Уставниот суд на 14 септември во 09:30 часот ќе ја одржи XXVIII-та седница со дневен ред на кој се предложени предложени три иницијативи за оценување на уставноста и законитоста.
1.Реферат У.бр.56/2022
Подносител на инцијативата:Владимир Петрушевски
Оспорени: Член 5, 18 и 19 став 2 од Законот за изменувње и дополнување на Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Север- на Македонија“ бр.89/2022).
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените одредби сите полнолетни, здравствено и психо-физички способни граѓани со завршено средно образование, нема да можат да се вработат во МВР доколку се членови на политичка партија, а веќе вработените лица би можеле да трпат штетни последици (парична казна, распоредување на пониско работно место, па дури и прекин на работниот однос) доколку се утврди дека се членови на политичка партија. Во иницијативата е наведено дека оспорените одредби ги ставаат овие лица во нееднаква, подредена, директна и индирекна дискриминаторска улога и дополнително со конкретните одредби не е прецизирано на кој начин ќе се утврдува дали некое лице е член на политичка партија.
2.Реферат У.бр.122/2021
Подносител на инцијативата: Стефчо Костов
Оспорен: Член 25 став 1 точка 11 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија бр.96/2019)
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорената одредба на граѓаните им се оневозможува непречено и безусловно да ги користат правата кои се гарантирани со членот 9 од Уставот, односно граѓанинот кој нема средства, нема приходи или во одреден момент има потешкотии да врши плаќање има блокирана сметка, не е еднаков со граѓанинот кој има средства и приходи при поведување на управен спор, притоа на таков начин тој граѓанин губи одредени права и интереси што му се повредени со некој неповолен поединечен акт на органите на државната власт и претрпува соодветна ненадоместлива штета.
3.Реферат У.бр 4/2022
Подносител на иницијативата: Стопанска комора на Северна Македонија
Oспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.288/2021).
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на иницијативата со оспорениот закон e определено дека ден на неделен одмор е недела и притоа се дефинирани дејностите кои претставуваат исклучок од ова правило. Во иницијативата се наведува дека ден на неделен одмор може да биде било кој друг ден во неделата, дека е утврден и додаток на плата за работа во недела во износ од најмалку 50% за секој час поминат на работа и од тие причини е дозволена нееднаквост на граѓаните пред законите.Во иницијативата е наведено дека е нарушено начелото на владеење на правото и оспорениот закон е во спротивност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 9 став 2 од Уставот.