Oформени нови предмети во периодот од 14 до 22 јули 2022 година

Во периодот од 14 до 22 јули 2022 година до Уставниот суд се поднесени шест иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и по нив се оформени предмети кои се предадени на работа на советници на Судот и судии.

У.бр.69/2022

Подносител: Оливер Давидовски 

Oспорен: Член 19 став 16 во делот: надлежен суд од Законот за административни службеници („Службен весник на РМ“бр.27/14,147/14,163/14,199/14,48/15,154/15,5/16,142/16,11/18) во делот „надлежен суд”

Содржина на оспорената одредба: „Против одлуката на Комисијата незадоволниот административен службеник може да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием”.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека во оспорената законска одредба воопшто не се дадени дополнителни материјални критериуми со помош на кои поблиску би било определено кој е тој „надлежен суд” пред кого незаодволниот административен службеник може да поведе тужба и да побара правна заштита. Според наведеното во иницијативата се создава дилема во практиката и се остава можност за различно толкување на тоа кој суд е надлежен против ваквите одлуки на Агенцијата. 

 

У.бр.70/2022

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Оспорен: Членот 83 став 1 од Законот за даночна постапка во делот „29 до”.(„Службен весник на Република македонија” број 13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015, 23/2016 и 35/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 275/2019 и 290/2020).

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба упатува на примена на одредба која со Одлука на Уставниот суд е укината и отстранета од правниот промет. Се наведува дека начелото на владеење на правото пропишано со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот подразбира дека во правниот промет мора да постојат јасни и прецизни норми и ако тие упатуваат на примена на други одредби тогаш, повиканите одредби мора да постојат во правниот промет. 

У.бр.71/2022

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Оспорен: Член 10 став 12 од Законот за домување(„Службен весник на Република Македонија” број 99/2009, 57/10, 36/11, 54/11, 13/12, 55/13, 163/13, 42/14, 199/14, 146/15, 31/16 и 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 302/20 и 150/2022)

Содржина на оспорената одредба: 

Лицето чија лиценца е одземена поради неправилности наведени во ставот 7 на овој член не може да добие лиценца согласно со одредбите од овој закон во рок од две години од денот на правосилноста на решението за одземање на лиценцата, а одговорното лице во правното лице не може да основа друго правно лице за вршење на истата дејност која ја вршело правното лице, односно физичкото лице на кое му е одземена лиценцата согласно со овој закон, во рок од две години од денот на правосилноста на решението за одземање на лиценцата. 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба упатува на примена на ставот 7 од членот 10 од Законот за домување која пак нема предмет на уредување кој се однесува на одземање на лиценцата. 

У.бр.72/2022

Подносител: Љупчо Јосев
Оспорен: Член 111 став 4 од Законот за административни службеници(„Службен весник на Република Македонија” бр. 27/2014, 11/18)

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорената одредба е направена повреда на членот 87 став 3 од Законот за административни службеници во делот на плата за  исто ниво, бидејќи државни службеници се ставаат во нерамноправна положба поради разлика во бодовите со државни службеници кои имаат степен на кариера и им се внесуваат дополнителни бодови. Во иницијативата се наведува дека постојат разлики во платите на исто ниво на административните службеници. 

У.бр.73/2022

Подносители на иницијативата: 13 граѓани и правни лица преку адвокат Мефаиљ Арслани

Оспорен: Пет Одлуки донесени од Совет на Град Скопје и општина Кислеа Вода и Проект за инфраструктура од ГЕИНГ Кербс унд Кифер од 2014 година

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите на иницијативата наведуваат дека ГУП-от на Град Скопје е противзаконит бидејќи предвидува промена на булеварот „Борис Трајковски”  со која планираните сообраќајни ленти зафаќаат недвижен имот во приватна сопственост на физички и правни лица кои се наоѓаат само на едната страна на постоечкиот булевар, во насока од Стаклара кон мостот на Маркова река. Поради овие причини подносителите наведуваат дека се зафаќа приватната сопственост со потреба за вршење на експропријација во обем кој доведува до големо оштетување на носителите на правото на сопственост, како што е драстично намалување на вредноста на недвижностите.

 

У.бр.74/2022

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Оспорен: Членот 89 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Северна Македонија” број 99/2022)

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека  од содржината на оспорената одредба произлегува дека се воспоставува ретроактивна примена, односно повратно дејство на одредбата.