Дневен ред за XXXIII-та седница закажана за 19 октомври 2022 година (среда)

Уставниот суд на 19 oктомври 2022 година (среда) во 9:30 часот ќе ја одржи XXXIII-та седница со дневен ред на кој се закажани две иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права:

  1. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Реферат У.бр.55/2022

Оспорен: Членот 3 од Законот за изменување на Законот за административни службеници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99/22).

Подносител: Јове Кекеновски

Содржина на оспорената одредба: 

Бодовите на плата во делот на образованието за државниот службеник со ниво на квалификациите VI Б, односно стекнати 180 кредити според ЕКТС, кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на започнувањето со примената на Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14), ќе се вреднуваат со 56 бода.

Од наводите во иницијативата: 

Со оспорениот член според подносителот се изедначуваат две категории на вработени, односно тие со VI Б или стекнати 180 кредити и оние со VI A кои имаат 240 кредити, бидејќи се вреднуваат со 56 бода. Ова во иницијативата е наведено како спорно бидејќи се изедначуваат две категории кои имаат различно ниво на квалификации/образование и според подносителот е спротивно на членот 32 од Уставот според кој секој вработен има право на соодветна заработувачка и смета дека  остварувањето на правата и нивната положба се уредени со закон и колективни договори. 

2.Реферат У.бр. 58/2022

Оспорени: Членовите 5,7,8 и 165 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам(„Службен весник на Република Македонија” бр.120/2018) 

Подносител: Адвокат Јован Јоанидис 

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата во Законот за кривична постапка е предивдено дека адвокатот е лице кое не може да биде сведок во однос на тоа што го дознал во вршењето на своето занимање и е во согласност со Законот за адвокатура, Кодексот на етика на адвокатската комора и Правилникот за дисциплинска одговорност и е должен да го чува како тајна она што му го доверила странката. Оспорените одредби кои ставаат обврска меѓу останатите субјекти и на адвокатите да преземат мерки и дејствија за откривање и спречување на перење на пари и финансирање на тероризам подносителот тврди дека се во спротивност со членовите 12, 18 и 53 од Уставот. 

II-БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1.Реферат У.бр.63/2022

Оспорени: Решение РПП бр.9/20 од 01.12.2021 од Основниот граѓански суд Скопје, Решение ГЖ-606/22 од 02.03.2022 година на Апелациониот суд во Скопје

Подносител: Mилан Јовчевски преку адвокат Трајче Арсов од Велес 

Од наводите во барањето: 

Во барањето се наведува дека судовите требало да ја избришат политичката партија „Родина” од судскиот регистар бидејќи бројот на основачи се намалил под законскиот минимум, односно 248 основачи со заверка на нотар потпишале дека истапуваат од партијата како основачи.  Подносителот наведува дека судовите постапувале произволно и го повредиле членот 110 алинеја 3 од Уставот кој се однесува на слобода на мислата и јавно изразување на мислата, политичко здружување и дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност.