У.бр.121/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 септември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за изме­нување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен вес­ник на Репуб­лика Северна Македонија“ бр.234/2021).

2. Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

 Според наводите во иницијативата Одлуката за  изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена, била во спротивност со Законот за заштита на деца и со Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата.

 Во иницијативата се наведува дека во Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца, е пропишано воспитните групи за деца до двегодишна возраст да имаат максимум до 15 деца и двајца вработени во смена, а воспитните групи за деца од две до десетгодишна возраст да имаат максимум до 25 деца и двaјца вработени во смена што, според подносителот, е во спротивност со член 64 од Законот за заштита на деца и член 27 од горенаведениот колективен договор.

Во таа насока, во иницијативата се појаснува дека со донесувањето на оспорената одлука е зголемен бројот на деца во предучилишна возраст од 21 дете на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите од 0-2 години. Со оглед на тоа дека немало воена или вонредна состојба, Владата не можела да носи протоколи спротивни на постоечкиот Закон за заштита на децата, каде недвосмислено е повреден член 64 од истиот, како и член 27 од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата.

Поаѓајќи од горенаведеното се бара од Уставниот суд на Република Северна Македонија да ја запре примената на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен вес­ник на Репуб­лика Северна Македонија“ бр.234/2021), гласат:

„- Воспитните групи за деца до двегодишна возраст да имаат максимум до 15 деца и двајца вработени во смена;

– Воспитните групи за деца од две до десетгодишна возраст да имаат максимум до 25 деца и двaјца вработени во смена;”.

4. Како што е прецизно наведено во член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Член 64 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019,275/2019, 88/2020, 311/2020), гласи:

„ (1) Детските градинки во зависност од возраста на децата и должината на престојот својата работа ја организираат во групи.

(2) Работата во детската градинка се организира во зависност од возраста на децата во хомогени групи, и тоа:

1) до 12 месеци…………………….од шест до осум деца;

2) над 12 до 18 месеци…………од осум до десет деца;

3) над 18 месеци до две години….од десет до 12 деца;

4) над две до три години……………….од 12 до 15 деца;

5) над три до четири години………….од 15 до 18 деца;

6) над четири до пет години………..од 18 до 20 деца и

7) над пет до шест години…………….од 20 до 25 деца.

(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, во зависност од возраста на децата, може да се организира:

1) хетерогена група – до две години………..од десет до 12 деца и – од две години до поаѓање во основно училиште ……….од 18 до 20 деца;

2) комбинирана група – од 12 месеци до поаѓање во основно училиште ………..…од 15 до 20 деца; и

3) група деца од шест години, односно од поаѓање во – основно училиште до десет години…………од 20 до 30 деца.

(4) Во групите од ставовите (2) и (3) точки 1 и 2 на овој член може да се вклучи едно дете со попреченост, во кој случај бројот на децата во групите се намалува за две деца.

(5) По исклучок, во зависност од условите за работа, потребата на децата и родителите или програмите за остварување на дејноста, јавната детска градинка во групите може да има поголем број на деца, односно помал број на деца од бројот на деца утврдени во ставовите (2) и (3) на овој член за што согласност дава основачот на установата.

(6) По исклучок, во зависност од условите за работа, потребата на децата и родителите или програмите за остварување на дејноста, приватната детска градинка во групите може да има помал број на деца од бројот на деца утврдени во ставовите (2) и (3) на овој член за што согласност дава основачот на установата.

(7) Во детската градинка активностите се изведуваат на македонски јазик и кирилско писмо.

(8) За децата на припадниците на другите заедници воспитно-образовните активности во детските градинки се изведуваат на јазикот на соодветната заедница за група деца, согласно со одредбите од овој закон.

(9) Доколку постои интерес за изведување на активности и на други јазици, воспитнообразовните активности во детски градинки може да се изведуваат за група деца согласно со одредбите од овој закон.“

  Уставниот суд направи анализа на член 64 од Законот за заштита на децата во целина, поточно на ставовите 4 и 5, во кои се предвидени исклучоци од определениот број на деца, од каде произлегува дека со оспорената одлука не се повредува истиот член. Исто така, определената одредба е дорегулирана и со колективниот договор каде се наведува дека бројот на деца во градинките може да се зголеми или намали до 20%.

Ограничувањето на бројот на деца во воспитните групи, не го повредува член 64 од Законот, од причина што во истиот се предвидени исклучоци кога и како може да се отстапи од определениот број на деца во групи според нивната возраст. Од ова произлегува дека оспорената одлука не е во спротивност со наведениот закон.

Имајќи го предвид горенаведеното произлегува дека Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена, е во согласност со Уставот и законите.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.121/2021
1 септември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска