У.бр.25/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 12 октомври 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат („Службен весник на Република Северна Македонија” број 149/2021).

2. Гранскиот независен синдикат на полицијата од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, членот 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, е спротивен на член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите 3 и 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и на членовите 212, 213-а и 217 од Законот за работни односи, бидејќи со оспорениот член од Колективниот договор Македонскиот полициски синдикат се определува како единствен синдикат, без да се земе предвид дека во рамките на Министерството за внатрешни работи опстојуваат и два други синдикати кои се регистрирани во Централен регистар, едниот од нив е Гранскиот независен синдикат на полицијата кој е и репрезентативен по сила на Законот, согласно член 212 од Законот за работни односи и Решение од 2018 година издадено од Министерството за труд и социјална политика.

Според подносителот на иницијативата, од член 5 на Колективниот договор јасно се гледа дека под зборот „синдикат” се подразбира само Македонскиот полициски синдикат, односно никаков друг синдикат, поради што не се дозволува Гранскиот независен синдикат на полицијата да биде рамноправен партнер во остварувањето на правата на членовите на независниот синдикат и на сите вработени во Министерството. На Гранскиот независен синдикат на полицијата му е ускратено правото на понатамошно синдикално делување заради заштита на работничките права, иако бил уредно основан и функционирал согласно позитивните законски прописи. Согласно наводите во иницијативата, со оспорениот член 5 од Колективниот договор не може да се привилегира само еден синдикат, поточно Македонскиот полициски синдикат, бидејќи со тоа биле дискриминирани другите два синдикати, поради што оспорената одредба не е во согласност со член 9 од Уставот.

Врз основа на вака изнесените наводи, подносителот му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член 5 од Колективниот договор на МВР („Службен весник на Република Македонија” број 149/2021), по што истиот да се укине, односно да се поништи.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021, 299/2021, 303/2021 и 32/2022) склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат предвидува: „Синдикат во смисла на овој колективен договор е Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат (во натамошниот текст: МПС) претставуван од претседателот на МПС и неговите овластени претставници“.

4. Во член 9 од Уставот, предвидено е дека граѓаните во Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со член 37 од Уставот, е определено дека заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/2019, 267/2020, 151/2021 и 288/2021), на општ начин се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос.

Според член 184 став 1 од Законот за работните односи, работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат. Според ставот 2 од истиот член, Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси.

Согласно член 186 став 2 од Законот за работни односи, активноста на синдикатот и на нивниот претставник не може да се ограничува со акт на работодавачот, ако таа е во согласност со закон и колективен договор.

Колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка, односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач, како што е предвидено во член 203 од Законот за работните односи.

Со членот 210 став 1 од Законот, се определува дека колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Репрезентативност на синдикат на ниво на работодавач се определува заради учество во колективно договарање на ниво на работодавач, согласно член 211 став 5 од Законот за работни односи.

Со член 212 од Законот за работните односи се утврдени условите за репрезентативност на синдикатите. Репрезентативен синдикат на ниво на јавен сектор е синдикатот кој е запишан во регистарот на синдикати кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот и во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработените во јавниот сектор и кои плаќаат членарина според став 3 на член 212 од Законот. Репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработени кај работодавачот и кои плаќаат членарина, како што прецизно наведува став 5 на членот 212 од Законот.

Министерството надлежно за работите од областа на трудот, ја утврдува репрезентативноста на синдикатот на предлог од Комисијата за утврдување на репрезентативноста наведено во член 213-а од Законот за работните односи, за што донесува решение за репрезентативност прецизирано во член 213-г став 2, кое може да се обжали до второстепена надлежна комисија, а и да се води управен спор пред надлежен суд против решението со кое е одлучувано по жалбата според член 213-г ставови 3 и 4 од истиот закон.

Согласно Законот за работните односи во членот 213-д, е предвидено дека репрезентативноста се определува за временски период од три години од денот на донесување на Решението за репрезентативност, што упатува на законска можност за преиспитување на репрезентативноста, која со оглед на критериумите што ја утврдуваат, претставува суштински елемент и услов за определување на синдикатот за учесник во склучување на Колективен договор.

Во член 217 од Законот за работните односи е дефинирано дека посебниот колективен договор за гранката, односно одделот го склучуваат репрезентативниот синдикат и репрезентативното здружение на работодавачите на ниво на гранка, односно оддел.

Поединечен колективен договор склучуваат репрезентативниот синдикат кај работодавачот и овластеното лице од работодавачот, според член 219 став 1 од истиот закон.

Во Законот за работни односи, во главата XIX „Колективни договори”, уредени се видовите на колективни договори, примената и важноста на колективниот договор, предметот на колективното договарање, обврската за колективното договорање, лицата кои ги обврзува колективниот договор, обликот на колективниот договор, учесниците во склучувањето на колективниот договор, страните кои учествуваат во колективното договарање, прашањето за репрезентативност на синдикатот и на здружението на работодавачи, условите за определување на репрезентативност на синдикатот, односно постапката за утврдување на репрезентативност, судската заштита на членските права, судска заштита на правото на здружување и други прашања кои произлегуваат од колективното договарање.

Од анализата на Законот за работните односи, како Lex generalis произлегува дека со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој закон кој ги пропишува основните, односно минималните права, и со друг закон, колективен договор и договор за вработување, при што со договорот за вработување, односно со колективниот договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако такви одредби содржат, се сметаат за ништовни. Со договорот за вработување, односно со колективниот договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни отколку што ги определува овој закон. Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти или дејствија на работодавачот.

Неосновани се наводите во иницијативата во поглед на неисполнувањето на условите за репрезентативност на Македонскиот полициски синдикат, од причина што согласно член 210 ставови 2 и 3 од истиот закон, Колективен договор склучуваат работодавачот или здружението на работодавачи и синдикатот кој има најголем број на членови, врз основа на списокот доставен со барањето за утврдување на репрезентативност, односно Колективен договор се склучува по добивањето на известување од Министерството за труд и социјална политика до синдикатот, односно работодавачите кои имаат најголем број на членови.

Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021) склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, како поединечен договор на ниво на работодавач, ги уредува правата и обврските на работниците во Министерството за внатрешни работи и работодавачот, како и условите и начинот на остварувањето на правата и обврските од работен однос и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.

Овој колективен договор влегол во сила со денот на склучувањето на 24.06.2021 година, а се применува од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 149 од 05.07.2021 година.

Од изнесените законски одредби, Судот утврди дека со оспорениот член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, Министерството како работодавач само ја потврдува законската обврска да склучи Колективен договор со репрезентативниот синдикат согласно член 210 од ЗРО, без да се ограничи формирање и функционирање на синдикат паралелно со Македонскиот полициски синдикат, кој ги исполнува условите за репрезентативност.

Оттука, имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во оспорениот член 5 од Колективниот договор кој упатува на репрезентативниот синдикат со кој е склучен Колективниот договор на МВР, останатите регистрирани синдикати во Централниот регистар не се исклучени ниту изземени од постапката за утврдување на дисциплинска одговорност за работниците кои се нивни членови, работниците имаат право по свој слободен избор да основаат синдикат и во него да се зачленуваат согласно Законот за работните односи, како и согласно условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат.

Што се однесува до наводите од иницијативата дека појаснувањето на употребениот израз „МПС” во оспорениот член 5 од Колективниот договор, има значење на недозволено постоење на никаков друг синдикат, освен Македонскиот полициски синдикат, е погрешна интерпретација на уредената содржина и не може да се прифати како таква.

Судот утврди дека различноста меѓу репрезентативниот синдикат и другите синдикати кај истиот работодавач не може да се смета како привилегирање на еден синдикат и дискриминирање на други синдикати, како што се наведува во иницијативата, туку својството на репрезентативност, кое се стекнува согласно со Законот за работни односи, со исполнување на услови предвидени со Законот, во никој случај не значи забрана на делување на други синдикати доколку ги има, ниту пак може да има таква цел. Оспорениот член од Колективниот договор е уреден во насока на појаснување на употребата на скратената форма „МПС” низ текстот на колективниот договор, а тоа е репрезентативниот синдикат. Околноста што во случајов Македонскиот полициски синдикат е потписник на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, во никој случај не значи дека нема или не може да има или да постојат други синдикати, освен тој што е наведен во оспорениот член од Колективниот договор.

Доколку некој синдикат фактички е попречуван во своето делување или негов член, Законот за работни односи обезбедил правна заштита во таа насока, а конкретно од уредувањето со оспорениот член 5 од Колективниот договор, не произлегува никаква забрана за секакво друго синдикално делување, ниту пак тоа уредување имплицира таква можност.

Исто така, Судот утврди дека се неосновани и наводите во иницијативата дека со постоењето на оспорениот член 5 од Колективниот договор има импликации врз другите членови од овој колективен договор бидејќи јасно се гледа каде се нормира прашањето кое на некој начин вклучува „синдикат” се споменува само Македонскиот полициски синдикат – МПС, односно никаков друг синдикат, од причина што во конкретниот случај се направени измени и дополнувања на Колективниот договор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.303/2021) кои се влезени во сила на 31 декември 2021 година.

Со член 2 од наведените измени на Колективниот договор е предвидено дека во член 234 во ставот 2 зборот „МПС“ се заменува со зборовите „синдикатот согласно членот 226 став 1 од овој колективен договор“.

Со член 3 од измените на Договорот е предвидено дека во член 236 зборот „МПС“ се заменува со зборовите „синдикатот согласно членот 226 став 1 од овој колективен договор“.

Според член 4 од измените на Договорот е предвидено дека во член 238 став 2 во алинејата 10 зборовите: „претставникот на МПС“ се заменуваат со зборовите: „претставникот на синдикатот согласно членот 226 став 1 од овој колективен договор“, а зборовите: „мислење на МПС“ се заменуваат со зборовите: „мислење на тој синдикат“. Исто така е предвидено дека во ставот 3 од членот 238 од Договорот зборот: „МПС“ се заменува со зборовите: „синдикатот согласно членот 226 став 1 од овој колективен договор“.

Врз основа на цитираните одредби произлегува дека Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат пристапиле кон измени и дополнувања, токму во насока на дел од наводите во иницијативата, со што одредбите добиле нова, променета содржина.

Оттука, според Судот, во однос на наводите во иницијативата дека од оспорениот член 5 од Колективниот договор, произлегува неможност за секакво друго синдикално делување, заради тоа што колективниот договор бил склучен со Македонскиот полициски синдикат како репрезентативен синдикат, од причина што останатите регистрирани синдикати не се исклучени ниту изземени од постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за работниците кои се нивни членови, тоа е загарантирано право на работникот по свој слободен избор да основа синдикат и во него да се зачлени, слободно да одлучи да стапи и да истапи од синдикатот, како и еднаков третман на синдикатите кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Од наведените причини Судот оцени дека оспорениот член 5 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, не е во спротивност со одредбите на Уставот и Законот за работните односи на кои се повикува подносителот со иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.25/2022
12.10.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска