У.бр.34/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 октомври 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на:

– Одлуката на Советот на Општина Неготино број 08-506/4 од 18 август 2021 година за давање на согласност на Одлуката број 02-360/2 од 5 август 2021 година на Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие Неготино, донесена на 18 август 2021 година и
– Заклучокот број 09-519/2 од 20 август 2021 година на градоначалникот на Општина Неготино за објавување на Одлуката за давање на согласност на Одлуката број 02-360/2 од 5 август 2021 година на Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие Неготино, донесена на 18 август 2021 година.

2. Никола Петров од Неготино, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорените акти донесени од страна на Советот на Општина Неготино се во спротивност со член 16 алинеја 3 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство на процената на влијанието врз животната средина и алинеја 4 со која се уредуваат други активности неопходни за спроведување постапка согласно овој закон, кои се однесувале на доделувањето на концесија на добра од општ интерес, донесување на договорот за воспоставување на јавното приватно партнерство и процената на влијанието врз животната средина која наводно не е изработена во конкретниот случај. Според подносителот граѓаните треба да бидат информирани за изградбата на мала хидроелектрична централа на водоснабдителниот систем Лукар, кој се наоѓал во атарот на Општина Неготино и треба да има најмалку една јавна расправа со цел за истата да бидат информирани граѓаните на Општина Неготино. Според наводите во иницијативата тоа е пропишано согласно член 61 од Статутот на Општина Неготино и потребата од почитување на критериумите на Архуската конвенција.

Во продолжение на иницијативата е наведено дека со оспорените акти е сторена повреда на член 20 од истиот закон во однос на формирањето на комисија за избор на најповолна понуда, која треба да биде формирана од страна на органот на управување, односно Управниот одбор на ЈП „Комуналец“ Неготино, а не од страна на директорот на јавното претпријатие како што е сторено во конкретниот случај и од таа причина истото да се констатира согласно член 6 од Одлуката на Управниот одбор на ЈП „Комуналец“ Неготино, заведена под број 02-510/4-1 од 26 ноември 2021 година, која е донесена од Управниот одбор на ЈП„ Комуналец“ и е заведена под број 02-360/2 од 5 август 2021 година.

Според наводите во иницијативата овие незаконски дејствија имплицираат незаконито распишување на оглас за избор на најповолен понудувач за склучување на јавно приватно партнерство во периодот кога се распишани избори, а тоа е во спротивност со член 8-а став 1 алинеја 1 од Законот, кој не е наведен конкретно во иницијативата (под претпоставка Изборниот законик) и дека треба претходно да биде донесена одлука за распишување на избори за градоначалник или членови на советот на општината, освен ако биле обезбедени средства од буџетот или од јавни фондови, или од средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал за нови објекти во инфраструктурата како што се патишта, водопади, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти за кои биле обезбедени средства претходно од буџетот или пак се работело за реализација на програма донесена врз основа на закон за тековната година.

Во иницијативата како значајна напомена е наведено дека е пристигната само една понуда за склучување на јавно приватно партнерство од семејна фирма на висок партиски функционер и лице именувано за директор на компанија со државен капитал и тоа укажувало на сомнеж дека е повреден член 32 од Законот за спречување од корупција кој се цитира во иницијативата. Оттука, во иницијативата се предлага да се поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката на Советот на Општина Неготино, со која се дава согласност на Одлуката на управниот одбор на ЈП„Комуналец“ Неготино и да се донесе решение со кое ќе се поништи Одлуката на Советот на Општина Неготино.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 4 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 79 став 1 точка 31 од Статутот на Општина Неготино („Службен гласник на Општина Неготино“ бр.3/2006, 2/2011, 9/2011 и 16/2012, 13/2020), Советот на Општина Неготино на седницата одржана на ден 18 август 2021 година ја донесе оспорената Одлука за давање согласност на Одлуката бр.02-360/2 од 5 август 2021 година на Управниот одбор на ЈКП „Комуналец“ Неготино. Во членот 1 од Одлуката се дава согласност на Одлуката бр. 02-360/2 од 05.08.2021 година донесена од страна на УО на ЈКП „Комуналец“ Неготино. Согласно членот 2, оваа одлука влегува во сила со денот на објавување во „Службен гласник на Општина Неготино“.

Исто така, Судот на седница утврди дека врз основа на член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 96 став 1 точка 4 од Статутот на Општина Неготино („Службен гласник на Општина Неготино“ бр.3/2006, 2/2011, 9/2011, 16/2012 и 16/2014, 13/2020), градоначалникот на Општина Неготино донесе Заклучок за објавување на Одлука за давање согласност на Одлуката бр. 02-360/2 од 5 август 2021 година на Управниот одбор на ЈП „Комуналец“ Неготино.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај оспорената Одлука за давање на согласност за објавување на Одлуката, заведена под број 08-360/2 од 5 август 2021 година на Управниот одбор на ЈП „Комуналец“ Неготино, се оспорува поради тоа што е во спротивност со член 16 алинеи 3 и 4 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство кои се однесуваат на доделувањето на концесија на добра од општ интерес, договорот за воспоставување на јавното приватно партнерство и поради тоа што не се информирани граѓаните на Општина Неготино за изградба на мала хидроелектрична централа на водоснабдителниот систем Лукар во атарот на Општина Неготино. Исто така, во иницијативата е наведено дека е сторена повреда на член 20 од Законот за концесии и јавно приватно партнерство во однос на формирањето на комисија за избор на најповолна понуда, која треба да биде формирана од страна на органот на управување, односно Управниот одбор на ЈП „Комуналец“ Неготино, а не од страна на директорот на јавното претпријатие.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија не е надлежен да ја цени примената на Законот или пак неговата можна злоупотреба и бидејќи во иницијативата не се дадени уставно-правни аргументи за оспорување на уставноста на одредбата од оспорените акти и од тие причини во конкретниот случај Судот оцени дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од друга страна, оспорениот заклучок по својот карактер не е пропис подобен за уставно-судска оцена од причина што истиот е донесен со цел да се објави конкретна одлука за давање на согласност и истиот има еднократно дејствие и како акт кој претходи на постапката за објавување на одлуката, не е акт кој на општ начин ги уредува односите на неопределен број субјекти на неопределено време, поради што Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува согласноста на заклучокот со наведените законски одредби.

Тргнувајќи од анализата на овие наводи во иницијативата, Судот оцени дека истата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.34/2022
05.10.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска