У.бр.77/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и  член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 ноември 2022 година, донесе

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.149/2021).

2. Синдикатот на полицијата во Македонија од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе  иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 5 од Колективниот договор е во спротивност со член 37 од Уставот на Република Северна Македонија и со член 184 став 1 од Законот за работните односи.

Имено, во иницијативата се наведува дека на Синдикатот на полицијата во Македонија, односно на подносителот на иницијативата, не му е дозволено да биде рамноправен партнер во остварувањето на правата на нивните членови и на сите вработени во Министерството за внатрешни работи, со што му е ускратено правото на понатамошно синдикално делување. Со оспорениот член 5 од Колективниот договор како единствен синдикат незаконски е наметнат Македонскиот полициски синдикат, што е спротивно на Уставот на Република Северна Македонија поаѓајќи од тоа што и другите синдикати опстојуваат и функционираат во рамките на Министерството за внатрешни работи.

Подносителот на иницијативата наведува дека со ваквата поставеност на состојбите во Министерството за внатрешни работи во делот на синдикалното делување, Македонскиот полициски синдикат има узурпирано сẻ, а преку непочитување на позитивните законски прописи целосно ги укинал и маргинализирал правата на останатите синдикати кои имаат единствена цел заштита на правата на работниците согласно со законите и правилата на работење во Министерството за внатрешни работи.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со незаконска примена и толкување на член 5 од Колективниот договор, Македонскиот полициски синдикат се става во улога над Министерството за внатрешни работи и над Уставот, бидејќи истиот не е единствен синдикат во Министерството за внатрешни работи.

Од наведените причини подносителот на иницијативата предлага оспорениот член од Колективниот договор да се укине затоа што истиот е во спротивност со Уставот и со Законот за работните односи, како и да донесе решение со кое ќе определи дека и другите синдикати во Министерството за внатрешни работи имаат право да ги користат придобивките од колективниот договор, а со цел непречено извршување на обврските и заштита на правата на вработените во Министерството за внатрешни работи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи предвидува дека синдикат во смисла на овој колективен договор е Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат, претставуван од претседателот на Македонскиот полициски синдикат и неговите овластени претставници.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Поаѓајќи од анализата на наводите во конкретната иницијатива со која се бара оцена на уставноста и законитоста на член 5 од  Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, овој суд веќе постапувал.

Имено, со Решението У.бр.25/2022 од 12.10.2022 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат („Службен весник на Република Северна Македонија” број 149/2021).

Во наведеното решение,  Судот оцени дека оспорениот член 5 од Колективниот договор кој упатува на репрезентативниот синдикат со кој е склучен Колективниот договор на МВР, останатите регистрирани синдикати во Централниот регистар не се исклучени ниту изземени од постапката за утврдување на дисциплинска одговорност за работниците кои се нивни членови, работниците имаат право по свој слободен избор да основаат синдикат и во него да се зачленуваат согласно Законот за работните односи, како и согласно условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат.

Со оглед на фактот што пред Судот повторно се оспорува уставноста и законитоста на член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи по истите наводи за кои Судот веќе се произнел и зазел став со наведеното решение, Судот оцени дека  во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата поради пресудена работа, односно res judicata, а во услови кога нема основи за поинакво одлучување.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот, го донесе  во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари,  м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.77/2022
9 ноември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска