Дневен ред за 39. седница на Уставниот суд закажана за 7 декември 2022 година

Уставниот суд ќе ја одржи 39. седница на 7 декември 20222 година (среда) со почеток во 9:30 часот. На дневен ред предвидени се четири иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и две барања за заштита на слободи и права:

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Реферат У.бр.302/2020

Подносител на иницијативата: Политичката партија ВМРО–ДПМНЕ и  Стојанче Геровски, адвокат од Скопје.

Oспорен:Член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019) и член 119 став 1 точка 9 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.191/2019).

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорениот член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика со којшто подетално се утврдувале општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот на соодветен вид енергија и операторот и членот 119 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија којшто се однесува на исклучувањето на корисникот на дистрибутивниот систем ако имал неплатени обврски кон ОДС, биле спротивни на член 8 алинеи 3, 6, 8 и 11, членот 9, член 51 став 1 и член 54 став 3 од Уставот. Според подносителот исклучувањето на струјата од страна на операторот насочено кон граѓаните како потрошувачи со своите фамилии, било ислучиво цел на принуда и не постоела можност за контрадикторна постапкакоја би понудила еднаквост во средствата за заштита од истата. Овие одредби од Законот и подзаконскиот акт биле недозволени и ја штителе монополската положба на единствениот снабдувач на електрична енергија во Републиката.

2. Реферат У.бр. 135/2021

Подносител на иницијативата:Здружение за заштита од дискриминација – Виница

Oспорен: Член 147 став 2 од Законот за нотаријатот (“Службен весник на Република Северна Македонија“ број 72/2016 од 12.04.2016 година)

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорената одредба е противуставна затоа што на законските наследници им го ограничува правото слободно да располагаат со своето право – самите да одлучат дали при расправање на оставината во која граѓанинот како учесник во постапката има потреба од адвокат како полномошник или воопшто не му е потребно. Според подносителот, законодавецот со ваквата одредба пропишува задолжително присуство на адвокат, која облигаторна одредба  според подносителот е директна дискриминација на законски наследник, имајќи предвид дека некои од законските наследници не се прифаќале за наследници на делот од оставината, а мора да имаат адвокат. 

3. Реферат У.бр.8/2022

Подносител на иницијативата: Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга

Oспорен: Членовите 19 до 25 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 36/1990, „Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014  и 233/2018.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 19 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е во колизија со членовите 105 и 106 од Законот за работни односи бидејќи согласно овие одредби работникот има право на заработувачка или плата при што плаќањето за работа воспоставувало двонасочна правна врска помеѓу платата како заработувачка и извршената работа врз основа на која се стекнувало право на плата. Подносителот наведува дека носителите на законодавната и извршната функција имале различен општествен статус, споредено со останатите работници во државата што било спротивно на членот 9 од Уставот и според него со одредбата се предвидувало исплата на плата по завршување на работниот однос во органот во кој биле именувани. Во иницијативата се наведува дека принципот на еднаквост пред законите бил целосно занемарен а како во ист поредок едни имале право на исплата на плата по завршувањето на работниот однос, а други такво право немале.

4. Реферат У.бр.111/2021

Оспорен: Одлука за започнување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за модернизација на системот на јавно осветлување, преку финансирање, реконструкција, управување, одржување и развој на интелигентен и адаптивен систем на јавно осветлување (Smart lighting System) во Општина Кичево, бр.08-944/7 од 29.04.2021 година, донесена од Советот на Општина Кичево; и

– Одлука за избор на најповолен понудувач бр.08-2027/3 од 30.08.2021 година, донесена од Советот на Општина Кичево.

Подносител на иницијативата: Фатмир Лимани од Кичево.

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорените одлуки не биле во согласност со темелните вредности на уставниот поредок, како што се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и со владеењето на правото (член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот), начелото на уставност и законитост (член 51) и со член 52 став 1 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, со одредби од Законот за концесии и јавно приватно пратнерство, членот 8-а од Изборниот законик, како и со член 62 став 4 од Законот за локалната самоуправа. Во наводите на иницијативата подносителот наведува дека Општина Кичево при изготвувањето на првооспорената одлука не ги почитувала горенаведените уставни и законски одредби и бил направен пропуст во постапката за донесување на истите на начин што при спроведувањето на постапката за доделување на договор за јавно приватно партнерство, не бил подготвен извештај за претходна анализа за основните елементи на проектот кои биле показатели за природата на договорот што требало да биде склучен, како и елаборат за процена врз животната средина на концесијата на добра од општ интерес или на јавното приватно партнерство утврдени во членот 16 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Исто така во постапката за јавно приватно партнерство недостасувал и нацрт договор којшто бил задолжителен елемент којшто се објавувал заедно со тендерската документација, со што се повредувал член 21 став 1 алинеја 1 од Законот.

Во однос на второоспорената Одлука за избор на најповолен понудувач, подносителот наведува дека покрај тоа што била донесена по законски утврдениот рок од 30 дена сметајќи од денот определен како краен рок за поднесување на понудите, била донесена и без претходно поднесен предлог на градоначалникот на Општина Кичево согласно член 21-а став 3 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Меѓу другото, подносителот смета дека истата била во спротивност и со членот 8 од Изборниот законик, од причина што била донесена по распишувањето на локалните избори за избор на градоначалник и совети на општините. Воедно, оспорените одлуки, според наводите во иницијативата, не биле објавени во Службен гласник на Општина Кичево, а произведувале правно дејство, што било спротивно на член 62 став 4 од Законот за локална самоуправа и членот 52 од Уставот.

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА: 

1.У.бр.316/2020

Подносител на барањето: Антонијо Милошоски од Кичево, застапуван од Петро Јанурa, адвокат

Оспорени акти: Обвинителен акт КО.бр. 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство  Скопје  поднесен  до Основниот кривичен суд Скопје и Решение 11 К-ООА бр.96/2020 од 7 октомври 2020 година на судија за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје- Кривичен оддел.

Од наводите во барањето:

Подносителот наведува дека му е повредено правото на недискриминација односно забрана на дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот со покренување на обвинение кое потоа е одобрено од суција за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд Скопје. Во барањето е наведено дека содржините на претходно наведените докази јасно укажувале дека обвинителниот акт КО.број 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје, кој бил поднесен до Основниот Кривичен суд Скопје и Решението 11-К.ООА. број 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судијата за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен одел, со кое биле одбиени приговорите како неосновани, биле донесени од неетички и малициозни причини и тоа било исклучиво со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз подносителот на барањето лицето Антонијо Милошоски, кој бил претеник од редовите на најголемата опзициона партија ВМРО ДПМНЕ.

2.У.бр.66/2021

Подносител: Авдула Меметај преку Стојан Михајловски, адвокат од Скопје

Од наводите во барањето:

Подносителот на барањето наведува дека  со решенијата донесени во постапка пред Основниот граѓански суд – Скопје и Апелациониот суд – Скопје му се повредени слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на забрана за дискриминација на граѓаните врз основа на пол. Подносителот на барањето исто така бара заштита на правото на еднаквост, гарантирано со членот 9 од Уставот, во врска со остварувањето на правото на презумпција на невиност гарантирано со членот 13 од Уставот и член 6 став 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Во барањето се наведува дека на подносителот му е повредено правото на семеен живот како составен дел од правото на почитување на приватниот и семејниот живот гарантирано со членот 40 од Уставот и членот 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права.