Оформени пет нови предмети во периодот од 15 до 24 јуни 2022 година

Почитувани, 

Во периодот од 15 јуни до 24 јуни 2022 година до Уставниот суд се поднесени  пет иницијативи и по нив се оформени предмети кои се предадени на работа на советници на Судот и судии.

1.У.бр.57/22

Подносител на иницијативата:Оливер Давидовски

Оспорен: Членот 69 став 4 од Законот за управни спорови( „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019) во делот „жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен”.

Oд наводите во иницијативата:

Во иницијативата е наведено оспорената одредба е не е во согласност со Амандманот XXI  од Уставот, кој утврдува дека се гарантира правото жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Подносителот смета дека е нејасно како законодавецот го оневозможил уставно загарантираното право на редовен правен лек против првостепените одлуки.

2.У.бр.58/22

Подносител на иницијативата: Јован Јоанидис, адвокат од Скопје

Оспорен:Членовите 5, 7 и 8 од Законот за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам („Службен весник 120/2018”)

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со примена на оспорените членови се задира директно во правото на странката на бранител или полномошник во постапката, односно во неговите слободи и права бидејќи на тој начин постои страв кај секој граѓанин дека за она што го доверил на својот бранител ќе биде поведена постапка против него во која како сведок ќе биде токму бранителот. Во иницијативата се наведува дека оспорените членови се во спротивност со членот 12 од Уставот кој ја гарантира слободата на човекот како неприкосновена. 

3.У.бр.59/22

Подносители на иницијативата: Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје

Оспорен: Членот 38 став 2 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010, 100/2012, 142/2016, 193/2016 и 198/2018)

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителите наведуваат дека во праксата и во секојдневието може да постојат повеќе релевантни  причини за изземање, коишто не се опфатени со членот 33 став 1 од ЗКП туку се опфатени со членот 33 став 2 од ЗКП а за коишто причини странките ќе дознаат по отпочнувањето на главната расправа или ќе се појават по отпочнувањето на главната расправа, како на пример судијата, судијата-поротник или обвинителот може да стапат во закупен однос со обвинетиот или со оштетениот, син или ќерка на судијата, судијата-поротник или на обвинителот може да стапи во блиски лични односи, во брак или вонбрачна заедница со обвинетиот или оштетениот итн. 

4.У.бр. 60/22

Подносител на иницијативата: Сашо Балабанов

Оспорени:

– Членот 33 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни  болести(„Службен весник на Република Македонија” бр. 66 од 16.09.2004 година);

– Членот 60 став 2 од Законот за основно образование(„Службен весник на Република Македонија” бр.161/19); 

-Членот 67 став 1 точка 6 од Законот за измени и дополнувања на Законот за заштита на населението(„Службен весник на Република Македонија” бр.139 од 04.11.2008)

-Членот 7 став 1 алинеја 2 од Правилникот за изменување на правилникот за формата, содржината и начинот на водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој(„Службен весник на Република Македонија” бр. 85 од 30.04.2019 година);

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорените одредби се повредуваат уставно загарантираните права и слободи предвидени во членот 8 став 1, членот 9, членот 11 од Уставот, повреда на правото на приватност со начинот на кој се бара податоци од здравствената состојба.

5.У.бр.61/22

Подносител на иницијативата: Виктор Пајвански

Oспорен: Решение на Комисијата за денационализација бр.17-08-302/1(314) од 03.08.2002 година

Oд наводите во иницијативата

Подносителот на иницијативата смета дека со оспореното Решение се повредува правото на сопственост и правото на наследување и наведува дека во случај на експропријација или ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомсток кој не може да биде понизок од пазарната вредност.