запишани во јавни книги“ од став 1 на член 128 од Законот, Судот оцени дека законодавецот на јасен и прецизен начин определува дека овој дел од одредбата се однесува на предмети (ствари) или имотни права, кои според посебни закони се запишани во соодветни јавни книги и за кои се утврдува право на издвојување на истите од стечајната маса со цел наплата на побарувањето од страна на разлачните доверители во стечајната постапка. Значи, станува збор за граѓански субјективни права врз предметите (ствари) и права, чиешто запишување во јавните книги е предуслов за нивното остварување. Ваквото нормирање, според Судот е во согласност со правната сигурност како воспоставен принцип кој се користи при уредување на граѓанско-правните односи, а кој принцип значи почитување на обврските настанати врз основа на закон или преземени со договор.
Како сублимат на наведеното, имајќи ја предвид направената уставно-судска анализа, како и формулацијата на оспорениот дел од законската одредба кој е прецизен и јасен и како таков обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеење на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека овој дел од одредбата не може да се проблематизира од аспект на наводите во иницијативата, односно е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Во иницијативата, подносителот прави и компарација помеѓу одредби од Законот за стечај и Законот за извршување во насока на потврда на своето тврдење дека со примена на оспорениот дел од одредбата се создава различно толкување на институтот „право на намирување“ во стечајното и извршното право поради што овој правен институт е во колизија со неговата употреба во овие два закони што, според него, доведува до проблеми во неговата примена во моментот на настанување на правните последици од отворањето на стечајната постапка над должникот. Ваквите наводи, според Судот, не се во рамки на надлежностите на Уставниот суд определени во член 110 алинеја 1 од Уставот, според кој Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Што се однесува до наводите во дополнувањето на иницијативата по однос на Правното мислење, донесено од одделот за граѓански дела на Врховниот суд, кои се користат како аргументи за уставно проблематизирање на оспорениот дел од законската одредба, Судот оцени дека истите не можат да бидат основ за несогласност на оспорената законска одредба со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Правното мислење на Врховниот суд е во функција на единство во примената на законите, истото е задолжително за советите на Врховниот суд на Република Северна Македонија, а има влијание и врз пониските судови во унапредувањето на судската практика за усогласена примена на законите од сите судови. Оттука, не е во надлежност на Уставниот суд да цени дали истото ќе предизвика сериозни штетни последици врз правниот поредок и владеењето на правото.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.63/2021
23 ноември 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска