Уставниот суд ќе ја одржи 40. седница на 14 декември (среда) во 9:30 часот, со дневен ред на кој се предвидени шест иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.
I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
1.Реферат У.бр.297/2020
Оспорени: Членовите 70, 131 и 135 во делот „Освен одредбите на членот 70 од овој закон кои ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2021 година“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/2019).
Подносител на иницијативата: Марика Димитровска, адвокатка од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата оспорените одредби се во колизија со член 68 од Законот за прекршоците којшто од една страна ја гарантира жалбата против решението за прекршок преку прекршочниот орган до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, а од друга страна со членот 70 за истото прашање е предвидена и тужба до Управен суд со што подносителот наведува дека се предизвикува хаос во правниот сообраќај, односно странките немаат да знаат до која институција да бараат правна заштита. Се наведува дека оспорените одредби ја нарушуваат правната сигурност и се во спротивност со начелото на „владеење на правото“ кое е една од темелните вредности на Уставот.
2.Реферат У.бр.28/2022
Оспорени: Член 44 став 2 од од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021).
Подносител на иницијативата:Благоја Новески
Од наводите во иницијативата:
Оспорениот став 2 на член 44 од Законот, според наводите во иницијативата бил во спротивност со член 9 став 2 од Уставот бидејќи оспорената законска содржина ја ограничувала можноста лицето да го оствари своето право на надоместок заради попреченост поради возраста.
3.Реферат У.бр.64/2022
Оспорен: Член 205 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009).
Подносител на иницијативата: Осигурување Македонија а.д.Скопје- Виена Иншуренс Груп, од Скопје, застапувано од адвокат Игор Спировски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека одредбата од Законот не е јасна и предвидлива и го исклучува правното дејство на пресуди на Врховниот суд донесени во постапка на ревизија со кои се укинати или преиначени пресуди на пониските судови врз основа на кои била извршена присилна наплата на надоместокот на штета означен во таа одредба и ја сведува ревизијата на неефикасно правно средство (повреда на правна заштита на сопственоста).
Се наведува дека е нужно оспорената одредба од Законот да се согледува во контекст на одредбите што се однесуваат на правилата за враќање кај „стекнување без основа“ и во однос на надоместокот на штета односно справедлив надоместок во случаи на повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт од тој закон.
4.У.бр.277/2020
Оспорени: Член 288, член 381 ставови 3 и 4, член 483, член 484, член 485, член 486, член 487, член 488, член 489 и член 490 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018).
Подносител: Александра Илиева Милчова, адвокатка
Од наводите во иницијативата:
Подносителката на иницијативата наведува дека оспорените одредби се нејасни бидејќи Јавното обвинителство е орган кој треба да ги гони сторителите на кривични дела, а со одредбите според неа станува орган кој одллучува дали постои или не кривично дело, дали делото е застарено, дали настапила амнестија или помилување. Подносителката одредбите ги оценува како спротивни на Европската Конвенција за човекови права и Законот за судовите, според кој секој има право на правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд.
5.У.бр.23/2022
Оспорени: Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска Четврт 3 04, Блок 04.05-Општина Карпош, заведена под број 09-1656/3 од 3 март 2022 година, со плански период (2020-2025), површина на опфатот(6.313 ха), изработен од „Билд Урбан” ДООЕЛ Скопје, од март 2021 година, донесена на 5. вонредна седница на Советот на Општина Карпош и објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.4/2022.
Подносител: Наташа Шурбановска
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата е наведено дека оспорениот детален урбанистички план ги руши темелните вредности врз кои е заснован уставниот поредок и дека донесената одлука мора да биде во согласност со ГУП на Град Скопје, бидејќи просторот од градска четврт кадешто е предвидено да се гради бензинска пумпа е планиран за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, а тоа се објекти за домување и делумно комерцијални објекти, но не и објекти со класа на намена Е-инфраструктура во која влегуваат бензински пумпи. Се наведува дека не постојат услови за комунална супструктура за намена на објекти како бензинска пумпа и секоја таква градба би ја загрозило инфраструктурата и може лошо да влијае на здравјето на луѓето и на животната средина. Подносителката наведува дека општина Карпош нетранспарентно ја донела Одлуката за неспроведување на стратегиска оценка на влијанието врз животната средина.
6.У.бр.54/2022
Оспорени:Одлука за донесување на Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер”, КО Долно Лакочереј-вон град, општина Охрид, плански период 2013-2023, со бр. 08-2681/4, донесена од Советот на општина Охрид на 27.02.2015 година („Службен гласник на општина Охрид бр.2” од 03.03.2015 година).
Подносител на иницијативата: Наташа Шурбановска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката на иницијативата смета дека оваа одлука е спротивна на темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, бидејќи со Урбанистички план вон населено место, општината урбанизира простор со намена индустриска зона во чиј делокруг може да се градат индустриски објекти со класа Г2- Лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија. Според наводите, Урбанистичкиот план за Долни Лакочереј вон град е спротивен и на членовите 6,8 и 9 од Законот за управуваање на светското природно и културно наследство и обврската на државата за должна заштита на Охридскиот регион од активности кои можат да предизвикаат уништување и деградација на светското природно и културно наследство. Подносителката наведува дека при донесување на оспорениот урбанистички план Општина Охрид не водела сметка дека индустриската зона се наоѓа на само 700 метри од црквата „Св. Еразмо”-светско културно наследство и 900 метри од Охридското езеро(заштитено од УНЕСКО)
II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
У.бр. 319/2020
Подносител на барањето: Дејан Владев преку Гоце Тасков, адвокат од Свети Николе.
Oспорени: Пресуда П-5-2/19 од 16.03.2020 година на Основен суд Свети Николе и пресуда ГЖ.бр.474/20 од 25.09.2020 година на Апелационен суд Штип.
Од наводите во барањето:
Подносителот на барањето за заштита на слободите и правата наведува дека на 02.07.2019 година на прес-конференција во Свети Николе, во својство на претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ, објавил за присуство на случај со вирусот „Коксаки“ во детската градинка „Рахилка Гонева“ од Свети Николе и дал изјава во која посочил дека раководството на градинката и градоначалникот на Свети Николе криеле за присуство на вирусот. Бил тужен за клевета и тужителите ги добиле споровите против него. Подносителот на барањето смета дека со наведените пресуди била сторена повреда на правото на мисла и јавно изразување на мисла загарантирано со членот 16 став 1 од Уставот и дека е дискриминиран по основ на припадност на политичка партија.