У.бр.19/2022 и У.бр.39/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 13.07.2022 година, донесе:

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Репуб­лика Северна Македонија“ број 151/2021).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 ставови 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Репуб­лика Северна Македонија“ број 151/2021).

3. Весна Кочовска и Јосиф Перчинков од Скопје – државни инспектори за труд и Снежана Терзијанова од Струмица, Ширков Васил од с. Водоча, Живорад Митков од с. Мокрино, преку полномошник Мицев Димитрија, адвокат од Струмица, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи.

Според државните инспектори за труд Весна Кочовска и Јосиф Перчинков, двајцата од Скопје, како подносители на првата иницијатива (предмет У.бр.19/2022), оспорениот член 1 од Законот бил спротивен на членовите 9, 32 и 54 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека со оспорените делови од одредбата, директно се повредувала со Уставот загарантираната еднаквост меѓу граѓаните пред Уставот и законите и претставувала основа за внесување дискриминација во сферата на работните односи, ставајќи ги во понеповолна позиција работниците кои ќе наполнат 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, а спрема кои не се применувале одредбите од други закони во кои поинаку е уредена оспорената одредба.

Оспорените делови од одредбата ја ограничувале примената на Законот за работните односи само врз одредена група на работници и се однесувале само на работниците кои ќе наполнат 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено.

Во иницијативата се наведува дека таа можност, со која работниците кои ќе наполнат 64 години возраст и 15 години пензиски стаж и врз кои се применуваат одредбите од други закони, им давала различен третман на работниците врз кои не се применувале одредби од други закони. Со тоа оспорените делови од одредбата, биле во спротивност со еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, со што е направена директна повреда на членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија, повреда на одредбите од Законот за работните односи кои гарантирале заштита од дискриминација, како и повреда на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Понатаму во иницијативата се наведува дека нееднаквост, односно дискриминација меѓу луѓето, постоела тогаш кога се порекнувало, негирало или одбивало користење на остварување на правото на еднакви можности или конкретни права. Со оспорените делови од одредбата се оневозможувало работниците кои ќе наполнат 64 години возраст, 15 години пензиски стаж и врз кои не се применувале одредби од други закони, да користат или остваруваат право на пензија, како работниците врз кои се применувале одредби од други закони, а со тоа едните биле во привилегирана позиција во однос на другите, што било спротивно на член 6 од Законот за работните односи.

Со оспорените делови од одредбата била направена противуставна неправедна разлика меѓу граѓаните во Република Северна Макдонија во делот на остварувањето на правото на пензија, со што било повредено правото на работа утврдено во член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, а со тоа и правото на недискриминација утврдено со член 9 од Уставот.

Со иницијативата, иако се оспорува одредбата во целост, всушност се става акцент на делот: „доколку со друг закон поинаку не е уредено“ за кој се предлага Уставниот суд, да ги поништи зборовите од член 104 од Законот за работните односи, востановен во член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, како и да забрани примена на оспорените делови од одредбата, на лицата врз кои се применуваат одредбите од други закони во кои поинаку е уредено прекинувањето на договорот за вработување.

Според Снежана Терзијанова од Струмица, Ширков Васил од с. Водоча и Живорад Митков од с. Мокрино преку полномошник Мицев Димитрија, адвокат од Струмица, како подносители на втората иницијатива (предмет У.бр.39/2022), оспорените членови 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, не биле во согласност со член 32 од Уставот.

Во иницијативата како причина за оспорување е наведено дека со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во членовите 1 и 2 од Законот, со кои се менува член 104 од Законот за работните односи, бил повреден член 32 од Уставот на Република Северна Македонија, со тоа што одредена група на работници, биле привилегирани и можеле да го продолжат договорот за вработување до 67 години возраст, додека на друга група работници тоа право им било ускратено.

Со оваа иницијатива се предлага, Уставниот суд, да поведе постапка за оцена на уставноста на членовите 1 и 2 од Законот и истиот да го укине.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи има четири члена, и тоа:

Член 1

Во Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/19 и 267/20), членот 104 се менува и гласи:
„Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено.”

Член 2

За поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година се применуваат одредбите од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/19 и 267/20).
Договорот за вработување од ставот 1 на овој член важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година.

Член 3

Се овластува Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Северна Македонија да утврди пречистен текст на Законот за работните односи.

Член 4

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

5. Како што е прецизно наведено во член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, што е гарантирано со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот.

Видно од содржината на член 9 од Уставот, е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Евидентно од член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба, како што е јасно предвидено во член 54 став 3 од Уставот.

Законот за работните односи во член 3 став 1 ги уредува работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено, а во ставот 2 од овој член е утврдено дека работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор.

Значењето на употребените изрази во точката 1 од членот 5 од Законот, е дека „Работниот однос“ е договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот; а во точката 6 е определено дека „Работодавач” е правно и физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локалната самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно претставништво), кои вработуваат работници врз основа на договор за вработување.

Во член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, јасно е определено дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативите, произлегува дека основните слободи и права на човекот, како темелни вредности на уставниот поредок во Република Северна Македонија, ги прави граѓаните еднакви пред Уставот и законите независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Секој има право на работа, слободен избор на вработување, секое работно место е достапно секому под еднакви услови и правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, при што граѓаните се меѓусебно еднакви. Ограничувањето на слободите и правата само во случаи утврдени со Уставот, не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Законодавецот има уставна обврска при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и прекинувањето на договорот за вработување, граѓаните да ги става во еднаква правна положба, со посебно внимание на секаков вид на дискриминација.

По однос на оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, во целина, за кој подносителите на првата иницијатива, иако го оспоруваат членот во целост, ставаат акцент на делот „доколку со друг закон поинаку не е уредено“, пропишано е дека во Законот за работни односи, членот 104 се менува и гласи „Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено“.

Законодавецот во оваа одредба, ја пропишал границата за прекин на договорот за работа поради возраст на работникот, притоа имајќи ги предвид општествените потреби од специфични професии, упатувајќи на уредување на прашањето со примена на друг закон.

Имено, изменетиот член 104 од Законот за работните односи го уредуваше прекинувањето на договорот за работа поради возраст на работникот. Работодавачот го прекинува договорот за вработување кога работникот ќе наполни 64 години возраст и ќе има најмалку 15 години пензиски стаж.

Пропишаната граница на потребен пензиски стаж е во тесна врска со условот за стекнување на правото на старосна пензија, што е пропишано во член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Ваквото законско решение имплицираше дека наведените услови за прекинување на договорот за вработување треба да се гледаат кумулативно, работодавачот не можеше да го прекине договорот за вработување иако работникот наполнил 64 години возраст, доколку нема 15 години пензиски стаж.

Поради кумулативноста на условите од член 104 од Законот, во истиот член се разработуваше можноста за продолжување на договорот за вработување на доброволна основа, односно со поднесена изјава за продолжување на договорот за вработување од страна на работникот, во точно детерминиран рок за поднесување, а продолжувањето на договорот за вработување, согласно оваа одредба, можеше да се остварува се до нарушување на 67 години возраст на работникот, кога по сила на Законот, договорот за вработување мораше да се прекине.

Со менувањето на член 104 од Законот, во новото законско решение содржано во член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, се укина можноста за продолжување на договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж) односно до 65 години возраст (жена) со изјава на работникот, со што се отстрани задолжителноста на работодавачот за продолжување на договорот за вработување по изјава на работникот, кога работодавачот беше должен, по дадена писмена изјава на работникот, да го продолжи договорот за вработување. Со тоа се потврди двостраноста на работниот однос, притоа давајќи законска можност истиот да биде продолжен доколку поинаку е уредено со друг закон.

Со новото законско решение во член 1 од Законот, се укина можноста за продолжување на договорот за вработување до 67 години со изјава на работникот, се потврди двостраноста на работниот однос, односно се отстрани задолжителноста за продолжување на договорот за вработување по еднострана изјава на волја од страна на работникот.

При ваквото решение, со наполнети 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, договорот за вработување работодавачот го прекинува, при што е дадена законска можност ова да биде поинаку уредено со друг закон. Законодавецот давајќи отстапка од генералната рамка, ја распознава специфичноста на различни професии, во кои, овој сегмент од работниот однос е поинаку уреден, притоа водејќи сметка да не дојде до загрозување на други уставно загарантирани права.

Имено, Законот за работните односи претставува општ, генерален закон, кој на општ начин ги уредува работните односи и не претставува пречка законодавецот во рамките на своите уставни овластувања со други, посебни закони, да доуреди одредени прашања од оваа област и не е во спротивност со член 32 од Уставот како што е наведено во иницијативата, од причина што во алинеја 5 од оваа уставна одредба, јасно е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во својата досегашна уставно-судска практика, Уставниот суд утврдил став дека постоењето на Законот за работните односи како lex generalis, не претставува пречка законодавецот во рамките на своите уставни овластувања со други, посебни закони да доуреди одредени прашања од оваа област.

Во иницијативата е наведено дека со законското решение, законодавецот направил повреда на член 32 од Уставот, односно правото на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, како и правото секој да има еднакви услови и да му е достапно секое работно место.

Имено, во оваа уставна одредба се содржани слобода на работа, право на работа и право на одмор, кои се меѓусебно поврзани слобода и права, својствени за секое демократско општество, со гарантирана слобода и социјална сигурност на сите граѓани.

Слободата на работа значи право на граѓанинот слободно да одлучи дали ќе врши одредена работа или дејност, односно право да го избира своето занимање и вработување и право да престане да работи доколку сака, односно на секој граѓанин под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Правото на работа значи право на граѓанинот на вработување, во согласност со неговите стручни и физички способности. Ова право е основ за обезбедување на материјални средства за егзистенција на граѓанинот, а Уставот на секој вработен граѓанин му гарантира право на соодветна заработувачка, платен дневен, неделен и годишен одмор.

Правото на работа, заедно со другите права што произлегуваат од тоа право, се регулирани со Законот за работните односи, во кој меѓу другото, се регулира засновањето и престанокот на работниот однос, правата и обврските на работниците и работодавачите, како и заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Судот смета дека новото законско решение не може да се доведе под сомнение по однос на член 32 од Уставот, на кој се упатува во иницијативата, од причина што законодавецот ги ставил во еднаква правна положба граѓаните при одредување на границата за прекин на договорот за работа поради возраст на работникот, дотолку повеќе што ставот 5 од истиот член од Уставот, упатува на примена на закон и колективни договори заради остварување на правата на вработените.

Со иницијативата, исто така, е наведено дека со законското решение, законодавецот ги повредил и членовите 9 и 54 од Уставот на Репбулика Северна Македонија.

Во уставната одредба содржана во член 9 од Уставот, е содржано правото на забрана на дискриминација и правото на еднаквост. Правото на забрана на дискриминација е правото на човекот на еднаквост во сферата на слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, етничкото и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Ова право, исто така, ја опфаќа и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Дискриминација е секое неоправдано правење на разлика или нееднакво постапување кон лица или групи кое се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, верско уверување, политичка припадност, личен или општествен статус, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус и слично.

Еднаквоста е начело според кое сите се рамноправни односно еднакви во обврските и правата. Еднаквоста подразбира постоење неистоветни лица кои треба да бидат еднакво третирани. Независно од различностите, Уставот и законите мораат еднакво да се применуваат кон сите граѓани, групи и институции. Правото на еднаквост подразбира дека уставните и законските одредби подеднакво се третираат и применуваат кон сите граѓани, без исклучок.

Член 54 од Уставот на Република Северна Македонија, наведен во првата иницијатива, го определува карактерот на слободите и правата на човекот и граѓанинот, ги посочува условите под кои слободите и правата можат да бидат ограничени, а ги наведува слободите и правата кои не можат под никакви услови да бидат ограничени.

Според Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба што прецизно е одредено со Уставот. Ограничувањето на слободите и правата во воена и вонредна состојба не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, етничко или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Сепак, во воена и вонредна состојба не можат да бидат ограничени сите слободи и права, односно оние слободи и права кои претставуваат меѓународна императивна норма – право на живот, забрана за мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавно изразување на мислата и вероисповед.

Тргнувајќи од наведеното, Судот смета дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 1 од Законот со членовите 9, 32 и 53 од Уставот, од причина што истиот е прецизен и јасен, недискриминирачки, со еднаков третман и примена кон сите граѓани и во согласност со суштинските елементи содржани во претходно наведените и образложени уставни одредби.

По однос на оспорениот член 2 став 2 од Законот, во иницијативата наведена под точка 2, во кој е пропишано дека договорот за вработување од ставот 1 од истиот член, важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година, Судот има установено судска пракса кога одлучувал во предмети У.бр.89/2021, У.бр.90/2021 и У.бр.114/2021 од 10 ноември 2021 година и не повел постапка за оценување на уставноста на член 2 став 2 од Законот, додека по предметот У.бр.129/2021 од 9 февруари 2022 година, ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 2 од Законот.

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, исполнети се условите за примена на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

Со оглед на тоа дека во иницијативата се повикува на повреда на член 32 од Уставот, Судот утврди дека не е доведена под сомнение уставноста на оспорениот член 2 став 2 од Законот, од причина што истиот претставува преодна одредба која согласно изменетиот член 104 од Законот за работните односи, само го утврдува конкретниот момент до 30 јуни 2022 година, до кога важи продолжувањето на договорот за вработување, на работниците кои поднеле изјава за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година. Со ваквото законско решение Судот утврди дека нема повреда на член 32 од Уставот.

Во оспорениот член 2 став 1 од истиот закон, се определува дека за поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година, ќе се применуваат одредбите од Законот за работните односи. Ова од причина што Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, влегува во сила на ден 14 јули 2021 година, со оспорениот член 2 став 1 од Законот, законодавецот точно, прецизно, недвосмислено го утврдил моментот до кога работниците можат да поднесат писмена изјава за продолжување на договорот за вработување, односно до 31 август 2021 година. Притоа е определен денот на стапување во сила на Законот до крајниот рок за поднесување на писмената изјава од страна на работникот до работодавачот за продолжување на договорот за вработување, со што работникот е навремено запознаен со условот за поднесување на изјава, после која, согласно член 1 од Законот за работните односи ќе се уредуваат работните односи меѓу работникот и работодавачот со склучување на договор.

Со оглед дека оспорената одредба има темпорален карактер и истата важи само до конкретниот датум, што значи исцрпена е нејзината примена и повеќе не произведува правно дејство, бидејќи важноста на истата завршила заклучно со 31 август 2021 година, а Уставниот суд ја цени уставноста и законитоста само на важечки одредби и прописи, во конкретниот случај, постојат процесни пречки за мериторно одлучување согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, поради што не треба да се поведе постапка за оценување на уставноста.

Имајќи предвид дека Уставниот суд со решение не повел постапка за оценување на уставноста на член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, а оспорената содржина останала непроменета, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, во овој случај по однос на оспорениот член 2 став 1 од Законот, постојат процесни пречки за уставно-судска анализа, поради што, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата и во овој дел.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.19/2022
У.бр.39/2022
13.07.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска