Уставниот суд оформи 15 нови предмети во периодот од 27 октомври до 24 ноември 2022 година

Уставниот суд оформи 15 нови предмети во периодот од 27 октомври до 24 ноември 2022 година по претходно поднесени иницијативи за оценување на уставност и законитост. Тим од советници и судии работат на нив и се во почетна фаза, односно претходна постапка. Напоменуваме дека оформувањето на предмет не значи прифаќање на наводите од иницијативите. Кога ќе бидат изготвени рефератите ќе бидат предадени за одлучување на седница на Уставниот суд. 

У.бр.103/2022

Оспорен: Член 78-г од Законот за градење

Подносител на иницијативата: Даниел Георгиевски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот во иницијативата наведува дека со оспорената одредба се нарушува владеењето на правото и принципот на еднаквост пред законите бидејќи се даваат ексклузивни права и повластици на оние субјекти што ги прекршуваат законите. Конкретно се наведува дека оспорениот член е противуставен бидејќи се даваат права на оние субјекти коишто незаконски изградиле објекти само за типот на индустриски градби со класа на намена Г2(лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија). 

У.бр.104/2022

Оспорен: Член 1 од Анекс за изменување на Колективен договор за здравствена дејност („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/19) и член 4 од Анекс за изменување на Колективен договор за здравствена дејност („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/20).

Подносител на иницијативата:  Насер Муареми и други.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените одредби ги ставаат во нерамноправна положба организациските директори споредено со медицинските директори, иако според него Законот за здравствена заштита не прави разлика во поглед на нивните обврски и одговорности. 

У.бр.105/2022

Оспорен: Член 21 став 2 од Законот за даноците на имот.

Подносител на иницијативата:

Содржина на оспорената одредба: „При замена на недвижности даночната основа е разликата на пазарните вредности на недвижностите кои се заменуваат”

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека оспорената одредба овозможува привилигирано одданочување на размена на една недвижност за друга недвижност и во тој случај данокот на промет се плаќа само на разликата меѓу вредноста на недвижностите, односно со данок на промет на недвижност се задолжува учесникот во размената кој внел недвижност со поголема вредност. Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба не е во согласност со Уставот и владеењето на правото кое произлегува од него како темелна вредност. 

У.бр.106/2022

Оспорен: Делот „на овој член“ од алинеја 4 на ставот 1 од членот 101 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената одредба може да доведе до заблуда при примена бидејќи не е во согласност со владеењето на правото предвидено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. 

У.бр.107/2022

Оспорен: Член 54, 68, 69 став 1 алинеја 1, член 98 став 1, член 99 став 4, член 100, 101 од Колективен договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.220/22).

Подносител на иницијативата: Кирил Михајлоски, адвокат 

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека оспорената одредба е спротивна на Уставот кој обезбедува еднаквост на сите граѓани во слободите и правата, како и дека не е во согласност со Законот за работните односи. Се наведува дека оспорената одредба ги става во понеповолна положба граѓаните кои не се членови на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура- СОНК, бидејќи оние работници кои не се членови на СОНК според подносителот не може да остваруваат права на отсуство од работа со надоместок на плата, право на регрес на годишен одмор, право на јубилејна награда, право на надоместок за вонредно ангажирање и придонес во предучилишното воспитание и образование итн. 

У.бр.108/2022

Оспорен: Член 271 став 1, член 272, 275, 276 од Колективниот договор.

Подносител: Синдикат на полиција на Македонија

Од наводите во иницијативата:

 Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби се неуставни и спротивни на Законот за работни односи бидејќи Синдикатот на полицијата во Македонија се доведува во нееднаква положба и не може рамноправно да ги застапува правата на неговите членови за разлика од другиот синдикат. Подносителот упатува на дискриминација и нееднаквост и на членовите на Синдикатот на полиција на Македонија. 

У.бр.109/2022

Оспорен: Делот: „став 4“ од член 152 став 1 точка 2 од Законот за градење.

Подносител: Игорчо Точев 

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека оспорената одредба е противуставна бидејќи ги доведува во заблуда оние кои би ја применувале нормата, односно оспорениот став го тангира странското правно лице и неговите обрски, како и прекршочна одговорност за правното лице кое вработува странско физичко лице како проектант без потврдено овластување од комората. Оспорената одредба според него не е согласно Уставот и владеењето на правото бидејќи потврденото овластување од комората кое се бара како странското физичко лице би било вработено како проектант во правно лице , не е предмет на уредување на членот 42 став 1,2, 3 и 4 од истиот закон. 

У.бр.110/2022, У.бр.111/2022 и У.бр.112/2022

Оспорен: Одлука за превземање на мерки на услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.232/22).

Подносител:ЗЕЛС, Марко Колев- градоначалник на Велес, Ацо Ристов- градоначалник на Радовиш

Од наводите во иницијативите: 

Подносителите наведуваат дека Владата излегла од своите надлежности и ингеренции бидејќи ја донела оспорената Уредба со која се забранува основање на јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење на дејност од јавен интерес- јавно осветлување. Ја оценуваат како спротивна на Уставот, Законот за јавни претпријатија, Законот за трговски друштва, Законот за комунални дејности и Законот за енергетика. Се наведува дека Владата наместо со Уредба требало да направи интервенција преку закон кој ќе биде донесен од Собранието. 

У.бр.113/2022

Оспорен: Член 4 и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Репубчика Македонија“ бр.97/10).

Подносител: Бојан Стојевски, адвокат

Содржина на оспорената одредба: (член 4): „Основицата утврдена согласно со членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката во износ од 23.153 денари се применува заклучно со исплатата на платите за декември 2011 година а од јануари 2012 година се применува основицата во износ од 25.726 денари”.

-(член 1): „Платите на избраните и именуваните лица во Републиката во 2014 година може да се зголемат за 4% започнувајќи со исплатата на платите за октомври 2014 година”.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото и обезбедувањето на правната сигурност затоа што според него платите на именуваните и избраните лица се замрзнати на некој начин со основица од 25.726 денари, зголемена за 4% во 2014 година. Се наведува дека оспорените членови се во спротивност со Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица во кој е предвидено дека основица за пресметување на платата е просечната месечна плата по вработен во Републиката за претходната година. Вo иницијативата се наведува дека се создаваат услови за различно толкување на оспорените одредби и дека на оваа категорија избрани и именувани лица им се повредува правото на соодветна заработувачка којашто произлегува од нивниот статус. 

У.бр.114/2022

Оспорен: Делот „и 2“ од член 22 став 1 и член 56 став 1 точка 3 од Законот за трговија.

Подносител: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба упатува на примена на членот 13 став 2 од Законот за трговија кој сметано од 05.02.2019 годиан не е повеќе во правниот промет.  Во иницијативата се наведува дека владеењето на правото подразбира дека во правниот поредок треба да постојат јасни  и прецизни норми и кога една упатува на примена на друга норма,  истата треба да е во правна сила. 

У.бр.115/2022

Оспорен: Делот „став 4 на“ од член 113 став 4 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/15).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека содржината на оспорената одредба упатува на примена којашто не е содржана во одредбата и на тој начин не постои правно-функционална целина. Според иницијативата оспорениот дел содржински не утврдува начини на заверка на управните акти како истите би биле конечни и извршни и на тој начин не е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност.  

У.бр.116/2022

Оспорен: Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата бр.41-2346/1 од 15.03.2022г. („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.67/22)

Подносител на иницијативата: Политичка партија „Левица”

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената Уредба се врши директна закана врз унитарниот карактер, суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на државата. Се наведува дека ниту Законот за внатрешни работи, ниту Законот за полиција предвидуваат можност за отстапување од принципот на единственост на униформата на полицијата. Во иницијативата е наведено дека со оспорената уредба се нарушува системот на нормативна хиерархија и се овозможува заобиколување на уставните и законските одредби. Подносителот на иницијативата тврди дека согласно меѓународно-правната анализа која е приложена со иницијативата, двојазични униформи во унитарни држави не постојат. 

У.бр.117/2022

Оспорен акт: Општата спогодба за царина и трговија (ГАТТ) од Член 22 став 3 точка/алинеја 2 од Законот за надворешно трговско работење („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/02 и 31/03).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Oд наводите во иницијативата: 

Според наведеното во иницијативата Општата спогодба за царина и трговија не е повеќе дел од меѓународните договори кои се во прамет промет и опстојувањето на нормите на таков договор во внатрешниот правен поредок е беспредметно.