Почитувани,
Во периодот од 23 август до 1 септември 2022 година до Уставниот суд се поднесени четири иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и едно барање за заштита на слободи и права и по нив се оформени предмети кои се предадени на работа на советници на Судот и судии.
1 У.бр.80/22
Оспорен: член 2 од Уредбата за изменување на уредбата за висина на надоместок на приватизација на градежно земјиште коешто се приватизира со број 41-2891/1 и 29.03.2022 год.
Подносител на иницијативата: Љубица Мијалова, Слободанчо Мијалов и Драгица Шукриева преку адвокат Зоранче Крстев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба е во спротивност со член 52 од Уставот кој предвидува дека законите и другите прописи не може да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е поволно за граѓаните. Се наведува дека со оспорената одредба се овозможува повратно дејство за висината на надоместок на приватизација на градежно земјиште во државна сопственост и поради тоа е побарана и привремена мерка до конечното одлучување за кое подносителот предлага да биде поништување на оспорената одредба.
2.У.бр.81/22
Оспорена: Одлука бр.27-8039/1 од 23.08.2021 година од Град Скопје
Подносител: адвокат Бојан Милошевски
Од наводите во иницијативата:
Со оспорената одлука се донесува регулациски план на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 кој се однесува на градска четврт 3 05 која се протега помеѓу булеварите: „Илинден”, „8-ми септември”, „Партизански одреди”, дел од урбанистичкиот план усвоен со Одлука на Советот на Општина Карпош од 06.11.2013 година. Подносителот на иницијативата наведува дека образложението на оспорената одлука не ги содржи аргументите и фактите по кои се водел доносителот, односно Советот на Град Скопје и донесениот Регулациски план на ГУП кој важи за градска четврт 3 05 содржи низа пропусти и нерегуларности. Како пример, меѓу другото, се наведува дека во блокот 03 од градската четврт 3 05 со оспорениот регулациски план е предвидена намена Д1- парковско зеленило на простор каде што веќе е реализирана намена паркинг простор – јавно паркирање кој е во функција на постојните објекти со намена А2- домување во станбени згради. Истата состојба се нотира и во блокот 04 покрај улицата „Карпошово востание“ каде што на местото на реализираните рампи за подземно паркирање се предвидува парковско зеленило. Подносителот наведува дека граѓаните се доведени во нееднаква положба бидејќи не може да ја реализираат намената и правото дадено согласно акт на општината, односно важечкиот ДУП 3 05.
3.У.бр. 82/22
Оспорен: Член 1, 2, 3 и членот 6 став 2 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за спроведување и планирање на површини на градење со намена А2 на парцели лоцирани вон централното градско подрачје во граница на градежен реон на Куманово, број 09-5643/4 од 12 јули 2022 година.
Подносител: Друштво за производство, трговија и услуги УПМ-ГРУП ДООЕЛ Куманово и Трговско друштво за внатрешен и надворешен промет, производство и услуги ХРОМАК Емил ДООЕЛ увоз-извоз Куманово преку полномошници Викор Божиновски и Борче Ивановски
Од наводите во иницијативата:
Подносителите наведуваат дека оспорените одредби се спортивни на членот 52 став 4 од Уставот кој предвидува дека законите и другите прописи не смеат да имаат повратно дејство, освен кога е поповолно во граѓаните, а тоа е исклучок. Имено, се наведува дека се прави примена на одредба врз веќе донесени урбанистички планови, која има повратно дејство и дополнително со нејзината содржина се ограничуваат одредени права на граѓаните. Конретно со додавање на нов член 2-а Советот на Општина Куманово без да има законски основ врши директно влијание врз веќе започнати постапки за добивање на одобрение за градење, кои се почнати на основа на важечки урбанистички планови и со тоа се менува нивниот тек кој натаму ќе резултира со нивно одбивање, се наведува во иницијативата.
4.У.бр. 83/22
Оспорен Член 22 став 1 точка 2 од Законот за денационализација во делот „земјоделско” и „од ист вид, површина и бонитет како одземеното”.
Подносител: Адвокатско друштво Баловски Синколи
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека од оспорениот член произлегува дека граѓаните на кои им е одземено земјоделско земјиште кое во меѓувреме станало градежно, не може да им се врати во сопственост и може да бараат да им се даде друго земјоделско земјиште од ист вид, површина и бонитет како одземеното. Во иницијативата се наведува дека поранешните сопственици на одземеното земјоделско земјиште кое без нивна вина или барање преминало во градежно и било оттуѓено без нивна согласност се ставени во понеповолна положба од оние чиишто земјоделски земјишта преминале во градежни а останале неизградени и за кои се уште постојат услови да им бидат вратени во сопственост.
5.У.бр.84/22
Оспорени:
Решение А.бр.140/20 од 3.7.2020 година на Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
Решение А.бр. 140/20 од 4.9.2020 година на Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
Пресуда на Основниот граѓански суд Скопје VII РО бр.3000/20 од 7.12.2021 година
Пресуда на Апелациониот суд Скопје РОЖ-709 од 18.5.2022 година
Подносител на барањето: Маријана Крстева
Од наводите во барањето:
Подносителката на барањето наведува дека е дискриминирана во остварувањето на правото на работа под еднакви услови, право на плата и еднаква работа и заштита при работата, поради социјална припадност и општествена положба. Потенцира дека судовите во нејзиниот случај не го примениле Законот за заштита од вознемирување на работно место.