У.бр.61/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 12 октомври 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Решението на Комисијата за денационализација со седиште во Скопје, Oпштина Центар ДН. бр.17-08-302/1 (314) од 03.08.2002 година.

2. Проф. д-р архитект Виктор Пајвански од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Решението на Комисијата за денационализација со седиште во Скопје, Општина Центар ДН. бр.17-08-302/1 (314) од 03.08.2002 година.

Подносителот на иницијативата како причина за оспорување на Решението го наведува фактот дека со Барањето за денационализација ДН.бр.17-08-302/1 (314) од 06.07.2001 година, според Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998) и Одлуката за измени и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2000) член 38 став 1, како надомест не барал пари или обврзници, туку друг имот од ист вид во сопственост на државата.

Според подносителот на иницијативата, е сторена повреда на член 30 од Уставот на Република Северна Македонија, како и повреда на член 38 од Законот за денационализација.

Понатаму, подносителот наведува дека со жалбите до Второстепената комисија за денационализација, Врховниот суд на Република Северна Македонија, Управниот суд на Република Северна Македонија, како и Вишиот управен суд на Република Северна Македонија, се одолговлекувала и первертирала правичноста согласно наведените одредби од Уставот на Република Северна Македонија и Законот за денационализација.

3. Судот на седницата, утврди дека министерот за финансии преку Комисијата за одлучување по барањата за денационализација, со седиште во Општина Центар, постапувајќи по барањето за денационализација на недвижен имот ДН.бр.17-08-302/1 (314), од 06.07.2001 година, поднесено од барателите Виктор Пајвански од Скопје, Мирјана Цветковска од Скопје, ул. „Мито Хаџивасилев Јасмин“ бр.40/24 и Станислава Радуловска од Скопје, ул. „Будимпештанска“ бр.27б, врз основа на член 15 став 2 од Законот за денационализација („Сл.весник на РМ“ бр.43/2000), на 03.08.2002 година, донел решение со кое се уважува барањето на подносителите, а во делот од барањето кое се однесува на недвижниот имот што претставува зграда на ул. „106“, бр. 29, во Скопје, на КП.бр.5046-стар премер во КО-Скопје, се одбива како неосновано.

4. Во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, јасно е предвидено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја предвид содржината на оспореното решение на Комисијата за денационализација со седиште во Скопје, Општина Центар ДН. бр.17-08-302/1 (314) од 03.08.2002 година, Судот утврди дека со истото не се уредуваат на општ начин права и обврски на неопределени субјекти, туку се определуваат права и обврски на конкретни лица, поради што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, туку поединечен, односно конкретен акт. За ваков вид на акти Судот не е надлежен да ја оценува нивната уставност и законитост, поради што се утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.61/2022
12 октомври 2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска