У.бр.63/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македoнија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 19 октомври 2022 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Милан Јовчевски од Прилеп, поднесено преку полномошникот, адвокат Трајче Арсов од Велес и на други 247 лица, преку полномошникот Милан Јовчевски од Прилеп, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност, за кои сметаат дека им се повредени со Решение РПП бр.9/20 од 01.12.2021 година на Основниот граѓански суд Скопје, надлежен за водење на Судскиот регистар на политички партии и за водење на Единствениот судски регистар на политички партии и Решение ГЖ-606/22 од 02.03.2022 година на Апелациониот суд во Скопје.

2. Одлуката ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Милан Јовчевски од Прилеп, преку полномошникот, адвокат Трајче Арсов од Велес и други 247 лица, преку полномошникот Милан Јовчевски од Прилеп, до Уставниот суд поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност.

Во барањето се наведува дека според Законот за политичките партии, политичка партија можат да основаат најмалку 1000 граѓани во Република Северна Македонија, а подносителите биле дел од основачите на политичката партија Родина Македонија, за што во време на основањето на политичката партија до Судскиот регистар на политички партии доставиле потписи за основање на политичката партија Родина Македонија, со изјава пред нотар. Се наведува и дека по основањето на политичката партија, на 22.04.2021 година, до Основниот граѓански суд Скопје било доставено Известување за бришење на политичката партија Родина од страна на 248 лица, со прилог на изјави заверени на нотар дека истапуваат од основачи на партијата, а и дека со писмен допис била известена и политичката партија Родина за истапување на 248 основачи на партијата. Понатаму, на 28.06.2021 година, од страна на 248 основачи на партијата Родина, до Основниот граѓански суд Скопје, било доставено барање за бришење на политичката партија, меѓутоа со Решение РПП бр.9/20 од 01.12.2021 година, барањето било одбиено како неосновано, а со Решение ГЖ-606/22 од 02.03.2022 година на Апелациониот суд во Скопје, првостепеното решение било потврдено.

Според наводите во барањето, Судот требало да ја избрише политичката партија од Судскиот регистар бидејќи бројот на основачи се намалил под законскиот минимум од 1.000 основачи, а во продолжение на барањето се наведуваат и интерпретираат одредби од Законот за политичите партии, се наведува како требало да постапи Судот по поднесеното барање за бришење на политичката партија, како и дека судовите пропуштиле да го утврдат решителниот факт кој бил од значење во таа правна работа, односно дали е намален или не бројот на основачи под 1000 со изјавите на 248 основачи заверени на нотар и доставен до Судот дека тие истапуваат од основачи, а не да одлучуваат за пристапување и истапување на членови.

Се наведува и дека изјавата за основач на партија и изјава за истапување од партијата се права од строго приватна и лична природа, како и дека 248 основачи доставиле до Судот нотарска изјава за истапување од основач на партија, но бидејќи Судот го одбил барањето за бришење на политичката партија Родина, со тоа Судот ја дерогирал нивната слободно изразена волја да истапат од основачи на партија, односно дека судовите практично не ги пуштале да истапат од својство на основачи, со што им се повредува слободата на политичко здружување и дејствување. Имено, со член 11 од Законот за политички партии, политичка партија можат да основаат најмалку 1.000 граѓани на Република Северна Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија, но поради одлуките на судовите не можеле да го изразат своето политичко уверување за друга партија во смисла на член 2 од истиот закон каде се предвидува дека политичката партија е доброволна организација на граѓани, со што лицата можат да пристапат или да истапат, а во конкретниот случај 248 лица не можат да го остварат своето законско право да истапат од партијата.

Според наводите во барањето, двата суда со произволно постапување и носење одлуки надвор од законите, ги повредиле одредбите од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност, како и членовите 9, 10 и 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права во поглед на слободата на мислата, правото на изразување кои според праксата на Европскиот суд се манифестира во повеќе појавни облици меѓу кои и слободата на изразувањето во сферата на политиката, како и забрана на дискриминација. Европската конвенција согласно член 98 став 2 и член 118 од Уставот, е дел од внатрешниот правен поредок и судовите се обврзани да ја имаат предвид при одлучувањето.

Со оглед дека на 248 основачи на партијата Родина им се повредени погоре наведените слободи и права, на начин што судовите не ги прифатиле нивните изјави заверени на нотар за истапување од членство во партијата Родина и следствено на ова Основниот граѓански суд Скопје како надлежен регистарски суд да ја задолжи партијата во рок од 8 дена да го дополни бројот на основачи до потребниот минимум од 1.000 основачи според Законот, а во спротивно да ја брише од судскиот регистар на партии, со барањето се предлага Уставниот суд да го уважи барањето од подносителите и да утврди дека на истите со Решение РПП бр.9/20 од 01.12.2021 година на Основниот граѓански суд Скопје и Решение ГЖ-606/22 од 02.03.2022 година на Апелациониот суд во Скопје им е сторена повреда на слободите и правата и согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и Европската конвенција за заштита на човековите права, истите да ги поништи, а до конечната одлука да донесе решение со кое ќе го запре нивното извршување заради можност од настанување на неостранливи или тешко отстранливи последици.

Кон барањето се приложени следните документи:

-Известување за бришење на политичка партија до Основниот граѓански суд Скопје од 22.04.2021 година,
-Известување до партијата Родина за истапување на членови основачи од 28.05.2021 година,
-Барање до Основниот граѓански суд Скопје за бришење на политичка партија од 28.06.2021 година,
-Ургенција до Основниот граѓански суд Скопје од 25.11.2021 година,
-Решение на Основниот граѓански суд Скопје РПП бр.9/20 од 01.12.2021 година,
-Жалба од предлагачот до Апелациониот суд Скопје од 18.01.2022 година и
-Решение на Апелациониот суд Скопје ГЖ-606/22 од 02.03.2022 година.

4. Од приложената и прибавена документација произлегува дека политичката партија Родина Македонија со скратено име РОДИНА во 2020 година била запишана во Судскиот регистар на политички партии и Единствениот регистар на политички партии врз основа на Решение на Основниот граѓански суд Скопје РПП бр.9/20 од 30.03.2020 година (ЕРПП бр.128/20) со правосилност од 03.04.2020 година.

Една година по основањето на политичката партија, Милан Јовчевски од Прилеп, преку полномошникот, адвокат Трајче Арсов од Велес, на 22.04.2021 година, до Основниот граѓански суд Скопје доставил допис насловен како „Известување за бришење на политичка партија поднесок”, со прилог од 248 изјави заверени на нотар од лица кои истапувале од политичката партија, а кои биле запишани при основањето на политичката партија. Во дописот до Судот, Милан Јовчевски навел дека бројот на основачи на политичката партија Родина Македонија определен во член 11 од Законот за политичките партии, се намалил под законскиот минимум, па од тие причини барал Судот да го извести овластеното лице на партијата во рок од 15 дена да се произнесе на таа околност, а доколку не достави соодветен број на изјави за основање на партијата во смисла на член 11 од Законот за политичките партии, Судот по службена должност да пристапи кон бришење на политичката партија од Судскиот регистар.

На 28.05.2021 година, Милан Јовчески преку својот полномошник до политичката партија Родина Македонија, доставил поднесок насловен како „Известување за истапување на членови основачи на Родина Македонија”, во кое навел дека бројот на основачи на политичката партија кои биле запишани при основањето на политичката партија Родина Македонија се намалил под законскиот минимум и дека во прилог доставува список од 248 лица основачи на партијата кои биле запишани при основање на политичката партија кои дале изјави заверени на нотар дека истапуваат од политичката партија и дека изјавите ги депонирале пред Основниот граѓански суд Скопје со Известување од 22.04.2021 година. Милан Јовчевски барал од политичката партија веднаш да го извести Основниот граѓански суд Скопје заради бришење на партијата од регистарот, а доколку тоа не било сторено од страна на овластеното лице на партијата во рок од 15 дена, ќе била поднесена прекршочна пријава во смисла на член 41 од Законот за политичките партии и кривична пријава за злоупотреба на службена положба по член 353 од Кривичниот законик.

На 28.06.2021 година, Милан Јовчески преку својот полномошник, до Основниот граѓански суд Скопје доставил и барање за бришење на политичката партија. Во истото ги навел известувањата коишто претходно ги доставил на Судот и до политичката партија, по што побарал од Судот да донесе одлука со која ќе го извести претседавачот на политичката партија Родина Македонија дека ќе била отпочната постапка за бришење на политичката партија и да го задолжи во рок од 8 дена да го надополни бројот на членови над законскиот минимум во смисла на член 11 од Законот за политичките партии, а доколку тоа не го стори во рок од 8 дена, Судот по службена должност да донесе одлука за бришење на политичката партија Родина Македонија. Воедно, Милан Јовчевски побарал Судот да постапи во смисла на член 41 (глоба за прекршок) од Законот за политичките партии, односно да спроведе постапка спрема овластеното лице на политичката партија поради неизвестување на Судот заради намалување на бројот на членови.

Постапувајќи по барањето, Основниот граѓански суд Скопје, донел Решение РПП бр.9/20 од 01.12.2021 година, со кое го одбил барањето од Милан Јовчевски од Прилеп, преку полномошникот Трајче Арсов, адвокат од Велес, за бришење на политичката партија Родина од Судскиот регистар на политички партии, заведена под РПП бр. 9/20 и во Единствениот регистар на политички партии под ЕРПП бр. 128/20, што се водат во Основниот граѓански суд.

Од образложението на првостепеното решение произлегува дека во врска со предметното барање, со писмен поднесок од 18.05.2021 година, се произнело и овластеното лице на политичката партија Родина, Зоран Јованчев од Скопје, кој навел дека Милан Јовчевски бил поранешен член на политичката партија, односно дека тој бил исклучен од политичката партија поради преземање на штетни дејствија и рушење на самата партија, што било видно од Решението за неговото исклучување. Појаснил и дека согласно член 18 став 1 од Статутот на политичката партија Родина Македонија, членството во партијата по сила на Статутот му престанува на член, доколку членот станал член на друга политичка партија и со тоа се бришел од евиденција, а предлагачот (Милан Јовчевски) извесен период бил член на друга политичка партија, односно политичката партија Единствена Македонија. Истакнал и дека Милан Јовчевски повеќе од половина година воопшто не бил присутен во партијата Родина и немал никаков увид во документите, вклучувајќи ја и евиденцијата на новопристапените членови. Политичката партија Родина Македонија имала Правилник за зачленување и за престанок на членувањето во партијата во кој бил утврден начинот и условите по кои се вршеле наведените активности, како и Правилник за водење на евиденција на членовите со што се регулирала евиденцијата на членството, односно дека во согласност со тие акти се постапувало.

Имено, прашањето за напуштање на партијата било регулирано со член 8 од погоре наведениот правилник и според тој член престанокот на членството во партијата по барање на членот се вршело со давање изјава за доброволен престанок на членувањето, за што членот пополнувал истапница и истата ја доставувал до партијата, односно до Претседателството на партијата заради констатирање на престанокот. Се смета дека на лицето не му престанало својството на член на партијата се додека не постапило во смисла на став 1 од член 8 од Правилникот. Со доставување на истапницата лицето се бришело од евиденцијата, односно од регистарот на членови на партијата, со што се смета дека настапил престанок на членувањето.

Овластеното лице на политичката партија Родина во одговорот до Судот појаснило и дека без оглед што тие членови дале изјава на нотар за престанок на членувањето, постапката не била до крај завршена, бидејќи тие лица немале доставено истапница, па формално тие се уште се воделе како членови на партијата.

Во однос на барањето на предлагачот (Милан Јовчевски) политичката партија да достави соодветен број на изјави за основање на партија во смисла на член 11 од Законот за политичките партии, овластеното лице појаснило дека изјави за основање биле потребни при основањето на партијата, како и за усогласување по истекот на 4 години од регистрацијата на политичката партија, а дека во конкретниот случај, партијата била основана пред две години, поточно дека изјави се собирале при основање на партијата и при нејзино пререгистрирање. Новото членство во меѓувреме се регрутирало преку пристапница во хартиена форма или електронска форма според важечките прописи на партијата. Овластеното лице навело и дека политичката партија Родина Македонија за време на своето постоење и делување, не само што го задржала своето членство, туку и го зголемила.

Во образложението на првостепеното решение на Основниот граѓански суд Скопје, се наведува и дека кон одговорот на барањето, овластеното лице на политичката партија Родина Македонија доставило докази како што се оригинал Одлука за исклучување на Милан Јовчевски од Прилеп од членството во политичката партија Родина Македонија бр.04.05/1 од 08.02.2021 година, донесена од Претседателството на партијата Родина Македонија, Правилник за зачленување и престанок на членувањето во политичката партија Родина Македонија бр.01-6/1 од 08.02.2021 година, бланко пристапница, фотокопија од истапница, Правилник за водење на регистарот на членови на политичката партија Родина Македонија бр.01-7/1 од 08.08.2021 година со образец во фотокопија од истиот регистар.

Основниот граѓански суд Скопје, во образложението на првостепеното решение, ги навел причините за неоснованоста на барањето за бришење на политичката партија Родина Македонија, поднесено од предлагачот Милан Јовчевски од Прилеп. Имено, Судот констатирал дека до политичката партија Родина Македонија не биле доставени никакви истапници од лицата чии нотарски заверени изјави предлагачот Милан Јовчевски ги приложил кон предметното барање пред Основниот граѓански суд Скопје за бришење на партијата и дека немало никакви одлуки од Претседателството за престанок на членството на тие лица во партијата, ниту пак во регистарот на членови на политичката партија Родина Македонија биле евидентирани истапници, односно дека немало доказ дека биле донесени одлуки за престанок на членството и евиденција на истапниците.

Судот, при одлучувањето, го имал предвид Решението РПП бр.14/20 од 06.11.2020 година, огласено за правосилно на 24.12.2020 година и извршно на 11.01.2021 година, според кое овластено лице за претставување и застапување, односно претседавач – овластено лице на политичката партија Родина Македонија е лицето Зоран Јованчев од Скопје, па согласно Статутот и погоре наведените правилници, само овластеното лице на партијата, односно Претседателството, може да констатира престанок на членството во случај на доставена исписница и да го задолжи генералниот секретар да ги евидентира исписниците во регистарот, па според тоа на лицето не му престанува својството на член во партијата се додека не достави исписница.

Судот, навел и дека само овластеното лице на партијата согласно законските одредби може да достави барање до судот заради бришење на политичката партија, а во конкретниот случај предлагачот Милан Јовчевски не бил овластено лице на партијата, дотолку повеќе што со Одлуката за исклучување на Милан Јовчевски од Прилеп од членството во политичката партија Родина Македонија бр.04.05/1 од 08.02.2021 година, донесена од Претседателството на партијата Родина Македонија, истиот бил исклучен од политичката партија и со тоа му престанале и сите права и обврски кои произлегуваат од членувањето во партијата со денот на донесувањето на наведената одлука.

Против првостепеното решение, Милан Јовчевски преку својот полномошник изјавил жалба до Апелациониот суд Скопје, побивајќи го првостепеното решение поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, но со Решение ГЖ-606/22 од 02.03.2022 година, Апелациониот суд ја одбил жалбата како неоснована и го потврдил првостепеното решение.

5. По наводите содржани во барањето се произнесе Основниот граѓански суд Скопје. Во доставениот одговор се наведува дека политичката партија Родина Македонија со скратено име РОДИНА во 2020 година била запишана во Судскиот регистар на политички партии и Единствениот регистар на политички партии врз основа на Решение на Основниот граѓански суд Скопје РПП бр.9/20 од 30.03.2020 година (ЕРПП бр.128/20). Се наведува и дека при донесување на одлуката Судот ја имал предвид одредбата од член 11 став 1 на Законот за политичките партии во која бил определен цензусот по однос на бројот на граѓаните кои можат да основаат политичка партија, но го имал предвид и став 3 на член 11 од Законот, според кој политичката партија е должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрацијата да достави до Основниот суд поединечно дадени потписи заверени пред нотар со број на потписи потребни за основање на политичката партија. Политичката партија Родина била основана во 2020 година, па согласно член 11 став 3 од Законот, политичката партија немала законска должност пред истекот на секои 4 години од денот на регистрацијата да доставува поединечно дадени потписи заверени пред нотар со број потребен за основање на политичката партија, а таквото законско решение било целисходно бидејќи бројот на членовите на партијата не бил статичен, но истиот можел да подлежи на постојната флуктуација без нарушување на цензусот од минимум 1.000 членови. Следствено на тоа, независно од околноста што подносителот на барањето за бришење на политичката партија доставил изјави на 248 лица за отстапување од партијата, тоа само по себе не можело да претставува основ за бришење на политичката партија од Судскиот регистар и од Единствениот регистар на политички партии.

Во одговорот се наведува дека барањето за бришење на политичката партија Родина, поднесено од лицето Милан Јовчески (сега подносителот), било одбиено, бидејќи не биле исполнети условите за престанок со бришење на политичката партија предвидени со одредбите од член 29 и член 30 на Законот за политичките партии.

Во однос на наводите дека со одбивателното решение за бришење на политичката партија, на подносителот му биле повредени слободата на мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и дека му била сторена дискриминација по основ на политичка припадност, Основниот граѓански суд во одговорот наведува дека предметното решение само по себе по својата природа, не може да предизвика повреда на слободите и правата, бидејќи со донесената одлука на ниту едно лице не му се ограничува или исклучува можноста за политичко здружување во политичка партија, туку напротив, при донесувањето на предметното решение, Судот доследно се раководел од Законот во однос на условите за бришење на политичката партија, со што се овозможило остварување на слободата на политичко здружување на лицата кои имале изразена волја да членуваат и политички дејствуваат во политичката партија РОДИНА.

Во одговорот, Основниот граѓански суд, потенцира и дека опстојувањето на политичка партија на сцена, не можело на ниту еден начин да претставува ограничување или исклучување на слободата на политичко здружување на кој било граѓанин на Република Северна Македонија како уставно загарантирана слобода.

6. Со член 20 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Согласно став 2 на член 20 од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Според став 3 на член 20 од Уставот, програмите и дејствувањето на здруженијата не граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, а со став 4 на член 20 од Уставот, забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Од погоре цитираните уставни одредби произлегува дека слободата на политичко здружување значи право на граѓаните да формираат политички партии, односно граѓаните имаат право слободно да се организираат и да се здружат со цел дејствување, помеѓу другото и заради остварување на заеднички интереси во политиката, за која цел граѓаните можат слободно да основаат политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Иако начелно ја гарантира, Уставот на оваа слобода не и дава карактер на апсолутна вредност, туку само во рамките во кои со нејзиното користење не се загрозува истата таа слобода на другите луѓе и основните општествени вредности утврдени со Уставот.

Уставните одредби кои се однесуваат на правото на граѓаните да основаат политички партии е операционализирано во Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“, број 76/2004, 5/2007, 8/2007, 5/2008 и 23/2013), меѓутоа, Законот за политичките партии не се впушта во уредување на суштината на остварувањето на оваа слобода ниту во содржината на нејзиното ограничување, туку ги утврдува критериумите кои се однесуваат на основање, регистрирање и начинот и условите за престанок на политичките партии.

Со член 110 алинеја 3 од Уставот, се определени слободите и правата на човекот и граѓанинот чија заштита се остварува пред Уставниот суд на Република Македонија и тие се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 9 (слобода на мислење, совест и вера) од Европската конвенција за заштита на човековите права: 1. Секој човек има право на слобода на мислите, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали и 2. Слободата за изразување на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.

Со член 10 (слобода на изразување) од Конвенцијата, се уредува дека: 1. Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа и 2. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Согласно член 14 (забрана на дискриминација) од Конвенцијата, уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Според член 51 од Деловникот, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање, а во барањето, според членот 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Пред Уставниот суд, Милан Јовчевски од Прилеп, преку полномошникот, адвокат Трајче Арсов од Велес и други 247 лица, преку полномошникот Милан Јовчевски од Прилеп, поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност, со наводи дека со Решение РПП бр.9/20 од 01.12.2021 година на Основниот граѓански суд Скопје, надлежен за водење на Судскиот регистар на политички партии и за водење на Единствениот судски регистар на политички партии и со Решение ГЖ-606/22 од 02.03.2022 година на Апелациониот суд во Скопје, им биле повредени слободите и правата од член 20 од Уставот, како и слободите и правата од член 9, член 10 и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Од приложената и прибавена документација во врска со предметното барање, произлегува дека Основниот граѓански суд Скопје одлучувал по барање на подносителот Милан Јовчевски, поднесено преку полномошникот Трајче Арсов, адвокат од Велес, за бришење на политичката партија Родина Македонија со седиште на ул. „Никола Парапунов” бр.3А/52 Скопје од Судскиот регистар на политички партии, заведена под РПП бр. 9/20 и во Единствениот регистар на политички партии под ЕРПП бр. 128/20, што се водат кај насловниот суд.

Разгледувајќи ги списите од документацијата, Уставниот суд утврди дека Основниот граѓански суд во Скопје, со Решение РПП бр.9/20 од 01.12.2021 година го одбил барањето за бришење на политичката партија Родина Македонија и ги образложил причините за одбивањето, како и дека првостепеното решение е потврдено од страна на Апелациониот суд во Скопје со Решение ГЖ-606/22 од 02.03.2022 година.

Имајќи ја предвид суштината на барањето поставено пред надлежниот граѓански суд и одлучувањето по тоа барање, наспрема наводите изнесени во барањето дека од страна на надлежните судови им биле повредени слободите и правата, Уставниот суд констатира дека од посочените акти на судовите не произлегува одлучување кое за подносителите значи нивно спречување политички да се здружуваат и дејствуваат или какво било ограничување во можноста за практикување на слободите и правата од сферата на политичкото здружување и дејствување.

Во однос на наводите изнесени во барањето дека со одбивањето на барањето да се избрише политичката партија Родина од Судскиот регистар, Судот ја дерогирал слободно изразената волја на подносителите да истапат од основачи на партија, како и во однос на наводите дека судовите со своите акти не им дозволувале на подносителите да истапат од својство на основачи, со што им било оневозможено да остварат политичко здружување и дејствување, Уставниот суд, го наведува следното:

Надлежниот суд за регистрирање на политички партии, постапува по барања за запишување на политичка партија во Судскиот регистар. Политичката партија донесува програма која содржи одредби за целите и изборот на формата и методот на дејствувањето на политичката партија (член 15 од Законот за политичките партии) и статут којшто содржи одредби, помеѓу другото за: политичките цели на дејствување, остварување на јавноста во работата и начинот на дејствување; условите и начинот на зачленување и престанување на членството и правата, обврските и одговорностите на членовите; застапувањето и претставувањето на политичката партија; органите на политичката партија, начинот на нивниот избор и отповикување, траењето на мандатот и начинот на одлучувањето; престанокот на политичката партија и др.

Од образложението на Решението, произлегува дека од страна на судовите бил земен предвид и фактот дека според Законот за политичките партии само овластено лице на политичката партија може да бара бришење на политичката партија, а подносителот не бил овластено лице на партијата. Дополнително, а од приложената документација произлегува и дека подносителот Милан Јовчевски, не бил член на политичката партија во време кога поднел барање за бришење на политичката партија Родина Македонија. Поточно, од документацијата произлезе дека тој бил исклучен од политичката партија со Одлуката бр.04.05/1 од 08.02.2021 година, за исклучување на Милан Јовчевски од Прилеп од членството во политичката партија Родина Македонија, донесена од Претседателството на партијата Родина Македонија, а по неговото исклучување поднел барање за бришење на политичката партија (28.06.2021 година), на што му претходело известувањето за бришење на политичката партија (22.04.2021 година), исто така по неговото исклучување.

Во конкретниот случај, според Уставниот суд, посочените судски одлуки не задираат во волјата на подносителите да пристапат или истапат од политичката партија бидејќи судовите не одлучуваат по барања за пристапување или истапување од политичка партија, па да се смета дека Судот ја дерогирал слободно изразената волја на подносителите да истапат од основачи на партијата, од кои причини неприфатливи се наводите дека судовите не им овозможувале на подносителите да истапат од својство на основачи на политичката партија, поточно дека судовите се тие кои со своите акти ги спречувале политички да се здружуваат и дејствуваат. Ова дотолку повеќе што од документацијата произлезе дека подносителот Милан Јовчевски членувал во друга политичка партија, односно политичката партија Единствена Македонија, што значи политички се здружувал и дејствувал, што е спротивно на неговите наводи во барањето дека бил спречен во практикувањето на слободите и правата од предметната сфера.

Вмешувањето на јавните власти во правото на граѓаните на политичко здружување и дејствување, може да се манифестира преку донесување на поединечен акт со кој се одбива барање за регистрирање на политичка партија заради политичко здружување и дејствување, или пак преку донесување на акт со кој се забранува дејствување на политичка партија, а и со други акти со кои граѓаните би биле спречени во практикувањето на слободите и правата од сферата на политичкото здружување и дејствување.

Оттука, имајќи предвид дека од посочените акти не произлегува одлучување на судските органи со кои на подносителите им се попречува здружување преку регистрација на политичка партија заради политичко дејствување во општеството, ниту им се забранува истапување од членство на политичка партија, ниту каква било забрана за политичко дејствување, ниту од посочените акти произлегува некакво санкционирање заради изразено мислење како начин на ограничување на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, туку напротив тие се во функција на обезбедување на тоа право за граѓаните со цел да можат да ги практикуваат тие слободи и права, Судот во конкретниот случај, не утврди вмешување на органите на јавната власт во слободите и правата за граѓаните од сферата на политиката, како што се наведува во барањето.

7. Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот во конкретниот случај не најде повреда на слободи и права за граѓаните гарантирани со член 20 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со бараната заштита на слободи и права што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

8. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Одлуката.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.63/2022
19 октомври 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска