У.бр.123/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 27 септември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 146 ставови 2 и 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).

2. Стефчо Костов од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се цитира член 9 од Уставот и се наведува дека со оспорените одредби од Законот за парнична постапка на граѓаните им се оневозможува непречено и безусловно да ги користат правата и овластувањата гарантирани со овој член од Уставот. Имено, граѓанинот кој нема средства, нема приходи или во одреден момент има потешкотии да врши плаќања поради блокирана сметка се наоѓа во нееднаква позиција со граѓанинот кој има средства, односно приходи, при поведување на граѓански спор пред надлежен граѓански суд.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека на тој начин граѓанинот кој нема средства да плати судска такса би изгубил одредени основни права, овластувања и интереси од областа на лични и семејни односи, работни, трговски, имотни и други граѓански спорови и би претрпел соодветна ненадоместлива штета при поднесувањето на тужбата.

Во иницијативата се цитира член 15 од Уставот според кој се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања. Според наводите во иницијативата ова право Уставот го гарантира без никакви условувања, а оспорената одредба од член 146 ставови 2 и 3 го обврзува граѓанинот во одреден граѓански спор да ја плати судската такса во моментот на поднесувањето на тужбата или во рок од 15 дена, со претпоставена санкција за нејзино повлекување односно отфрлање, а тоа претставува чисто условување.

Исто така, во иницијативата се цитира член 50 од Уставот според кој секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени во Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Ова право на судска заштита на слободите и правата Уставот го гарантира без никакви условувања, а оспорената законска одредба напротив го обврзува граѓанинот – тужител во одреден граѓански спор да ја плати судската такса во моментот на поднесување на тужбата, а ако тоа не е во можност да го стори во рок од 15 дена истата ќе биде повлечена, Од тие причини во иницијативата се бара поништување или укинување на оспорените одредби поради спротивност со член 9, член 15 и член 50 од Уставот и член 6 од Конвенцијата за човекови права.

3. Судот на седница утврди дека според член 146 став 2 од Законот за парничната постапка, („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), судот нема да постапува по тужба, ниту да преземе друго дејствие за кое не е платена судската такса. Според став 3 на овој член, ако тужителот не ја плати судската такса во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се смета дека тужбата е повлечена.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Според член 146 став 2 од Законот за парничната постапка, („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), судот нема да постапува по тужба ниту да преземе друго дејствие за кое не е платена судската такса. Според став 3 на овој член, ако тужителот не ја плати судската такса во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се смета дека тужбата е повлечена.

Уставниот суд веќе постапувал по иницијативи со идентични наводи, како што се дадени во конкретниот случај, и со Решението У.бр.188/2008, од 17.12.2008 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 146 ставови 2 и 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005 и 110/2008). Понатаму, со Решението У.бр.67/2010 од 17.11.2010 година, Судот jа отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 146 ставови 2 и 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008 и бр.83/2009).

Во образложението на Решението У.бр.67/2010 од 7 ноември 2011 година е утврдено дека: „Според ставот на Судот, законодавецот имал овластување со закон да ја уреди постапката пред судовите, при што законот мора да биде во согласност со Уставот и да го обезбеди правото на секој граѓанин да се повика на заштита на уставно утврдените слободи и права пред судовите, врз начелата на приоритет и итност независно од неговото социјално потекло и имотната положба, со што се обезбедува остварување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, како и определбата на Република Македонија за социјална држава.

Исто така, не можело да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите од Уставот наведени во иницијативите, бидејќи покрај законските определби дека судот нема да постапува по тужбата, ако не биде платена судската такса, односно дека тужбата ќе се смета за повлечена ако тужителот во рок од 15  дена, а кај посебните постапки во рок од 8 дена, од денот на поднесувањето на тужбата, не ја плати судската такса, Законот истовремено ја уредил и постапката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, пропишувајќи обврска за тужителот, кој нема средства, заедно со тужбата да достави и барање за потполно или делумно ослободување од плаќање на трошоците, како и докази за основаноста на таквото барање (уверение за материјалната состојба, потврда за невработеност, акт за остварување на социјална помош…). На тој начин, Законот определил обврска за тужителот кој нема средства, пред поднесувањето на тужбата да ги обезбеди потребните докази заради ослободување од плаќање на трошоците, од една страна и од друга страна, обврска на судот да се произнесе по барањето без одлагање, а дотогаш тужбата не може да се смета за повлечена поради неплатена судска такса. Со тоа, Законот обезбедил забрзување и економичност во судските постапки врз уставниот принцип на итност, како и дисциплина во плаќањето на трошоците на постапката како јавни давачки, водејќи притоа сметка за остварување на правото на секој граѓанин на судска заштита на своите слободи и права независно од социјалното потекло и имотната положба.“

Со оглед на фактот дека Уставниот суд веќе постапувал по повеќе предмети и ја ценел содржината на наводите кои се идентични како и во конкретната иницијатива, а кои се однесуваат на оценка на уставноста на член 146 ставови 2 и 3 од Законот за парничната постапка, Уставниот суд утврди дека се исполнети условите да ја отфрли иницијативата, бидејќи за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, како што е утврдено во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.123/2021
27 септември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска