У.бр.67/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 16 ноември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените судски одлуки:

– Решението ГЖ.бр.1009/12 од 26.09.2012 година на Апелациониот суд Скопје,

– Пресудата П1-бр.133/12 од 28.12.2012 година на Основниот суд Кавадарци,

– Пресудата ГЖ.бр.904/13 од 17.10.2013 година на Апелациониот суд Скопје и

– Решението Рев2.бр.58/2014 од 13.07.2014 година на Врховниот суд на Република Македонија.

2. Орданчо Танчев од Кавадарци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорените судски одлуки од точката 1 од ова решение.

Според наводите од подносителот на иницијативата, со оспорените судски одлуки е повреден член 8 од Уставот на Република Северна Македонија со кој е загарантирана правната заштита на сопственоста како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, како и член 30 од Уставот на Република Северна Македонија со кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, како и дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во понатамошниот текст од иницијативата, подносителот ја изнесува хронологијата на настаните поврзана со оспорените судски одлуки, каде наведува дека судовите при носењето на оспорените судски одлуки не ги зеле предвид сите околности кои биле посочени од страна на подносителот и со тоа сториле повреда на член 8 од Законот за сопственост и други стварни права.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со гореспоменатите одлуки се повредени и повеќе законски одредби, односно повреден е член 112 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, како и дека е сторена повреда на член 136 од Законот за наследување.

Во продолжение на иницијативата, подносителот се осврнува и на одлуката донесена од страна на Врховниот суд на Република Македонија, па наведува дека истиот донел решение со кое ја отфрлил ревизијата на тужениот како недозволена од причина што вредноста на спорот била помала од предвидената за поднесување ревизија, повикувајќи се на член 372 став 2 од Законот за парнична постапка, а притоа Врховниот суд на Република Македонија не го зел предвид став 3 точка 6 од истиот член кој гласи: „По исклучок од ставот (2) на овој член, без оглед на вредноста на спорот, ревизијата секогаш е дозволена во спорови во кои во постапката по жалба второстепениот суд ја преиначил првостепената пресуда“ со што, според подносителот, е повреден член 372 став 3 точка 6 од Законот за парнична постапка.

Дополнително, подносителот на иницијативата наведува дека кај оспорените судски одлуки направена е повреда на член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права, насловена како „Право на правична судска постапка“.

3. Судот на седницата, утврди дека Апелациониот суд Скопје, одлучувајќи во правната работа на тужителот Трајче Танчев од Кавадарци, против тужениот Орданчо Танчев од Кавадарци, за утврдување на сопственост на недвижен имот како нерасправана оставина, вредност на спорот 100.000,00 денари, решавајќи по жалбата на тужителот Трајче Танчев од Кавадарци, изјавена против Пресудата на Основниот суд Кавадарци П1.бр.265/11 од 12.11.2011 година, на нејавната седница одржана на 26.09.2012 година, донел решение дека жалбата на тужителот Трајче Танчев од Кавадарци се уважува, со што Пресудата на Основниот суд Кавадарци П1.бр.265/11 од 12.12.2011 година, се укинала и предметот бил вратен на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување.

Основниот суд во Кавадарци, како првостепен, надлежен парничен суд, одлучувајќи по правната работа на тужителот Трајче Танчев од Кавадарци, спрема тужениот Орданчо Танчев од Кавадарци, на ден 25.12.2012 година донел пресуда каде тужбеното барање на тужителот Трајче Танчев од Кавадарци се усвоило.

Апелациониот суд Скопје, решавајќи по жалбата на тужениот, изјавена против Пресудата на Основниот суд во Кавадарци П1-бр.133/12 од 28.12.2012 година, на нејавната седница одржана на 17.10.2013 година, донел Пресуда ГЖ.бр.904/2013 од 17.10.2013 година каде жалбата делумно се усвојува, со што пресудата на Основниот суд Кавадарци се преиначила и се пресудило дека тужбеното барање делумно се усвојува.

Врховниот суд на Република Македонија одлучувајќи во правната работа на тужителот Трајче Танчев од Кавадарци, против тужениот Орданчо Танчев од Кавадарци, за утврдување право на сопственост како нерасправена оставина, вредност на спорот 100.000,00 денари, одлучувајќи по ревизијата на тужениот, против Пресудата на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.904/2013 од 17.10.2013 година, на седницата одржана на ден 13.07.2014 година, донел решение со кое ревизијата на тужениот, се отфрла како недозволена.

4. Во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, јасно е предвидено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи предвид дека се работи за оспорени судски одлуки, Судот утврди дека со нив не се уредуваат на општ начин права и обврски на неопределени субјекти, туку се определуваат права и обврски на конкретни лица во судски спор, поради што овие одлуки не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, туку поединечни, односно конкретни акти со кои се уредуваат и решаваат односите на поединечни лица. За ваков вид на акти Судот не е надлежен да ја оценува нивната уставност и законитост.

Поради наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.67/2022
16 ноември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска