Дневен ред за седницата закажана за 5 октомври 2022 година

Уставниот суд  ќе ја одржи XXXI-та седница на 5 октомври 2022 година(среда) во 09:30 часот со дневен ред на кој се предложени предложени пет иницијативи за оценување на уставноста и законитоста.

I: РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА

1.Реферат У.бр.87/2021

Оспорен акт: Член 91 став 2 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 34/2006, 126/2006, 84/2007,47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015) во делот: „Доверителот кој е упатен на парница е одговорен за штетата што може да биде предизвикана со водењето на парницата ако тужбеното барање биде одбиено како неосновано.“     

Подносител на иницијативата: Бобан Богдановски, адвокат од Скопје    

Содржина на оспорениот акт (член 91):

„Доверител кој оспорил побарување на друг доверител чие побарување е признато од стечајниот управник се упатува на парница (став 1). Доверителот кој е упатен на парница е одговорен за штетата што може да биде предизвикана со водењето на парницата ако тужбеното барање биде одбиено како неосновано (оспорен став 2). Доверителот кој го оспорува побарувањето е должен заедно со тужбата да достави и доказ за обезбедување на надоместок на штета најмалку во износ од една петтина од висината на оспореното побарување (став 3). Ако не достави доказ за обезбедувањето, заедно со тужбата, се смета дека доверителот се откажал од оспорување на побарувањето (став 4). Ако тужбеното барање на доверителот биде усвоено во парницата трошоците на постапката паѓаат на товар на стечајната маса.(став 5)

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената одредба е во спротивност со членот 50 од Уставот бидејќи со условувањето, односно со давањето на гаранција од страна на доверителот во висина од 1/5 од вредноста на побарувањето (спорот) се губи смислата на концептот на судска заштита и на владеењето на правото. Поради ова во иницијативата е наведено дека оваа законска одредба е во спротивност и со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба се доведуваат во нерамноправна положба граѓаните и им е повредено правото на еднаков пристап пред судот, па поради тоа се доведени до состојба да се откажат од заштитата на нивните права во стечајната постапка. 

2. Реферат У.бр.37/2020

Оспорен акт и одредби: Членот 65 став 2, во делот: „Законот за прекршоците“ и став 3 исто така во делот: „Законот за прекршоците“, како и Член 66-а став 1, во делот: „Прекршочна комисија“ од Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2004, 89/2008, 12/2009, 17/2011, 47/2011, 53/2011, 123/2012, 164/2013, 27/2014, 116/2015, 192/2015 и 53/2016  и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.31/2020).

Подносител на иницијативата : Игорчо Точев од Кочани

Содржина  на оспорените одредби: 

Членот 65 став 2 од Законот гласи: „Против решението на Државниот пазарен инспектор од ставот 1 на овој член (член 65 став 1, н.з.) може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежен орган согласно со Законот за прекршоците“ .

Ставот 3 од истиот член на Законот гласи: „Против решението на овластениот инспектор на општината, односно на градот Скопје од ставот 1 на овој член (член 65 став 1, н.з.) може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежен орган согласно со Законот за прекршоците“.

Членот 66-а став 1 од Законот гласи: „За прекршоците утврдени во членовите 67, 68 и 70 ставови 1, 2, 3 и 6 од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот, преку Комисијата за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочна комисија).

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека по тој закон постапувал надлежен орган (суд или прекршочен орган) доколку е во прашање прекршок, а членот 65 став 1 од Законот за туристичката дејност се однесува на административна мерка (не на прекршок) која може да ја преземе инспектор при вршење на инспекциски надзор во случаите утврдени во Законот, па пропишувањето во член 65 ставовите 2 и 3 од истиот закон да може да се изјави жалба против решението за административната мерка согласно Законот за прекршоците според подносителот доведува до заблуда, бидејќи оспорените делови од член 65 ставови 2 и 3 на Законот за туристичката дејност не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 (владеење на правото) и со член 51 став 1(законите мора да се во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и закон) од Уставот.

3.Реферат У.бр.34/2022

Оспорен акт: Одлука за давање на согласност заведена под број 08-506/4 од 18 август 2021 година, донесена од страна на Советот на Општина Неготино и Заклучок за објавување на Одлуката за давање на согласност за објавување на одлука, заведена под број 08-360/2 од 5 август 2021 година на УО на ЈП „Комуналец“ Неготино, заведен под број 09-519/2 од 20 август 2021 година, донесени од страна на Советот на Општина Неготино на педесет и првата редовна седница на Советот на Општина Неготино и објавени во („Службен гласник на Република Северна Македонија“ број  19/2021).

Подносител на иницијативата: Никола Петров од Неготино    

Содржина на оспорениот акт: 

Одлука (Член 1): Се дава согласност на Одлука бр. 02-360/2 од 05.08.2021 година донесена од страна на УО на ЈКП „Комуналец“  Неготино.

Член 2: Оваа одлука влегува во сила со денот на објавување во Службен гласник на Општина Неготино. 

Заклучок: Се објавува Одлука за давање согласност на Одлука бр. 02-360/2 од 05.08.2021 година на УО на ЈП Комуналец Неготино , што Советот на општина Неготино ја усвои на седницата одржана на ден 18.08.2021година. 

Oд наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека граѓаните требало да бидат информирани за изградбата на мала хидроелектрична централа на водоснабдителниот систем Лукар, кој се наоѓал во атарот на Општина Неготино и требало да има најмалку една јавна расправа со цел за истата да бидат информирани граѓаните на Општина Неготино. Според наводите во иницијативата тоа е пропишано согласно член 61 од Статутот на Општина Неготино и потребата од почитување на критериумите на Архуската Конвенција. Подносителот на иницијативата изразува сомнеж за корупција, односно упатува на повреда на членот 32 од Законот за спречување на корупција бидејќи пристигнала само една понуда за склучување на јавно приватно партнерство од семејна фирма на висок партиски функционер и лице именувано за директор на компанија со државен капитал и тоа укажувало на сомнеж дека е повреден членот 32 од Законот за спречување од корупција кој се цитира во иницијативата. 

4.Реферат У.бр.98/2021

Оспорен акт: член 84 став 1 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија бр.118/2021).  

Подносител на иницијативата: Круме Чесноски од Прилеп

Содржина на оспорениот акт: 

(Член 84): Започнатите мандати на избраните Претседател на Комора, членови на органи и тела на Комората во периодот до денот на влегување во сила на овој Статут продолжуваат согласно одредбите од овој Статут. Претседателот на Комората, членовите на органите, телата и комисиите на Комората продолжуваат да ја вршат својата функција сѐ до истекот на нивниот мандат. Одредбите од член 51 од овој Статут ќе започнат да се применуваат по истекот на мандатот на членовите на Комисите избрани во периодот до денот на влегување во сила на овој Статут.

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека сегашниот состав на Собранието, односно неговите членови делегати и претседателот на Комората се избрани согласно одредбите на претходниот Статут на Комората кадешто е предвидено времетраење на мандатот од 5 години, туку јасно и експлицитно е предвиден мандат од 4 години. Според наводите во иницијативата на ваков начин соодветната оспорена одредба има ретроактивно дејство, бидејќи членовите на собранието сами си го изгласуваат и си го продолжуваат стекнатиот мандат кој бил добиен од страна на гласачите од поранешниот Статут. Се наведува дека на тој начин се нарушува правната сигурност на граѓаните и на членовите на Стоматолошката комора и не е во согласност со начелото на владеењето на правото и е во спротивност со член 52 став 4 од Уставот.

5.Реферат У.бр. 125/2021

Оспорена одредба: Точка 5 од Упатството за платено политичко рекламирање за Локалните избори 2021 бр.01-3457/1 од 21.09.2021 година.

Подносител на инцијативата: Политичка партија Левица од Скопје

Содржина на оспорената одредба:

Точка 5: Подносителите на листи кои јавно декларираа подршка на кандидати од група избирачи за општините и за Градот Скопје, а во кои немаат свои кандидати, можат дел од своето закупено време за ППР да го користат за рекламирање на овие кандидати, притоа јасно означувајќи дека тие се нарачатели на рекламирањето, а не кандидатите што ги подржуваат.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот акт противправно овозможува фаворизирачка улога на „Независни кандидати” од група избирачи за општините и Градот Скопје, кои биле поддржани  од подносителите на листи-политичките партии иако немале формален договор за коалицирање. Во иницијативата се наведува дека со членот 75-ѓ, ставови 1 и 12 и член 76-д став 5 се прави јасна дистинкција на учесниците во изборната кампања, па согласно тоа се прави процентуална распределба на рекламниот простор на електронските и печатните медиуми наменето за платено политичко рекламирање на учесниците во изборната кампања, како и финансиските средства обезбедени за учесниците од Буџетот на Република Северна Македонија за таа намена.