У.бр.89/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 ноември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 17 од Законот за државно правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ број 87/2007, 167/2010 и 104/2015).

2. Адвокатите Владимир Стојкоски и Глигорие Ќатоски од Струга, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во поднесената иницијатива, член 17 од Законот за државното правобранителство не е во согласност со член 53 од Уставот на Република Северна Македонија.

Понатаму во иницијативата се наведува дека согласно оваа одредба, во споровите од парничните, вонпарничните какo и во кривичните постапки во кои една од странките е Државното правобранителство, како застапник на Република Северна Македонија, во случај кога Република Северна Македонија успеала во постапките, судовите определуваат и воедно досудуваат трошоци кои треба да се исплатат во корист на РСМ, односно во корист на Буџетот на РСМ. Наградата којашто се определува и воедно досудува по претходно доставени трошковници од страна на државните правобранители е врз основа на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Наведената тарифа е акт кој согласно Законот за адвокатура и Статутот на адвокатската комора го определува и донесува Адвокатската комора на РСМ и нејзината примена и важност е единствено за трошоците и наградата за работата на адвокатите.

Според иницијаторите, нејасно е како може државен орган да определува, односно побарува трошоци на постапка по тарифа која е предвидена за работа и надомест исклучиво на адвокатите и врз основа на тоа од страна на судовите да определуваат и досудуваат трошоци согласно адвокатската тарифа во корист на Република Северна Македонија.

Определувањето на трошоци по оваа тарифа на други субјекти било неосновано и спротивно на член 53 од Уставот, бидејќи согласно истиот адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања согласно закон.

Иницијаторите во иницијативата наведуваат три причини поради кои примената на Тарифата за награда и надоместок за трошоците за работа на адвокатите од страна на Државното правобранителство на РСМ е недозволива и спротивна на начелото за владеење на правото.

Првенствено, се вели дека актот кој ја регулира тарифата се врзува исклучиво за одредена професија, во овој случај адвокатурата, и примената на истиот за државните правобранители е претпоставка за формирање на еден вид правна аналогија, а со тоа и можност за погрешно и прешироко толкување на конкретни позитивно-правни прописи.

Потоа се вели дека лицата вработени во Државното правобранителство остваруваат личен доход и не можат да остваруваат приходи по основ на награда за преземени дејствија во судски постапки, бидејќи приходите кои припаѓаат на буџетот на државата се остварување врз основа на даноци и други јавни давачки, предвидени во посебни закони и во строго утврдени постапки.

На крај се наведува дека можноста државата, претставена преку Државното правобранителство, да побарува трошоци во постапка како награда за преземени дејствија, е само една причина граѓаните да бидат резервирани и да се откажат од поведување постапки во кои странка е Република Северна Македонија.

Ова се наведува од причина што во судските постапки државата нема обврска за плаќање судски такси, а воедно има непречен и бесплатен пристап до податоци и информации коишто ги издаваат органите и институциите на државната управа, со што постоела латентна дискриминација во корист на државата, а на штета на правните и физичките лица кои се странки во постапките.

Поаѓајќи од горенаведените причини, од Уставниот суд се бара да ја испита уставноста на оспорената одредба, и да донесе одлука со која истата ќе ја поништи или укине.

3. Член 17 од Законот за државно правобранителство гласи: Трошоците за застапување од страна на државниот правобранител се определуваат според Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите. Средствата наплатени на име трошоци за застапување се приход на Буџетот на Република Македонија.

4. Како што е прецизно предвидено во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, јасно е наведено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот на седницата утврди дека со предметната иницијатива повторно се бара од Уставниот суд да ја оцени уставноста на член 17 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ број 87/2007, 167/2010 и  104/2015), во суштина од истите причини како во предметот У.бр.44/2012, за што Судот се произнел и утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со одредбата на Уставот.

Имено, во наведеното решение Судот зазел став дека фактот што трошоците за застапување од страна на државниот правобранител се определуваат според тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, според оспорената одредба од член 17 од Законот, не значи дека државното правобранителство се поистоветува со адвокатурата. Според тоа, поаѓајќи од уставните овластувања во смисла на член 53 од Уставот, како и од Законот за адвокатурата и Законот за државното правобранителство, јасно произлегува дека станува збор за различни органи, односно служби чијашто единствена заедничка функција е застапувањето на други субјекти пред судовите. Неспорно е дека кога државниот правобранител учествува во постапките пред судовите, и за него, како и за другите странки и учесници во постапката, настануваат определени трошоци. Притоа, кога државата учествува во парничната постапка и е застапувана од државниот правобранител, таа не се јавува во својство на власт – империум, туку во својство на странка која согласно Законот има свои овластувања и должности. Оттука, кога Република Северна Македонија како рамноправна странка во постапката ќе загуби спор, таа на спротивната странка и ги надоместува трошоците во постапката. Кога државата како странка во постапката го добива спорот, таа, исто така, има право на надоместување на трошоците во постапката од спротивната странка.

Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе одлучувал за член 17 од Законот за државното правобранителство, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

 

У.бр.89/2022
9 ноември 2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска