У.бр.88/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 ноември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2021 година, Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2021 година, бр.17-251/7 и Завршната сметка на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2020 година, донесени од Советот на Општина Демир Хисар, на 49-тата седница, одржана на 12.03.2021 година, објавени во „Службен гласник на Општина Демир Хисар” број 4 од 18.03.2021 година.

2. Љупчо Ангелески од Демир Хисар, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата и дополнително доставениот поднесок, оспорените акти, донесени од Советот на Општина Демир Хисар, не се уставни и законити, бидејќи со истите се повредува член 41 став 2 од Законот за локалната самоуправа, член 44 точка 1 и член 62 точка 2 од Статутот на Општина Демир Хисар и член 68 од Деловникот за работа на Советот на Општина Демир Хисар, од причини што при нивното донесување е овозможено онлајн гласање на еден отсутен советник, а кој начин на гласање не е регулиран во Законот за локалната самоуправа, ниту во Статутот на Општина Демир Хисар и Деловникот за работа на Општината. Според погоре наведените членови, Советот може да одлучува, односно советник може да гласа само доколку физички е присутен на седница на Советот.

Понатаму се наведува дека на 49-тата седница на Советот на Општина Демир Хисар, одржана на 12.03.2021 година, од вкупно 11 советници, присутни биле 10 советници, а еден советник бил отсутен. Актите во Општината Демир Хисар се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број на советници, поточно за нивното донесување треба да гласаат најмалку 6 (шест) советници од вкупно присутни 11 советници. Спорните акти се донесени со 6 гласа „за”, но всушност Советот ги донел со 5 гласа „за”. Според подносителот, шестиот глас е од советникот кој гласал преку комуникациски средства.

Во иницијативата се наведува и дека на самата седница Советот изгласал измена и дополнување на дневниот ред, а како прва точка била вметната точката „Донесување на Одлука за работа на Советот на Општина Демир Хисар со употреба на комуникациски средства”. Советот, водејќи се од одредбите на таа одлука, при донесувањето на оспорените акти, дозволил отсутниот советник да гласа и одлучува како шести советник, при што, токму со овој чин, според подносителот, Советот на Општина Демир Хисар, ја довел во прашање уставноста и законитоста на оспорените акти.

Одлуката за работа на Советот на Општина Демир Хисар со употреба на комуникациски средства за да произведе правно дејство прво треба да биде објавена во службено гласило на Општината, а во случајот било обратно направено. Одлуката веднаш на самата седница произвела правно дејство, советникот гласал онлајн, а потоа на 18.03.2021 година, истата била објавена во службеното гласило на Општината. Бидејќи гласањето и донесувањето на оспорените акти било засновано и спроведено врз основа на одлука којашто во моментот на гласањето и донесувањето на оспорените акти, не произведувала правно дејство, подносителот со иницијативата бара оспорените акти да бидат прогласени за неуставни и незаконити.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Демир Хисар, на 49-тата седница одржана на 12.03.2021 година, донел Буџет на Општина Демир Хисар за 2021 година, Одлука за извршување на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2021 година, бр.17-251/7 и Завршна сметка на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2020 година, сите објавени во „Службен гласник на Општина Демир Хисар” број 4 од 18.03.2021 година.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а согласно алинеја 2 на истиот член од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на погоре наведените акти, од причини што гласањето и донесувањето на истите, било засновано и спроведено врз основа на Одлуката за работа на Советот на Општина Демир Хисар со употреба на комуникациски средства, кој начин на гласање не е регулиран во Законот за локалната самоуправа, ниту со Статутот на Општина Демир Хисар и Деловникот за работа на Општината.

Во текот на спроведувањето на претходната постапка, побаран е и добиен одговор од Советот на Општина Демир Хисар, со кој се произнесе по наводите од иницијативата. Во истиот стојат наводи за причините поради кои Советот ја донел Одлуката за работа на Советот на Општина Демир Хисар со употреба на комуникациски средства. Од Записникот од 49-тата седница, може да се констатира дека за донесувањето на Одлуката за работа на Советот на Општина Демир Хисар со употреба на комуникациски средства имало 6 гласа „за” и 4 гласа „воздржани”, додека за донесувањето на оспорените акти, исто така имало 6 гласа „за” и 5 гласа „воздржани”, од што несомнено е дека гласот на членот на Советот кој не бил физички присутен, не е одлучувачки во донесувањето на оспорените акти, се наведува во доставениот одговор. Се наведува и дека од страна на Министерството надлежно за вршење на работите на локалната самоуправа кој врши надзор над законитоста на прописите на општината, не е донесено решение за запирање на оспорените прописи, а кои градоначалникот согласно член 118 став 1, а во врска со член 119 од Статутот на Општина Демир Хисар, ги доставува на Министерството.

Разгледувајќи ги оспорените акти и тоа: Буџетот на Општина Демир Хисар за 2021 година и Одлуката за извршување на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2021 година, бр.17-251/7, Судот констатира дека станува збор за акти со временска важност за годината за која се донесени, односно дека важноста на истите завршила заклучно со 31.12.2021 година.

Дополнително, во однос на оспорената Завршна сметка на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2020 година, Судот утврди дека станува збор за акт во кој се содржани вкупните приходи и расходи, како и билансите на приходите и расходите на Завршната сметка на Буџетот на Општината за 2020 година, со што во истиот отсуствуваат правните елементи коишто го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена.

5. Имајќи предвид дека погоре наведените оспорени акти го исцрпиле своето правно дејство за годината за која се донесени, како и имајќи предвид дека оспорената Завршна сметка на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2020 година, нема карактер на акт подобен за уставно-судска оцена, Судот констатира процесна пречка за постапување по иницијативата што е причина за отфрлање на истата согласно 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

 

У.бр.88/2021
23 ноември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска