Судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија Насер Ајдари и Проф. д-р Осман Кадриу учестуваа на дводневна меѓународна конференција која се одржа во Тирана, Албанија. Преку овој настан Уставниот суд на Албанија го обележа 30 годишниот јубилеј од основањето на уставното судство.
На научната конференција главен акцент беше ставен на улогата на уставните судови во новите демократии и се дискутираше за следните теми: Дијалогот меѓу уставните судови и неговото влијание во заштита на човековите права; Уставното судство како гаранција на консолидација на правната држава; Улогата на уставното судство во развојот на темелните вредности на општеството.
Судијата Кадриу како учесник и претставник на Уставниот суд на Република Северна Македонија дискутираше за улогата на уставното судство во заштитата на човековите права во рамки на надлежностите на Судот.
„Современото уставно судство согласно надлежностите сеуште има недоречености во правната регулатива во одделни земји во поглед на заштитата на човековите права и слободи, бидејќи оваа надлежност е поврзана со воведувањето на уставната тужба или како што се нарекува некаде уставна жалба ”.
Судијата Кадриу во своето обраќање образложи дека постојат три правни системи со критериум и аспект на заштитата на човековите слободи и права пред Уставниот суд на една земја. Првиот е најсеопфатен и во него се обезбедува уставно-судската заштита за сите слободи и права коишто ги гарантира Уставот. Вториот правен систем се однесува само на ограничениот број на слободи и права за којшто се пружа заштита, бидејќи не е воведена уставна жалба како правно средство, што е на пример случај кај нас и во Албанија. Но, има и земји кои се ретки, во кои не е обезбедена уставно-судска заштита со Уставот во нивната земја, посочи Кадриу.
На конференцијата која се одржа 13 и 14 октомври 2022 година учествуваа судии на уставните судови од повеќе од 15 земји во светот.