У.бр.57/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 7 септември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 69 став 4 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 96/2019).

2. Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, член 69 став 4 од Законот за управни спорови го оневозможува уставно загарантираното право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, со што се повредува Амандманот XXI од Уставот.

Со оспорениот член од Законот се ускратува уставно загарантираното право на поднесување на редовен правен лек – жалба против пресудите донесени во прв степен од страна на Управниот суд. Ваквата ограничувачка одредба создава правна несигурност и истата е во спротивност со една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како и начелото на законитост опфатено во материјална и формална смисла.

Поради тоа, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 69 став 4 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република  Северна Македонија” бр.96/2019), по што истиот да се укине како противуставен кој ги ограничува правата на граѓаните во остварувањето на правото на поднесување на правен лек и како спротивен на начелото на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 69 став 4 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019) е со следната содржина: „Жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган, како ни против пресуда со која судот му наложил на јавниот орган да го донесе поединечниот акт кој не бил донесен во утврдениот рок“.

4. Владеењето на правото и правната сигурност е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, како што е прецизно предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Со Амандман XXI е заменет член 15 од Уставот. Според ставот 1 на овој амандман, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Во став 1 од член 51 од Уставот прецизирано е дека во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите како што предвидува ставот 2 од истиот член.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и дека владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и тоа дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението У.бр.4/2021, на 5 мај 2021 година оценувајќи ја уставноста на  оспорената одредба од член 69 став 4 од Законот за управни спорови, не повел постапка за оценување на уставноста на член 69 став 4 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019).

Судот на седница утврди дека со оспорениот член од Законот за управни спорови не се повредува начелото на владеењето на правото и уставно гарантираното право на жалба против одлуките донесени во прв степен пред суд. Подносителот на иницијативата оспорениот став 4 од член 69 од Законот го гледа изолирано сам по себе што е сосема погрешно, наместо истиот да го гледа во контекст на целината на член 69 од Законот, односно во контекст на целината на точка 14 со наслов:  „Правни лекови” и потточка 14.1. со наслов: „Жалба како редовен правен лек”, односно „Жалба против пресуда” каде децидно се уредува правото и условите за изјавување на жалба како редовен правен лек, односно во кои правни ситуации се изјавува жалба против пресуда.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на член 69 став 4 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република  Северна Македонија” бр.96/2019).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.57/2022
7 септември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска