Уставниот суд денеска ја одржа 39. седница со дневен ред на кој беа закажани четири иницијативи за оценување на уставност и законитост и две барања за слободи и права и одлучи:
1.Реферат У.бр.302/2020
Да не поведе постапка за член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019) и член 119 став 1 точка 9 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.191/2019).
Подносител на иницијативата: Политичката партија ВМРО–ДПМНЕ и Стојанче Геровски, адвокат од Скопје.
2. Реферат У.бр. 135/2021
Да ја отфрли иницијативата за оценување на уставност и законитост на член 147 став 2 од Законот за нотаријатот (“Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2016 од 12.04.2016 година).
Подносител на иницијативата:Здружение за заштита од дискриминација – Виница
Уставниот суд одлучи да поведе постапка и изрази сомнеж во уставноста на членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
Во членот за кој е поведена постапка е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има правата на остварување на плата по престанувањето на функцијата. Лицата додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од членот 22 од Законот.
Што се однесува до останатите одредби Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членовите: 19, 20, 21, 23, 24 и 25 од Законот означен во точката 1 од ова решение и одлучи да ја отфрли иницијативата по однос на барањето за оцена на меѓусебната согласност на одредбите означени во точките 1 и 2 од ова решение со членовите: 105, 106 и 113 од Законот за работни односи.
Подносител на иницијативата: Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга.
4. Реферат У.бр.111/2021
Ја отфрли иницијативата за оценување на Одлуката за започнување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за модернизација на системот на јавно осветлување, преку финансирање, реконструкција, управување, одржување и развој на интелигентен и адаптивен систем на јавно осветлување (Smart lighting System) во Општина Кичево, бр.08-944/7 од 29.04.2021 година, донесена од Советот на Општина Кичево и Одлука за избор на најповолен понудувач бр.08-2027/3 од 30.08.2021 година, донесена од Советот на Општина Кичево.
Подносител на иницијативата: Фатмир Лимани од Кичево.
5.У.бр.316/2020
Денеска се одлучуваше дали да се одржи јавна расправа за овој предмет и Судот одлучи да не го прифати предлогот за јавна расправа. По ова предметот повторно ќе биде разгледан на некоја од следните седници и ќе биде одлучено по барањето за заштита на слободи и права на подносителот.
Подносител на барањето: Антонијо Милошоски од Кичево, застапуван од Петро Јанурa, адвокат
6.У.бр.66/2021
Судот го отфрли и во еден дел го одби барањето за заштита на слободи и права во коешто се содржани наводи за дискриминација на граѓаните врз основа на пол. Подносителот на барањето бараше заштита на правото на еднаквост, гарантирано со членот 9 од Уставот, во врска со остварувањето на правото на презумпција на невиност гарантирано со членот 13 од Уставот и член 6 став 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Во барањето се наведува дека на подносителот му е повредено правото на семеен живот како составен дел од правото на почитување на приватниот и семејниот живот гарантирано со членот 40 од Уставот и членот 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
У.бр. Реферат 219/2020
Се запира постапката за оценување на уставноста на член 15 став 1 во точка 1 во делот: „освен за конзуларните преставништва водени од почесни конзули” и ставот 7 од Законот за данок на моторни возила.
Ова е одлучено бидејќи основите за сомневање во уставноста на оспорените законски одредби се отпаднати, а предлогот за поведување на постапка бил заснован врз погрешна фактичка состојба. Овој предмет беше предложен како конечен за одлучување бидејќи дискусијата е исцрпена на претходна седница.
Подносител на иницијативата: Ајдован Адемовски