У.бр.132/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 27 септември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП – Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2017).

2. Производното, трговско, градежно и услужно друштво НАБИЗИ ДОО Струга, застапувано од Игор Петковски, адвокат од Битола, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од актот означен во точката 1 од Решението.

Подносителот во иницијативата го оспорува Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2017) од причина што со одредбите од истиот му се дава можност на Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП, незаконито да врши наплата на надомест за основи за надоместок за користење на авторското право и сродните права кои не се пропишани во Законот за авторското право и сродните права, а согласно член 137 став 1 точка 11 алинеја 4 од истиот не се плаќа надомест, односно не се плаќа надомест за користење на авторско дело во трговски и други производствени погони.

Според подносителот, оспорената одредба од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа, е во судир со темелните вредности на уставниот поредок, односно начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи покрај предвидените основи за определување на надомест за авторското право и сродните права уредени во Законот за авторското право и сродните права, го проширува опсегот на основите за определување на надомест со поименично именување на трговските и производствените погони како продажни шопинг центри, стоковни куќи, бензински пумпи, супермаркети, продавници, бутици, деловни простории и слично, иако сите во целина претставуваат и можат да се доведат под поимот трговски и други производствени погони.

Понатаму, истиот укажува дека со оспорената одредба од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа, се нарушува и начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, утврдено во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, бидејќи ЗАМП како организација за колективно управување со авторските права го надминала законското овластување да донесе Правилник со тарифа, од причина што со Тарифниот број 6 пропишала и други основи за определување надомест за авторско право спротивно на рамката утврдена во Законот за авторското право и сродните права.

Оспорените одредби од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа, според подносителот е во спротивност и со член 51 од Уставот согласно кој сите други прописи мора да бидат во согласност со Уставот и со закон, а во конкретниот случај со Законот за авторското право и сродните права.

Со еднострано донесување на одредби кои за последица имаат проширување на основите за определување на надомест за авторското право, во крајна линија се генерира правна несигурност, особено што ваквото постапување е спротивно на постоечкото законско решение, поради што подносителот смета дека оспорените одредби од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа не треба и понатаму да бидат дел од правниот поредок во услови на веќе регулирана материја со закон.

Согласно горенаведеното се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа и истите да ги поништи или укине.

3.Судот на седницата утврди дека оспорените одредби од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП – Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2017) се со следната содржина:

За користење на музички дела по пат на механичка музика во продажни шопинг центри, стоковни куќи, бензински пумпи, супермаркети, продавници, бутици, деловни простории и сл. месечниот надомест се утврдува во зависност од големината на просторот и изнесува: а) од 01 до 30 м2 основицата изнесува 1 бод по 1 м2, б) од 31 до 100 м2 основицата изнесува 0,8 бода по 1 м2, в) од 101 до 200 м2 основицата изнесува 0,7 бода по 1 м2 и г) над 200 м2 основицата изнесува 0,6 бода по 1 м2, прецизно утврдено во став 1 од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа.

Кога музичките дела се соопштуваат и на отворен јавен простор, согласно став 2 од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа, надоместот од претходниот став се зголемува за 100 бода.

4. Владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се дел од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдени во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

Во Република Северна Македонија согласно член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а ова е уредено во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот.

Правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво во Република Северна Македонија се регулирани со Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016), односно се уредува правото на авторите над нивните авторски дела (во натамошниот текст: авторското право), правата на уметниците – изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми (филмски продуценти), на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над нивните предмети на сродни права (во натамошниот текст: сродните права), остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на Законот.

Законот за авторските права и сродните права, во член 1-а, ги определува поимите „јавност“ и „јавно користење“. Така, во ставот 1 од членот 1-а се определува дека јавност во смисла на овој закон опфаќа поголем број лица надвор од потесниот круг на роднини или лични познанства. Додека пак, во ставот 2 на истиот член, јавно користење означува секое користење на авторското дело, односно на предметот на сродните права, достапно на јавноста или користење на авторско дело, односно предмет на сродните права во простор до кој јавноста има пристап, како и овозможување на достапност на припадник на јавноста до авторско дело, односно предмет на сродните права во време и место кое самиот ќе го избере.

Авторот, односно носителот на сродно право, според член 3 од Законот, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Носителите на авторското право и на сродните права можат да ги остваруваат правата определени со овој закон индивидуално (одделно за секое авторско дело, односно предмет на сродно право), лично, односно преку застапник или колективно (заедно за повеќе дела или предмети на сродни права и за повеќе носители на правата) преку организација за колективно управување со правата, на начин и под услови определени со овој закон, утврдено во член 129 став 1 од Законот. Согласно став 2 од истиот член, колективното управување со правата од ставот 1 на овој член опфаќа правни работи со корисниците на правата, прибирање надоместоци од користењето, нивна распределба и заштита на правата пред државни органи и други субјекти. Од ставот 3 на истиот член, произлегува дека колективно се управуваат авторското право и сродните права само за објавени авторски дела и за објавени предмети на сродните права. Според став 4 од член 129 од Законот, објавување снимки на изведби се смета објавување во смисла на ставот 3 од овој член. А, додека пак, ставот 5 од истиот член утврдува дека во случај на колективно управување правата се пренесуваат неисклучиво.

Согласно член 132 став 1 од Законот, колективно управување со авторското право и сродните права може да врши правно лице основано од носители на правата (физички и/или правни лица) за колективно управување со правата кое работи во свое име, а за сметка на носителите на правата и врз основа на дозвола од Министерството за култура (во натамошниот текст: организација). Ставот 2 од истиот член, утврдува дека Организацијата работи со непрофитна цел врз принципите на рационалност и транспарентност и со почитување на правилата за конкуренција. Согласно ставот 3 од истиот член, Организацијата може да биде основана за одредени видови права или за права што припаѓаат на одделни носители. А од ставот 4 од истиот член произлегува дека вршењето определени административни, технички или помошни работи организацијата може да го довери на друго физичко или правно лице со пишан договор.

Освен другите надлежности утврдени во член 133 од Законот, организацијата е должна да донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето во согласност со закон; ги прибира утврдените надоместоци од корисниците и врши нивна распределба на носителите на правата во согласност со закон и општите акти; бара од корисниците информации и документи потребни за определување на висината на надоместокот за користење на правата; врши контрола на користењето на авторските дела, односно предметите на сродните права; обезбедува и овозможува јавност на работењето; обезбедува пристап на носителите на правата до информациите за користење на правата, за прибраните средства и за распределбата.

Организацијата што врши колективно управување, според овој закон, ги управува правата на сите носители на правата за кои има добиено дозвола од Министерството за култура, во согласност со овој закон и статутот, односно договорот за основање, а ова е уредено во член 134 став 2 од Законот.

Основите за определување надоместоци, корисници и крајни корисници се уредени со член 137 од Законот, притоа во став 1 точка 11 од истиот член се наведени и исклучоците за коишто не се плаќа надомест за користење на авторско дело, односно предмет на сродните права, како што се: простории во кои занаетчиска дејност врши физичко лице – занаетчија регистриран во Регистарот на занаетчии; музеи, галерии и други простории во кои се врши организирање и јавно изложување на оригинали или примероци на дела од ликовната и применетата уметност, оригинали на книжевни или музички дела и други уметнички предмети; одморалишта и планинарски домови, трговски и други производствени погони и превозни средства во јавен линиски превоз на патници и автотакси превоз на патници.

Врз основа на членовите 137, 138, 139, 140 и 150 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2010, 140/2010, 51/2011, 147/2013 и 154/2015) во врска со членовите 5 и 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ 27/2016), како и членовите 13, 24, 40, 45 и 46 од Статутот на Здружението за заштита на авторски музички права, од страна на Собранието на Здружението е донесен Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2017).

Оспорениот Тарифен број 6 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела, ги воспоставува правилата за определување на висината на авторскиот надоместок за користење на музички дела по пат на механичка музика во продажни шопинг центри, стоковни куќи, бензински пумпи, супермаркети, продавници, бутици, деловни простории и сл.

5. Од извршената анализа на наведените уставни и законски одредби, правната природа на оспорените одредби од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа на ЗАМП, како и ставот којшто Судот го заземал во предметите У.бр.1/2012 од 14.03.2012 година и У.бр.153/2012 од 26.06.2013 година, Судот го утврди следното:

а) Правилникот со тарифа е пропис подобен за уставно-судска оцена бидејќи истиот произведува права и обврски за неопределен круг на субјекти во правото – автори, но и корисници на авторските и сродните права.

б) Во конкретниот случај, наводите во иницијативата со коишто подносителот укажува дека оспорените одредби од Тарифниот број 6 од Правилникот со Тарифа се во спротивност со член 137 став 1 точка 11 алинеја 4 од Законот за авторското право и сродните права, од причина што со истите, всушност дополнително се пропишуваат основи за определување на надомест кои веќе се утврдени согласно Законот за авторското право и сродните права како основи за кои не треба да се плаќа надомест, Судот оцени дека се неосновани од следните причини:

Врз основа на горенаведените законски одредби јасно произлегува дека Собранието на ЗАМП како организација која колективно управува определени права и ги застапува носителите на тие права, согласно дозволата на Министерството за култура, врз основа на член 132 од Законот, може да делува во свое име за сметка на носителите на тие права, од што произлегува дека и актите, во кои е и Правилникот со тарифата, којшто Здружението го донесува, се во лимитирани рамки на дозволата од надлежното министерство и Статутот на Здружението, односно ЗАМП има законски основ и овластување да го донесе Правилникот со тарифа, во кои се наоѓаат сега оспорените одредби од тарифата 6.

Во околности кога на претходно наведеното законско уредување ќе се имаат предвид правниот карактер на ЗАМП како организација која колективно управува определени права и ги застапува носителите на тие права (со законски основ и овластување да носи општи акти), член 137 став 1 од Законот за авторските права и сродните права, кој ги нормира основите за определување на надоместокот за користење на авторско дело како и исклучоците, а особено точката 10 од овој став, и дополнително на тоа се додаде и анализата на член 1-а од Законот, кој ги определува поимите „јавност“ и „јавно користење“, според Судот јасно е дека наводите во иницијативата се неточни и неосновани.

Својот став за суштината на причините за неоснованоста на наводите на подносителот на иницијативата дека одредбите од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа се во спротивност со член 137 став 1 точка 11 алинеја 4 од Законот, Судот го  утврди со логично, практично како и јазично толкување на текстот на правната норма, како од рестриктивен, така и од екстензивен аспект, во корелација со интенцијата на законодавецот со нејзино вметнување да определи исклучоци од широкиот обем на корисници кои согласно член 137 став 1 точка 10 од Законот се должни да плаќаат авторски надомест. Јасно и логично е трговските и други производствени погони да се исклучени од плаќањето надомест за користење на авторски музички дела од причина што тоа не е нужно за вршењето на нивната дејност.

Имајќи го предвид значењето на поимот „погон“, според Судот, јасно е дека трговските и други производствени погони не може да се сведат односно да се донесат во врска со член 1-а од Законот за авторските права и сродните права, кој ги определува поимите „јавност“ и „јавно користење“, поради фактот што трговски или производствен погон не вклучува неограничен број на крајни корисници, туку станува збор само за вработените кои работат во погонот од фабриката или производствениот простор, што значи дека нема крајни корисници чија пријатност би била зголемена со користењето на авторските дела како што е уредено во член 137 став 1 точка 10 од Законот, според кој кога користењето на авторското дело, односно предметот на сродните права не е нужно за вршење на дејноста на корисникот, меѓутоа придонесува кон зголемување на пријатноста на крајните корисници и нивните услуги, надоместокот се определува во паушални износи и тоа за постојаните и за повремените користења на авторското дело, односно предметот на сродните права.

Оттука, Судот утврди дека ниту една од категориите на корисници опишани во Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа (продажни шопинг центри, стоковни куќи, бензински пумпи, супермаркети, продавници, бутици, деловни простории и сл.) не претставува трговски или друг вид на производствен погон (за кој е предвиден исклучок од надомест). Напротив, категоријата на корисници предвидени со Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа можат да се доведат во врска и да се сведат под суштината на Законот за авторското право и сродните права, во смисла на задоволување и усогласеност со нормативниот дел, но и целта на Законот, утврдени во член 137 став 1 точка 10 од истиот, како и со законски определените поими „јавност“ и „јавно користење“ од член 1-а од Законот.

Врз основа на ваквата анализа, Судот оцени дека оспорените одредби од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа не се во спротивност со член 137 став 1 точка 11 алинеја 4 од Законот за авторско право и сродните права.

в) Имајќи го предвид претходниот заклучок, според Судот, произлегува дека и тврдењето на подносителот дека се создава правна несигурност, со според него дополнително пропишаните основи за определување на надомест, кои веќе во Законот се утврдени како основи за кои не треба да се плаќа надомест, се неосновани. Имено, принципот на владеењето на правото подразбира хармонија, усогласеност и конзистентност во уставно-правниот поредок, односно сите законски и подзаконски акти да бидат во согласност со Уставот, обврзувајќи го законодавецот да создава прецизни, недвосмислени и јасни норми, бидејќи само таквите правни норми можат да претставуваат солидна основа за постапување од страна на државните органи.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека законското решение утврдено со членовите 133 и 137 од Законот коишто, меѓу другото, всушност претставуваат правен основ за донесување на оспорената одредба на Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа, се јасни, прецизни одредби и притоа истите се во согласност со законските решенија, а со тоа се гарантира правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеењето на правото. Имајќи го предвид наведеното, според Судот не може да стане збор за повреда на член 8 став 1 алинеја 3, како и на член 51 од Уставот кој претставува уставно-нормативна експресија на темелната вредност – владеење на правото.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека со оспорените одредби од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа се повредува темелната вредност на поделба на власта на законодавна, извршна и судска утврдена во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, Судот го утврди следното:

Во Уставот на Република Северна Македонија посебно место зазема поделбата на власта на законодавна, извршна и судска како една од темелните вредности утврдена во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот. Ваквата темелна вредност во прв ред ги има предвид уставните решенија за карактерот на државата како демократска и социјална држава и темелните вредности на уставниот поредок кои ги гарантираат човековите права и слободи. Во тој контекст темелната вредност за поделбата на власта на законодавна, извршна и судска не само што претставува основен принцип во организацијата и вршењето на власта, туку со посебните  облици на неговото остварување се обезбедуваат ограничување и контролирање на власта и несомнено се даваат материјални и процесно-правни гаранции за остварување на слободите и правата на граѓаните, како и за правната сигурност на граѓаните.

Од анализата на законските одредби, според Судот, ЗАМП како организација која колективно управува определени права и ги застапува носителите на тие права, има законски основ, овластување, но и должност да донесува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето на авторските права.

Оттука, Судот оцени дека и актите во кои е и Правилникот со тарифата, којшто ЗАМП го донесува, се во лимитирани рамки на законскиот основ и овластување, односно оспорените одредби од Правилникот со тарифата претставуваат операционализација на законски одредби поради што  наводите дека ЗАМП со истите пропишува други основи за определување на надоместок за авторско право и на тој начин навлегува во законодавната сфера се неточни и неосновани, и на ниеден начин не може да се доведе во прашање начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, утврдено во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

6. Имајќи го предвид горенаведеното, Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Тарифниот број 6 од Правилникот со тарифа, со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот, како и со член 137 став 1 точка 11 алинеја 4 од Законот за авторското право и сродните права.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.132/2021
27 септември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска