У.бр.202/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 септември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016).

2. Адвокатското друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска, од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот за игрите на среќа и за забавните игри не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51 став 1 и член 55 од Уставот на Република Северна Македонија.

Од содржината на оспорената одредба, според подносителот на иницијативата, произлегува дека Републиката има воспоставено монопол на електронски и интернет игри на среќа, односно исклучиво право за организирање електронски игри на среќа и интернет игри на среќа.

Подносителот смета дека со вака пропишаната законска одредба, Републиката ги оневозможува приредувачите на игри на среќа да се стекнат со право да организираат електронски и интернет игри на среќа, а што е спротивно на член 55 од Уставот со кој се предвидува дека слободниот пазар и претприемништвото можат да бидат ограничени со закон само за одбрана на Републиката, природата, животната средина и здравјето на луѓето, а спротивно и на основниот принцип според кој се забрануваат монополи.

Дополнително, во иницијативата подносителот наведува и дека со член 7 ставови 2 и 3 од Законот се предвидува дека Републиката може, во соработка со други трговски друштва, да формира ново правно лице со цел извршување на нови дејности. Според тоа, од една страна, со Законот се укинува слободниот пазар и се исклучуваат лица чиј основен капитал не е во сопственост на Републиката, а од друга страна, му се овозможува на приватниот партнер да стекне до 49% удел во основниот капитал на друштвото кое ќе ги извршува наведените дејности.

Понатаму, во наводите на иницијативата, подносителот укажува на тоа дека суштински елемент на пазарната економија е слободната конкуренција, која се исклучува со оспорената одредба.

Според подносителот, со ваквото законско решение, законодавецот се враќа на принципите на планска економија и ја укинува слободата на претприемништвото во дејност која по својата природа не може да влијае, ниту пак може да потпадне под кој било услов предвиден со Уставот за ограничување на слободното претприемништво. Подносителот, исто така, смета дека нема слободен пазар ако е ограничена слободата на конкуренцијата, а ваквото ограничување значи повреда на уставниот принцип со кој се гарантира слободата на претприемништвото, согласно член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, како и нарушување на економското уредување на земјата.

Во своите наводи, подносителот посочува и на одлуките на Европскиот суд за човекови права во кои се укажува за одредени својства на законите кои треба да содржат прецизни, јасни и предвидливи норми.

Надоврзувајќи се на ова, според подносителот, недостатокот на јасни правила во Законот за игрите на среќа и за забавните игри и последиците кои произлегуваат од истиот, водат до повреда на други темелни вредности на Уставот, односно член 8 став 1 алинеја 3 со кој се предвидува дека владеењето на правото е еден од главните столбови врз кои се темели уставниот поредок на Република Северна Македонија. Оттука, оспореното законско решение не дозволува остварување на оваа цел, туку напротив, го повредува владеењето на правото, а со тоа и правната сигурност и предвидливост.

Врз основа на наведеното, а заради почитување на основните принципи врз кои е втемелен Уставот, односно заштита на слободата на претприемништвото, пазарната економија и владеење на правото, од страна на подносителот се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, да донесе одлука со која ќе утврди дека не е во согласност со Уставот и да ја укине истата.

3. Судот, на седницата утврди дека со оспорениот член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри се предвидува дека електронските и интернет игрите на среќа се приредуваат од страна на трговското друштво од ставот 2 на овој член, само или заедно со други приредувачи, при што без оглед на формата на здружување ова трговско друштво треба да има најмалку 51% учество во капиталот и во правото на одлучување во здружувањето.

4. Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, што е предвидено со член 110 алинеја 1 од Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, по претходно поднесена иницијатива, одлучувал за уставноста на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011, 52/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016) и притоа со Решение У.бр.156/2019 од 6 мај 2020 година не повел постапка за оценување на неговата уставност, односно одлучил дека истиот е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

Во образложението на наведеното решение, Судот оценил дека определбата на законодавецот, користејќи го своето легитимно право, за задржување на правото на приредување на дел од игрите на среќа кај државата на начин како е тоа пропишано со оспорените одредби во рамки на целината на Законот, произлегува од видот и карактерот на игрите на среќа, начинот на нивното приредување, обемот и сложеноста на игрите и особено фактот на нивната широка распространетост и достапност за субјектите како учесници во овие игри на среќа.

Според ставот на Судот изразен во овој предмет, имајќи го во вид наведениот јавен интерес, неприфатливо било тврдењето во иницијативата дека со оспорените одредби од ставовите 2 и 3 од членот 7 од Законот се повредува член 55 од Уставот. Судот оценил дека начинот на уредување на пазарот на игрите на среќа во нашата земја како и во други со функционална пазарна економија, е прашање на законодавната политика на државата без да се доведе во прашање слободниот пазар, слободата на претприемништвото, еднаквоста на субјектите на пазарот, правната заштита на сопственоста во правниот поредок, со оглед на тоа што предметната материја е во доменот на специфични дејности со изразен социолошки аспект од јавен интерес за кој државата води грижа и има одговорност за контрола и заштита на начин и под критериуми пропишани со закон, кои еднакво важат за сите во исти услови.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива станува збор за исти наводи како и во предметот У.бр.156/2019, за кои Судот веќе одлучувал и зазел став, а во конкретниот случај нема основ за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.202/2020
1 септември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска