Дневен ред за 37. седница на Уставниот суд за 2022 година

Уставниот суд  на 23 ноември во 9:30 часот ќе ја одржи 37. седница со дневен ред  за кој се закажани девет иницијативи за оценување на уставност и законитост.

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Реферат У.бр. 72/2022

Oспорен: Член 111 став 4 од Законот за административни   службеници („Службен весник на Република Ма- кедонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015,154/2015  5/2016, 142/2016, 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019, 14/2020, 215/2021 и 99/2022)

Подносител на иницијативата: Љупчо Јосев

Содржина на оспорената одредба: (Член 111 став 4)

„На државниот службеник на кој до денот на влегувањето во сила на овој закон му се исплаќа додаток за степен на кариера согласно со Законот за државните службеници, износот на додатокот за степен на кариера ќе му биде пресметан како дополнителни бодови во вредност на исплатениот додаток, во делот на плата за нивото од членот 87 став (3) од овој закон.”

Oд наводите во иницијативата:

Се наведува дека државните службеници кои имале степен на кариера по претходниот Закон за државни службеници стартуваат со плата зголемена за бодовите од степенот за кариера која е пресметана во бодовите за ниво од член 87 став 3 од Законот за административни службеници, а врз основа на оспорениот член 11 став 4 од истиот закон. Со тоа, подносителот смета дека оваа категорија на вработени се ставаат во привилегирана положба над останатите административни службеници.

2.Реферат У.бр.63/2021

Оспорен: Делот: „ на некој предмет или право што се запишани во јавни книги“ од став 1 на член 128 од Законот за стечај („Службен весник на Република Маке­донија“ бр. 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015).

Подносител на иницијативата: Бобан Богдановски, адвокат од Скопје

Oд наводите на иницијативата:

Подносителот наведува дека според одредбите на Законот за стечај, разлачното право може да му се признае на доверител кој има право на намирување на подвижен предмет или имотно право, но Законот не го уредува стекнувањето на ваквото право, поради што произлегува дека Законот за стечај не го дефинира правото на намирување како посебен институт на стечајното право, туку само го споменува во две одредби, како институт кој што изворно е уреден со посебен закон, кој закон, според него, не постои. Како резултат на ова, со примена на оспорениот дел од одредбата се создава различно толкување на институтот „право на намирување“ во стечајното и извршното право и на тој начин се создаваат проблеми во примената на овој институт во моментот на настанување на правните последици од отварањето на стечајната постапка над должникот, што е причина да се смета дека оспорениот дел од одредбата не е во согласност со владеењето на правото, кое се обезбедува преку членот 51 од Уставот со кој се гарантира согласноста на законите со Уставот.

3.Реферат У.бр.93/2021

Оспорен: Член 40 ставови 3, 4 и 6 од Законот за процена („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 158/2011, 185/2011, 64/2012, 188/2014, 153/2015, 192/2015 и 30/2016).

Подносител на иницијатива: Душан Димитров

Со овие законски одредби според подносителот се деградирал принципот на владеење на правото затоа што Комисијата за ревизија при Комората на проценители не е составена од членови кои би имале стручност и компетентност за да ја утврдат пазарната вредност на недвижниот имот кој е предмет на проценка, а наспроти тоа има законско овластување да ја поништува процената направена од лиценциран овластен проценител.

4.Реферат У.бр.144/2021

Оспорен: Член 62-а став 1 и став 2 во делот „од денот на издавање на одобрението за градење“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009,  124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.244/2019, 18/2020 и 279/2020).

Содржина на законските одредби чии делови се оспоруваат: Член 62-а

(1) Надлежниот орган што го донел одобрението за градење е должен во рок од три дена од денот на донесувањето на одобрението за градење да ги извести непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението, за издаденото одобрение за градење и дека во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење (оспорен дел) можат да извршат увид во документацијата.

(2) Доколку непосредните соседи не извршат увид и/или не поднесат жалба против одобрението за градење во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење(оспорен дел), одобрението за градење станува правосилно.“

Oд наводите во иницијативата:

Во однос на оспорените делови од законските одредби, се наведува дека од истите јасно произлегува обврска за органот кој во рок од три дена треба да изготви и достави  известување за донесеното одобрение за градба до непосредните соседи на градежната парцела, по што следи постапка за достава која траела три дена. Следен чекор бил увидот во документацијата, од страна на непосредните соседи како заинтересирани лица заради заштита на своите права и правни интереси, а од друга страна истите претходно воопшто не биле запознаени дека се водела управна постапка. При ваква констелација, подносителот наведува дека е невозможно да се испочитува дадениот рок за вложување на адекватен правен лек – жалба во рок од 15 дена од денот на донесувањето на одобрението за градба, што бил преклузивен рок со чие пропуштање странките би го изгубиле правото на адекватна судска заштита.

5.Реферат У.бр.116/2021

Оспорен: Член 136 став 7 и член 187 став 4 од  Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/19  и “бр.178/21).

Подносител на иницијативата:Центар за напредни истражувања, застапуван од д-р Темелко Ристески

Содржина на оспорениот акт: Во оспорениот член 187 став 4 од наведениот закон е предвидено дeка: „Редовен професор во пензија може да изведува настава на студии од трет циклус и да биде ментор на докторски студии, како и да работи на научноистражувачки проект под условите определени со статутот на универзитетот, односно статутот на самостојната висока стручна школа“.

Oд наводите во иницијативата:

Со ограничувањето  на професорите да бидат ментори само на студентите од својата матична установа, според подносителот на иницијативата се повредува со Устав загарантираното право на слобода на научното и уметничкото творештво и на штета на студентите. Според наводите од самата оспорена одредба произлегува дека редовен професор во пензија не може да изведува настава на прв и втор циклус на студии, ниту да биде ментор на дипломски, специјалистички и магистерски трудови со чија изработка и одбрана се завршуваат овие циклуси на високото образование. Положбата професор во пензија е општествена положба и статус. Подносителот смета дека професорот со ваква општествена  положба  со ништо не смеел да биде дискриминиран во однос на другите професори.

6.Реферат У.бр.78/2022

Оспорен: Член 219 став 2 од Колективниот договор на МВР („Службен весник на Република Север- на Македонија“ бр.149/2021)

Подносител: Синдикат на Полиција на Македонија од Велес

Содржина на оспорената одредба:

Прекин на дисциплинската постапка (Член 219)

(1) Дисциплинската постапка може да се прекине, кога:

– работникот против кого е поведена дисциплинска постапка се разболел непосредно пред или додека трае дисциплинската постапка, што се докажува со отворено боледување од матичен лекар,

– комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност ќе одлучи да решава по некое претходно прашање или ќе побара од надлежен орган да и достави веродостојни исправи и информации за чие изготвување е потребно подолго време,

– постојат елементарни непогоди на подрачјето каде треба да се одржи расправа на комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност и

– работникот против кого се води дисциплинската постапка се наоѓа во притвор.

(2) Прекинот на постапката во случаите од ставот (1) алинеи 1 и 2 на овој член, може да трае најдолго една година. (оспорен став)

(3) Прекинот на постапката во случајот од ставот (1) алинеја 4 на овој член, трае до донесување на одлука за укинување на мерката притвор

Од наводите во иницијативата:

Подносителот смета дека оспорената одредба од членот 219 став 2 од Колективниот договор на МВР e спротивна со член 196 став 3 од Законот за внатрешни работи, односно со член 243 став 3 од Колективниот договор, бидејќи роковите во постапката за дисциплинска одговорност се кратки, преклузивни и не може да се пролонгираат и дека решението за утврдување на дисциплинска одговорност морало да се донесе во рок од шест односно 12 месеци.

7.Реферат У.бр 120/2021

Оспорен: Член 6, член 8 и член 9 од Колективниот договор на Агенцијата за пошти, склучен помеѓу Агенцијата за пошти и Синдикалната организација при Агенцијата за пошти бр.01-152/1 од 26.07.2018 година.

Подносител на иницијативата: Агенција за пошти Скопје, застапувана од директор Билјана Аврамоска Ѓореска.

Oд наводите во иницијативата:

Причина поради која подносителот ги оспорува горенаведените одредби e дека со Колективниот договор, не e предвидена мобилноста преку преземање која е регулирана во член 44 од Законот за вработените во јавниот сектор и со член 30 став 1 алинеја 3 и став 4 од Законот за административни службеници. Оттука во иницијативата се наведува како нејасно дали одредбите од член 44 од Законот за вработени во јавниот сектор и одредбите од член 30 од Законот за административните службеници се применливи за Агенцијата за пошти, водејќи се од член 21 од Законот за поштенските услуги во кој се наведува дека за прашањата кои се однесуваат на работниот однос на вработените, а не се регулирани со овој закон и колективен договор, се применуваат одредбите од Законот за административните службеници и општите прописи за работните односи.

8.У.бр.78/2021

Оспорени: Точките 3 и 4 од Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина (“Службен весник на Република  Македонија” бр.106/2006, 143/2007 и 161/2018).

Подносители: Политичка партија “Левица” – Скопје, Димитар Апасиев од Скопје, и Борислав Крмов од Штип.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата оспорените точки 3 и 4 од Одлуката биле во спротивност со уставниот принцип на владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3), член 32 став 5 од Уставот според кој остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, уставното на начело на уставност и законитост (член 51) и член 64 став 6 од Уставот во кој е уредено дека пратеникот има право на надомест утврден со закон, како и со одредби од Законот за пратениците и членот 7 од Законот за Собранието на Република Северна Македонија. Меѓу другото, подносителите на иницијативата сметаат дека Законот за пратениците и Законот за Собранието на Република Северна Македонија предвидуваaт дека извршувањето на функцијата пратеник вклучува инкомпатибилно извршување на општествената активност која е строго утврдена и темелена на уставни и законски принципи и истата предизвикува уставни и законски обврски и права. За извршената општествена должност и придонесот кон заедницата, пратеникот добива плата и надоместок на плата. Законот за пратениците таксативно ги наведува личните приходи и надоместоци на трошоците на кои пратеникот има право, се наведува во иницијативата. Според подносителите, во член 31 став 1 од Законот за пратеници, е јасен и дециден, законодавецот никаде не предвидел плус дополнителен надоместок на трошоците за исплатените патарини, туку само надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20% од продажната цена на еден литар гориво според изминат километар за возилото кое се користи. Согласно наведените уставни одредби, во наводите на иницијативата се наведува дека надоместокот на трошоци за патарина, во ниту еден случај не би можел да биде предвиден со подзаконски акт, туку може да биде предмет само на законски одредби. Според наводите во иницијативата, со оспорените точки од Одлуката се нарушува системот на нормативна хиерархија и конзистентноста на уставниот поредок и согласноста на подзаконските акти со законите и Уставот. Оттука, подносителите наведуваат дека оспорениот подзаконски акт го руши принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и правната сигурност на граѓаните како дел од фундаменталното начело на владеењето на правото. Понатаму, според подносителите на иницијативата, Собранието со носење на оспорената комисиска одлука донесена на седница на кадровско работно тело составено само од 13 пратеници излегува од рамките дадени во Уставот и наведените закони предвидувајќи надоместок на трошоците за патарина којшто надоместок како таков воопшто не бил предвиден ниту со Устав ниту со закон.

9.Реферат У.бр.88/2021

Оспорени: Буџет на Општина Демир Хисар за 2021 година, донесен од Советот на Општина Демир Хисар, на 49-тата седница, одржана на 12.03.2021 година, објавен во „Службен гласник на Општина Демир Хисар” број 4 од 18.03.2021 година;

-Одлука за извршување на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2021 година, донесена од Советот на Општина Демир Хисар, на 49-тата седница, одржана на 12.03.2021 година, објавена во „Службен гласник на Општина Демир Хисар” број 4 од 18.03.2021 година и Завршна сметка на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2020 година, донесена од Советот на Општина Демир Хисар, на 49-тата седница, одржана на 12.03.2021 година, објавена во „Службен гласник на Општина Демир Хисар” број 4 од 18.03.2021 година.

Подносител на иницијативата:Љупчо Ангелески

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека на 49. седница на Советот на Општина Демир Хисар одржана на 12.03.2021 година, од вкупно 11 советници, присутни биле 10 советници, а еден советник отсутен. Актите во Општината Демир Хисар се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број на советници, поточно, за нивното донесување требало да гласаат најмалку 6 (шест) советници од вкупно присутни 11 советници. Подносителот наведува дека спорените акти се донесени со 6 гласа „за”, меѓутоа според наводите од иницијативата, всушност Советот ги донел со 5 гласа „за”, бидејќи подносителот смета дека шестиот глас бил од советникот кој гласал преку комуникациски средства. Имено, на самата седница Советот изгласал измена и дополнување на дневниот ред, а како прва точка била вметната точката „Донесување на Одлука за работа на Советот на Општина Демир Хисар со употреба на комуникациски средства”. Советот, водејќи се од одредбите на таа одлука, дозволил при донесувањето на оспорените акти, отсутниот советник да гласа и одлучува како шести советник, при што, токму со овој чин, Советот на Општина Демир Хисар, ја довел во прашање уставноста и законитоста на оспорените акти, се наведува во иницијативата.