Дневен ред за седницата закажана на 1 септември 2022 (четврток)

Уставниот суд  ќе одржи седница на 1 септември 2022 година(четврток) во 09:30 часот со дневен ред на кој се предложени предложени две иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и едно барање за заштита на слободите и правата.

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Реферат У.бр.202/2020

Оспорен:Член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011, 52/2011, 148/2011, 74/2012, 171/2012, 27/2014, 139/2014, 61/2015, 154/2015, 23/2016 и 178/2016)

Подносител на иницијативата: Адвокатско друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска

Oд наводите во иницијативaтa: 

Подносителот на иницијативата смета дека Републиката има воспоставено монопол на електронски и интернет игри на среќа, односно исклучиво право за организирање електронски игри на среќа и интернет игри на среќа. Според наводите во иницијативата со вака пропишаната законска одредба, Републиката ги оневозможува приредувачите на игри на среќа да се стекнат со право да организираат електронски и интернет игри на среќа, а што е спротивно на член 55 од Уставот со кој се предвидува дека слободниот пазар и претприемништвото можат да бидат ограничени со закон само за одбрана на Републиката, природата, животната средина и здравјето на луѓето, а спротивно и на основниот принцип според кој се забрануваат монополи.

Реферат У.бр.121/2021

Оспорен: Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID -19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен вес­ник на Репуб­лика Северна Македонија“ бр.234/2021, 92/2022).

Подносител на иницијативата: Самостоен синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија

Од наводите во иницијативата: Според наводите во иницијативата оспорената oдлука е во спротивност со Законот за заштита на деца и со Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата. Во иницијативата се наведува дека Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца, пропишува дека воспитните групи за деца до две годишна возраст имаат максимум до 15 деца и двајца вработени во смена, а Воспитните групи за деца од две до десет годишна возраст да имаат максимум до 25 деца и двaјца вработени во смена, што било во спротивност со членот 64 од Законот за заштита на деца и членот 27 од горенаведениот колективен договор.

Подносителот смета дека со донесување на оспорената одлука е зголемен бројот на деца во предучилишна возраст од 21 дете на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите од 0-2 години. Со оглед дека во конкретниот период немало воена или вонредна состојба, Владата немала можност да носи протоколи во спротивност на постоечкиот Закон за заштита на децата, каде подносителот наведува дека е повреден член 64 од истиот, како и член 27 од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата.

 

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА: 

Реферат У.бр. 43/2022

Подносител на барањето: Анита Галевски од Битола

Oд наводите во барањето:

Подносителката на иницијативата во 2018 година аплицирала на  оглас за вработување како фармацефтски техничар при ЈЗУ Клиничка болница Битола и  била второрангирана. Според наводите,  раководните лица при ЈЗУ Клиничка болница Битола го избрале шесторангираниот кандидат, со што е направена повреда на правата на барателот. Против ваквата одлука, барателката поднела жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, но жалбата е одбиена како неоснована.

Во барањето се наведува дека подносителката е аполитична личност и не е член на политичка партија и според неа тоа е причината да не биде вработена. Иако била рангирана на второ место, не била примена на огласот, а ЈЗУ Клиничка болница Битола не дала никакво издржано објаснување за причините поради кои било така одллучено, се наведува во иницијативата.