Почитувани,
Во периодот од 24 јуни до 5 јули 2022 година до Уставниот суд се поднесени шест иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и едно барање за заштита на слободи и права и по нив се оформени предмети кои се предадени на работа на советници на Судот и судии.
У.бр. 62/2022
Подносител на иницијативата: Борис Сидоровски
Оспорен: Одлука за донесување на ДУП за станбена заедница бр.4 и 2 Реонски Центар Запад, Блок 1- Општина Битола, донесен на 4 јануари 2018 година.
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената Одлука за донесување на ДУП ја нарушува неговата и сопственоста на соседите бидејќи како последица на градбите овозможени со оспорениот ДУП се изградени објекти кои предизвикале распукување на темелите на куќите во коишто тие живеат. Според подносителот, општина Битола не објавила соодветно известување дека назначениот ДУП бил оспорен претходно на анкетен лист и по иницијатива на трето лице градежна комисија во целост го прифатила стопирањето на донесениот ДУП до нова изработка во согласност со барањето во анкетниот лист. И покрај овие активности подносителот наведува дека општина Битола во март 2018 година повторно го донесува истиот ДУП кој предвидува изградба на станбена зграда која веќе 90% е изградена и е на 4 метри оддалеченост од куќите. Според подносителот оспорената одлука не е во согласност со членовите 8, 24, 25, 26, 30,33 и 110 од Уставот од чијашто содржина меѓудругото се гарантира владеењето на правото, неповредливост на домот, право на сопственост итн.
У.бр. 63/2022
Подносител на барањето: Милан Јовчески и други 247 лица преку адвокат Трајче Арсов
Oспорен: Решение РПП бр. 9/20 и ГЖ-606/22
Oд наводите во барањето:
Подносителите на барањето упатуваат на повреда на слободата на мислата и јавно изразување на мислата, политичко здружување и дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност бидејќи Основниот граѓански суд и Апелациониот суд во Скопје не ги прифатиле нивните изјави заверени на нотар за истапување од членство во партијата „Родина”. Имено, во барањето се повикуваат на Законот за политички партии според кој партијата требало да биде избришана од судскиот регистар во случај кога бројот на основачи се намалува под 1000, а во случајот 248 основачи поднеле нотарски изјави за истапување со што значително се намалил бројот на основачи. Дополнително поради одлуките на двата суда подносителите на барањето аргументираат дека не можат да го изразат своето политичко уверување за друга партија.
У.бр.64/2022
Подносител на иницијативата: ДТПУ ГЕО СОЛАР ДОО преку Николчо Атанасовски, адвокат
Оспорен: Програма за дополнување на програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Делчево за 2022 донесена од Советот на Општина Делчево во делот: „Оваа измена и дополна стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Делчево”
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека е противуставен оспорениот дел бидејќи определеното со Програмата според која истата стапува во сила веднаш со нејзиното донесување на 15.03.2022 иако е објавена во Службен гласник на Општина Делчево на ден 16.03.2022 година. Во иницијативата се наведува дека според вака определеното програмата влегла во сила пред нејзино објавување.
У.бр. 65/2022
Подносител на иницијативата: Сузана Цветкова
Оспорен: Член 236 став 2 алинеја 1 од Законот за социјална заштита „Службен весник бр.104” од 23.05.2019 година, член 1 став 1 точка 1 од Правилникот за начин на издавање, продолжување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници („Службен весник бр.79” од 26.03.2020 година).
Од наводите во иницијативата:
Според подносителката на иницијативата во членот 236 став 1 и 2 од Законот за социјална заштита кој ја регулира постапката за лиценцирање, образовните профили кои можат да се стекнат со општа лиценца за работа не кореспондираат со членот 194 став 1 од истиот закон, бидејќи сите стручни работници во установите за социјална заштита наведени во членот 194 став1 и членот 197, освен правник, педагог, социјален работник и психолог се дискриминирани во постапката за лиценцирање.
У.бр.66/2022
Подносител на иницијативата: Јашар Касами
Оспорен: Членот 109 став 3 од Законот за основното образование(„Службен весник на РСМ” бр.161/2019)
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека предноста која се дава на наставниците со звање „наставник-ментор” или „наставник-советник ” како кандидати за директор на училиште ги обесправува другите наставници кои ги исполнуваат сите останати услови пропишани со членот 109 став 3 од Законот за основното образование, но не се во можност секој од нив да се стекне со звање „ментор” или „советник”, а не е поради нивна вина или недостатоци. Во иницијативата се наведува дека оспорениот член е спротивен со темелните вредности на владеењето на правото и економските права предвидени во Уставот.
У.бр.67/2022
Подносител на иницијативата : Oрданчо Танчев
Oспорен: Решение ГЖ.бр.1009/12 од 26.09.2012;
Пресуда П1-бр.133/12 од 28.12.2012;
Пресуда ГЖ.бр.904/13 од 17.10.2013;
Решение Рев.2.бр.58/2014 од 13.07.2014.
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата меѓу другото смета дека со оспорените решенија и пресуди е повреден членот 30 од Уставот кој гарантира дека никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес, што не е случај во конкретната иницијатива.
У.бр.68/2022
Подносител на иницијативата : Taсин Мухаџири
Оспорен: Одлука бр.08-1369/1 од 29.07.2021 за Блок 1 за ГП.1.244 и за ГП.1.212 со која е донесен ДУП на општина Гостивар
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека ДУП-от донесен со конкретната одлука за две градежни парцели е донесен спротивно на членовите 4, 5 9 и 27 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Во иницијативата се наведува дека спротивно на ГУП со оспорениот ДУП се предвидуваат објекти за колективно домување А2 со катност П+4+пк во блок предвиден за индивидуално домување на штета на јавни површини предвидени за паркинг простор. Подносителот смета дека не се води сметка за јавниот интерес и јавните површини предвидени за сообраќај и паркинг простор и тоа се прави во строго централно градско подрачје на штета на хуманизацијата на просторот и државниот имот сопственост на Република Северна Македонија.