Дневен ред за седницата закажана на 27 септември 2022 година

Уставниот суд на 27 септември 2022 година во 9:30 часот ќе ја одржи XXX-та седница со дневен ред на кој се закажани четири иницијативи за оценување на уставност и законитост.

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Реферат У.бр.123/2021

Оспорен акт: Член 146 став 2 и став 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).  

Подносител на иницијативата: Стефчо Костов од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува дека со оспорените одредби на граѓаните им се оневозможува непречено и безусловено да ги користат правата и овластувањата гарантирани со членот 9 од Уставот. Така, граѓанинот кој нема средства, нема приходи или во одреден  момент има потешкотии да врши плаќања поради блокирана сметка и слично и не е еднаков со граѓанинот кој има средства односно приходи при поведување на граѓански спор пред надлежен граѓански суд. На тој начин според наводите во иницијативата овој граѓанин би изгубил одредени основни права, овластувања и интереси од областа на лични и семејни односи, работни, трговски, имотни и друѓи граѓански спорови и би претрпел соодветна ненадоместлива штета при поднесувањето на тужбата или во рок од 15 дена со санкција за нејзино повлекување или отфрлање што претставува чисто условување, смета подносителот на иницијативата.

2. Реферат У.бр.37/2022

Оспорена одредба: Одлука на Совет на Општина Ново Село бр.08-288/1 од 03.02.2022 година

Подносител на инцијативата: Градоначалник на Општина Ново Село Ѓорѓе Божинов

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, во делот на оспорувањето на законитоста e повреден членот 20-б од законот за вработените во јавниот сектор кој ја регулира постапката за донесување на Годишниот план за вработување во јавниот сектор кој важи и за општините. Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека општината се придржува кон овој член од Законот, Советот на општината дал позитивно мислење на Предлог-планот, градоначалникот го донел и како таков му било дадено позитивно мислење во законскиот рок и Годишниот План за вработување во Општина Ново Село кое за 2022 година е во сила. Имено, според подносителот на иницијативата, Законот за вработените во јавниот сектор не познава термин стопирање или запирање како и наложување на Градоначалникот на Општина Ново Село повторно да доставува план за вработување на веќе постоечки план за вработување со сите согласности, а предлогот да произлегува од друг орган освен од Градоначалникот. Ваквите незаконити одлуки се наведуваат како противуставни.

3. Реферат У.бр.13/2022

Оспорени одредби:  – член 15 точки 3 и 5, член 16 точки 5 и 8, член 18 ставови 1 и  2,  член 19 ставови 6 и  8, член 20 став 1, член 28 ставови 2 и  4, член 33 став 3, член 35 ставови 1 и  3, член 40 став 5, член 42 став 3, член 49 став 2, член 57 ставови 1, 2 и  3 oд Статутот на Стоматолошката комора на Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија “ бр.118/2021 од 01.06.2021 година).

Подносител на иницијативата: Здружение на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина Кавадарци

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека во членот 15 точките 3 и 5 од Статутот на комората набројани се условите за престанување на членството во Комората и тоа: ако биде осуден на казна затвор во траење од 6 месеци и ако неоправдано не плаќа членарина подолго од 12 месеци.  Ваквите одредби според подносителот оставале сериозна правна дилема поради какво кривично дело е осуден членот на Комората (лекарска грешка при лекувањето, па му е изречена заштитна мерка забрана за вршење стоматолошка дејност или на пример сообраќајна несреќа предизвикана од невнимание). Подносителот смета дека не било наведено кој орган донесува решение за престанок на членството, за кој временски период и во која постапка.

4.Реферат У.бр.132/2021

Оспорен акт: Тарифен број 6 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП“ – Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.153/2017).

Подносител на иницијативата: Производно, трговско, градежно и услужно друштво НАБИЗИ ДОО Струга, застапувано од Игор Петковски, адвокат од Битола

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената одредба од Тарифниот број 6 од Правилникот со Тарифа е во судир со темелните вредности на уставниот поредок, односно начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи, покрај предвидените основи за определување на надоместок за авторското право и сродните права уредени во Законот за авторското право и сродните права, го проширува опсегот на основите за определување на надоместок со поименично именување на трговските и производствените погони како продажни шопинг центри, стоковни куќи, бензински пумпи, супермаркети, продавници, бутици, деловни простории и слично, иако сите во целина претставуваат и можат да се доведат под поимот трговски и други производствени погони. Понатаму, истиот укажува дека со оспорената одредба од Тарифниот број 6 од Правилникот со Тарифа се нарушува и начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, утврдено во член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, бидејќи ЗАМП како организација за колективно управување со авторските права го надминала законското овластување да донесе Правилник со Тарифа, од причина што со Тарифниот број 6 пропишала и други основи за определување надомест за авторско право спротивно на рамката утврдена во Законот за авторското право и сродните права.