У.бр.143/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2  и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 септември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Репуб­лика Северна Македонија“ број 151/2021).

2. Илија Русев од с. Ангелци, Струмица, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Подносителот на иницијативата го оспорува член 1 од Законот за изменување и дополнување на  Законот за работните односи („Службен весник на  Репуб­лика Северна Македонија“ број 151/2021) и смета дека со истиот се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како една од темелните вредности на Уставот.

Во наводите на иницијативата се наведува дека со измената на Законот за работните односи, според подносителот, се повредува уставното начело на еднаквост и начелото на владеењето на правото и правната сигурност, при што во конкретниот случај, одредени стопански и нестопански дејности како здравството, универзитетите, судството се ставале во поповолна ситуација, со што фактички на посреден начин се заобиколува Законот за работни односи, односно се отвора можност со друг закон поинаку да се регулираат овие односи околу престанокот на договорот за вработување, и со тоа се создава нееднаков третман на работниците.

Според подносителот на иницијативата, доколку навистина има потреба од продолжување на договорот за вработување, тоа треба да се остави на слободна оценка на самиот работодавец да одлучи дали ќе се продолжи договорот за вработување со одреден работник до навршени 67 години возраст, а не како што предвидува оспорената одредба да се регулира со посебен закон.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека во оспорената законска одредба не е земено предвид уставното начело дека: „Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место“.

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи („Службен весник на Република Северна  Македонија” број 151/2021), кој бил во врска со член 104 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 167/2015) по што, предлага истиот да се укине.

3.Судот на седницата утврди дека оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Репуб­лика Северна Македонија“ број 151/2021), е со следната содржина: „Во Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/19 и 267/20), членот 104 се менува и гласи: „Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено“.

4.Во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот јасно е предвидено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, децидно е утврдено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението бр.19/2022, од 13 јули 2022 година, оценувајќи ја уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Репуб­лика Северна Македонија“ број 151/2021), не повел постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Репуб­лика Северна Македонија“ број 151/2021).

Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Репуб­лика Северна Македонија“ број 151/2021).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.143/2021
21 септември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска