Претставници на Уставниот комитет на Сирија го посетија Уставниот суд на Република Северна Македонија со цел да дознаат и да научат повеќе од македонскиот Устав, со посебен интерес за децентрализацијата, заштитата и условите на немнозинските заедници во општествениот живот.
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска ги објасни улогата и надлежностите на Судот, амандманите со кои се направени крупни промени во Уставот поврзани со правата на припадниците на заедниците.
– Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница. Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници. Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет, вели претседателката Кацарска посочувајќи го осмиот Амандман од Уставот.
Членовите од Уставен комитет на Сирија се интересираа за застапеноста на мнозинствата во Уставниот суд, начинот на кој се донесуваат одлуките во Судот, како се спроведуваат во пракса и побараа мислење од претседателката Кацарска во поглед на содржината на Уставот, нагласувајќи дека во Сирија се работи на формирање на нов Устав.
-Уставот е најважниот акт кој треба да го почитуваат сите граѓани и во исто време од неговата содржина ги црпат своите права и слободи, тој не треба да биде обременет со многу детали според мене треба да ги содржи темелните права, поделбата на власта, дефинирањето на државата како суверена, самостојна и социјална, како што е нашиот Устав, се останато треба да биде покриено со закони, рече претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Студиската посета е дел од проектот „Еден Устав за сите Сиријци- поддршка на поделбата на моќта и зајакнување на правата на малцинствата” кој е финансиран од германската федерална канцеларија и Европската унија.