Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 ноември 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 219 став 2 од Колективниот договор на МВР („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оценка на меѓусебната согласност на член 219 став 2 со член 243 став 3 од актот означен во точката 1 на ова решение.
3. Синдикатот на Полицијата на Македонија од Велес, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 на ова решение.
Во иницијативата подносителот ја цитира оспорената одредба, како и одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот. Се укажува дека оспорената одредба е во спротивност со член 196 став 3 од Законот за внатрешни работи, чиј текст се цитира. Исто така, дадена е содржината на член 243 став 3 од Колективниот договор за МВР и се наведува дека оспорената одредба е во спротивност и со таа одредба.
Образложението за причините на неуставност и незаконитост се сведува на тоа дека во постапката за утврдување на дисциплинска одговорност има кратки рокови кои се преклузивни и не можат да се пролонгираат (пр. решението за изрекување на дисциплинска мерка министерот го донесува во рок од шест месеци од денот на пријавувањето на повредата на работниот ред и дисциплина, а најдоцна во рок од дванаесет месеци од денот кога е сторена повредата). Ова образложение подносителот го темели на одговорот што го добил од Министерството за внатрешни работи (Биро за јавна безбедност – Оддел за заеднички работи и управување со човечки ресурси), на нивното барање за прекин на постапките за утврдување на дисциплинска и материјална одговорност за време на траењето на кризата со Ковид–19. Од Уставниот суд се бара да одлучи дали оспорената одредба од член 219 став 2 од Колективниот договор на МВР е во согласност со Уставот, Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР.
4. Судот на седницата утврди дека член 219 од Колективниот договор на МВР („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021) е со наслов Прекин на дисциплинската постапка и тој во оспорениот став 2 предвидува дека прекинот на постапката во случаите од ставот (1) алинеи 1 и 2 на овој член, може да трае најдолго една година.
5. Надлежноста на Уставниот суд е дефинирана во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот според кој Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок.
Од член 51 на Уставот произлегува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на РСМ бр. 149/2021) е склучен на 24 јуни 2021 година помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат. Во членот 1 од Колективниот договор е определено дека со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.
Оспорената одредба е содржана во глава IX од Колективниот договор на МВР во која е уредена дисциплинската одговорност на вработените во МВР и во која се содржани одредби за дисциплинските мерки, потешките и полесните случаи на кршење на работната дисциплина, дисциплинската постапка, органите што ја водат дисциплинската постапка и сл. Со овие одредби од Колективниот договор всушност се прецизираат
одредбите за дисциплинската одговорност содржани во Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2014; 116/2014; 33/2015; 5/2016; 120/2016; 127/2016; 142/2016; 190/2016 и 21/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2019; 275/2019; 110/2021 и 89/2022), кој во членот 65 предвидува дека правата и обврските од работниот однос, работниците во Министерството ги остваруваат согласно одредбите од овој закон, Законот за полиција, прописите од областа на работните односи и Колективниот договор на Министерството.
Меѓу тие одредби од Законот за внатрешни работи, е поместена и одредбата од член 196 став 3 според која, решението за изрекување на дисциплинска мерка на работникот, министерот е должен да го донесе во рок од шест месеци од денот на пријавувањето на повредата на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, а најдоцна во рок од 12 месеци од денот кога е сторена повредата. Идентична одредба е предвидена и во член 243 став 3 од Колективниот договор на МВР.
Наводите во иницијативата за несогласност на оспорената одредба од член 219 став 2 од Колективниот договор на МВР со член 196 став 3 од Законот за внатрешни работи, односно со член 243 став 3 од Колективниот договор, за Судот се неприфатливи од следните причини: Имено, оспорената одредба од член 219 став 2 од Колективниот договор се однесува на прекинот на постапката, односно таа го уредува максималното траење на прекинот на постапката и таа по својата содржина е идентична со член 195 став 2 од Законот за внатрешни работи, кој исто така го уредува прекинот на дисциплинската постапка. Член 243 став 3 од Колективниот договор пак, го регулира рокот во кој министерот е должен да го донесе решението за изрекување на дисциплинска мерка. Овој член, исто така, има идентична содржина со член 196 став 3 од Законот за внатрешни работи. Значи, станува збор за две одредби кои уредуваат сосема различна материја и кои имаат различна правна основа, но и двете одредби се целосно содржински преземени од соодветните одредби од Законот за внатрешни работи, па оттука останува нејасно зошто подносителот ја оспорува согласноста на одредбата за траењето на прекинот на постапката од член 219 став 2 од Колективниот договор со Законот за внатрешни работи, во ситуација кога и Законот за внатрешни работи во член 195 став 2 има одредба со иста содржина.
Судот смета дека содржината на оспорената одредба треба да се анализира во контекст на тоа што значи самиот институт прекин на постапката и неговите ефекти. Имено, прекинот на постапката е правен
институт на процесното право што се сретнува во сите процесни закони односно постапки (кривична, парнична, прекршочна, управна, дисциплинска итн.). Иако во сите процесни закони постојат одредби со кои се бара постапките да се завршат што побрзо и со што помалку трошоци, во реалноста се случуваат и такви ситуации кои го оневозможуваат натамошното водење на постапката, поради што е потребно таа привремено да застане, односно да се прекине. Околностите кои го предизвикуваат прекинот на постапката или причините што доведуваат до тоа се најразлични и тие можат да бидат поврзани со самите странки или со определени објективни околности кои не зависат од волјата на странките. Пример, во оспорениот член 219 од Колективниот договор на МВР такви причини, односно околности поради кои доаѓа до прекин на постапката се: болест на работникот, потребата дисциплинската комисија да расправи некое претходно прашање, потребата за доставување на исправи, елементарни непогоди поради кои комисијата не може да работи, работникот се наоѓа во притвор. Сите овие околности ги спречуваат странките во постапката нормално да ги вршат дејствијата во постапката поради кои таа може да се прекине сè додека траат тие околности.
Една од најзначајните правни последици од прекинот на постапката е што во случај на прекин, престануваат да течат сите рокови за преземање на дејствија во постапката. Тоа впрочем е уредено и во член 221 став 4 од Колективниот договор, според кој, роковите што поради прекинот на постапката престанале да течат, почнуваат да течат одново од денот кога Комисијата ќе донесе одлука за продолжување на постапката. Во глава IX од Колективниот договор на МВР (член 207-245) детално е уредена дисциплинската одговорност на работникот и сите дејствија на дисциплинската постапка (такви дејствија се: поднесување предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност – член 223 и член 224; доставување на предлогот до работникот, синдикалниот претставник, комисијата за водење дисциплинска постапка – член 225 и член 226; претходно испитување на уредноста на предлогот – член 229; одржување на расправа по предлогот – член 230; изведување на докази – член 235; изјаснување на работникот- член 234; советување и гласање – член 239; донесување на предлог за утврдување на дисциплинска одговорност – член 240; донесување на решение за изрекување на дисциплинска мерка од страна на министерот – член 243 итн.) при што за одделните дејствија се утврдени и рокови за нивно преземање. Сите тие рокови, вклучително и рокот за донесување на решение за изрекување на дисциплинска мерка од страна на министерот (како едно од процесните дејствија во постапката), престануваат да течат во моментот кога настапува прекин на постапката поради причините утврдени во член 219, односно продолжуваат да течат кога комисијата ќе донесе одлука за продолжување на постапката. Така, во член 221 став 1 од Колективниот договор е утврдено дека постапката што е прекината од причините во член 219 од овој колективен договор, продолжува кога ќе престанат причините за прекинот, а согласно ставот 4 на истиот член, роковите што поради прекинот на постапката престанале да течат, почнуваат да течат одново од денот кога Комисијата ќе донесе одлука за продолжување на постапката.
Оттука, може да се заклучи дека поради прекинот на постапката не може да дојде до истек на рокот за донесување на решение за изрекување на дисциплинска мерка, бидејќи и тој рок престанува да тече во случај на прекин на постапката. Поради наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите на подносителот на иницијативата за несогласност на член 219 став 2 од Колективниот договор на МВР со член 196 став 3 од Законот за внатрешни работи. Ова дотолку повеќе што, како што е наведено погоре, одредба со идентична содржина како и оспорената веќе е содржана во член 195 став 2 од Законот за внатрешни работи, што очигледно подносителот го нема земено предвид. Фактот што со одредба во подзаконски акт – Колективен договор се во целост преземени одредби од законот, барем во овој конкретен случај не може да го доведат во прашање уставното начело на владеење на правото гарантирано во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот коешто бара постоење на јасни и прецизни норми и внатрешна усогласеност на правните норми во нивната хиерархија, односно почитување на принципот на законитост од член 51 од Уставот.
Што се однесува до примената на оспорената одредба и со неа поврзаните одредби од Колективниот договор на МВР, на што укажува подносителот во иницијативата, тоа е прашање на примена на законот, за што не е надлежен Уставниот суд.
Уставниот суд, исто така, не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на одредбите во ист правен акт, поради што Судот утврди дека врз основа на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата треба да се отфрли во делот во кој се бара оценка на согласноста на одредбата од член 219 став 2 со одредбата од член 243 став 3 од Колективниот договор на МВР.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.78/2022
23 ноември 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска