Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 јули 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2 и член 6-а) од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија” број 114/2009, 148/2011, 106/2013, 166/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 257/2020).
2. Ивана Тасевска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата, оспорените законски одредби биле спротивни со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 6 (право на правична судска постапка) и член 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, затоа што уредувале привилегија за стечајните управници по основ на нивната општествената положба, односно статусот „стечаен управник”, а привилегијата се состоела во можноста стечајните управници да не ги плаќаат судските такси во роковите коишто важеле за останатите граѓани во Република Северна Македонија, утврдени во член 4 ставови 1 и 2 од Законот за судските такси, односно за разлика од останатите граѓани, стечајните управници можеле да иницираат и водат судски постапки, без да ги платат судските такси и без тоа да предизвика задржување на текот на судската постапка.
Дополнително, оспорениот член 6-а) став 2 од Законот, бил и на штета на граѓаните, затоа што и кога парничната постапка завршила со делумно уважување на тужбеното барање, таксата ја плаќал тужениот, што им овозможувало на стечајните управници во име на стечајните должници да поведуваат парнични постапки со превисоко определена вредност на спорот, утужувајќи и неосновани побарувања. Тоа било во колизија со член 146 и член 148 од Законот за парничната постапка, а член 7 од Законот за стечај упатувал на соодветна примена на Законот за парничната постапка.
Во продолжение на иницијативата се изнесува пример за штетата што би ја претрпел тужениот во однос на примената на оспорениот член 6-а) став 2 од Законот на конкретен случај, а како пример се посочува поднесена тужба од стечаен управник за парично побарување по основ на долг, а подносителката се повикува и на одлука на Европскиот суд за човекови права во предметот Cholich-Croatie, 49083/18 од 18.11.2021 (прва секција), каде утврдил дека непропорционалните трошоци кои тужителот бил задолжен да ги плати во граѓанската парница (во која тој делумно успеал) на спротивната страна, а кои изнесувале двојно повеќе од усвоеното тужбено барање, можат да го повредат правото на пристап до суд кое е загарантирано со член 6 од од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Бидејќи оспорените законски одредби не биле согласни со Уставот и Конвенцијата, како и дека биле во колизија со други законски одредби, подносителката предлага, Уставниот суд да ја прифати иницијативата, да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените законски одредби, а по спроведената постапка, истите да ги поништи или укине.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 6 став 2 од Законот за судските такси, уредува дека по исклучок од ставот 1 на овој член во парничната постапка поведена од стечајниот управник за оспорување на побарување на доверител, побивање на правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса, неплатената такса не го задржува текот на судската постапка.
Судот утврди и дека со оспорениот член 6-а) од Законот се уредува дека, стечајниот управник во случај кога поведува парнична постапка за оспорување на побарување на доверител, побивање правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса е должен да ја плати таксата најдоцна до правосилно завршување на парничната постапка (став 1), како и дека во случај кога парничната постапка од ставот 1 на овој член завршила со целосно или делумно уважување на тужбеното барање, таксата ја плаќа тужениот (став 2).
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Еднаквоста во слободите и правата на граѓаните на Република Северна Македонија независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, се гарантирани со член 9 од Уставот. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Видно од содржината на член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирување на јавните расходи на начин утврден со закон.
Сосема јасно е прецизирано во член 68 став 1 алинеја 1 од Уставот дека Собранието на Република Северна Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, како и тоа дека Собранието ги утврдува јавните давачки согласно алинејата 3 на членот 68 од Уставот.
Од погоре цитираните уставни одредби произлегува дека уставна должност е на секој граѓанин да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирување на јавните расходи, на начин утврден со закон, што значи дека право е на законодавецот да го утврдува начинот на плаќањето на судските такси како вид на јавна давачка, како и да определи за што се плаќаат таксите, кој ги плаќа, кој е ослободен од плаќање, вредноста за наплатување на таксата, постапката за наплата на неплатената такса итн.
Јавните расходи се поврзани со функциите на државата, а за извршување на своите функции, државата троши средства, поточно прави јавни расходи. Водењето на постапки пред надлежните судски органи, неспорно предизвикува трошоци за државата (јавни расходи), а судските такси се приход на Буџетот на Република Северна Македонија (член 8 од Законот за судските такси), што значи од истите се намируваат јавните расходи.
Со Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија” број 114/2009, 148/2011, 106/2013, 166/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 257/2020) се уредува плаќањето на судските такси за дејствија пред судовите во Република Северна Македонија и Таксената тарифа, која е составен дел на овој закон.
Законодавецот со член 2 од Законот, уредил дека такси се плаќаат во: 1) парничната постапка; 2) вонпарничната постапка; 3) извршувањето; 4) кривичната постапка поведена по приватна тужба и по барање на супсидијарен тужител; 5) постапката по управните и управно-сметководните спорови; 6) постапката за упис во регистри што ги води судот; 7) стечајната постапка и постапката за ликвидација; 8) постапката по барања за преиспитување на решение за прекршок и 9) други случаи предвидени во Таксената тарифа.
Понатаму со член 4 став 1 од Законот, законодавецот уредил дека таксата се плаќа кога ќе настане таксената обврска, а со ставот 2 на членот 4 од Законот, законодавецот уредил дека ако со овој закон поинаку не е определено таксената обврска настанува:
1) за поднесоците – кога се предаваат, а за поднесоците предадени на записник – кога записникот е завршен;
2) за судските одлуки – кога на странката или на нејзиниот застапник ќе му се врачи препис на одлуката;
3) за судските порамнувања – кога ќе се склучат;
4) во постапката за расправање на оставина – кога предлогот странката го предава во суд;
5) во стечајна постапка – кога се поднесува предлогот за поведување на постапка и за одлуката за главна делба;
6) за судските преписи – кога ќе се побараат;
7) за препис на нотарски и други списи кои ги чува судот- кога ќе се побараат и
8) за другите дејствија – кога ќе се побара нивно преземање.
Од содржината на член 4 од Законот, произлегува дека законодавецот преку ставовите 1 и 2 од истиот член, уредил генерално правило за тоа кога треба да се платат таксите (начелно со предавање на поднесокот на судот), со тоа што нагласил дека тоа е така, ако со Законот за судските такси, не е определено поинаку, односно нешто друго.
Со член 6 став 1 од Законот, законодавецот уредил дека нецелосно платената или неплатената такса го задржува текот на судската постапка, ако со овој или друг закон поинаку не е определено.
Такво поинакво определување е содржано во оспорениот член 6 став 2 од Законот за судските такси, според кој: „По исклучок од ставот 1 на овој член во парничната постапка поведена од стечајниот управник за оспорување на побарување на доверител, побивање на правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса, неплатената такса не го задржува текот на судската постапка.”
Според тоа, законодавецот со член 6 став 1 од Законот, исто така уредил генерално правило дека нецелосно платената или неплатената такса го задржува текот на судската постапка, но, ова ако со овој или друг закон поинаку не е определено, а во случајов, тоа поинакво определување е нормирано со оспорениот член 6 став 2 од Законот за судските такси, а таквите исклучоци законодавецот ги пропишал за точно наведените постапки содржани во оспорениот исклучок (за оспорување на побарување на доверител, побивање правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса).
Потоа со оспорениот член 6-а) став 1 од Законот, законодавецот уредил дека стечајниот управник во случај кога поведува парнична постапка за оспорување на побарување на доверител, побивање правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса е должен да ја плати таксата најдоцна до правосилно завршување на парничната постапка, а уредил во ставот 2 на истиот член и дека во случај кога парничната постапка од ставот 1 на овој член завршила со целосно или делумно уважување на тужбеното барање, таксата ја плаќа тужениот.
Од оспорениот член 6-а) став 1 од Законот, произлегува дека законодавецот го пропишал крајниот рок во кој стечајниот управник треба да ја плати таксата, доколку не ја платил со предавање на поднесокот на судот, а како што е определено со генералното правило.
Всушност, со оспорениот член 6-а) став 1 од Законот, законодавецот уредил можност од одложено плаќање на таксата, а најдоцна до правосилно завршување на парничната постапка (за оспорување на побарување на доверител, побивање правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса).
Што значи, оспорените законски одредби не задираат во обврската за плаќање на таксата, таа мора да се плати, дали во моментот на иницирање парнична постапка поврзана со стечајна маса или во текот на таа постапка, а најдоцна до правосилно завршување на парничната постапка.
При ова треба да се има во вид дека и кога се поведува стечајна постапка, важи генералното правило од член 4 став 1 од Законот дека таксата се плаќа кога ќе настане таксената обврска, конкретно член 4 став 2 точка 5) од Законот за судските такси пропишува дека таксената обврска настанува во стечајна постапка – кога се поднесува предлогот за поведување на постапка и за одлуката за главна делба. Воедно, и во однос на нецелосно платената или неплатената такса, важи генералното правило за предлагачот, поточно, доколку предлагачот не ја плати таксата со поднесување на предлогот на судот за отворање на стечајна постапка, тоа ќе предизвика, исто така задржување на текот на судската постапка (член 6 став 1 од Законот за судските такси).
Според членот 18 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015), органи на стечајната постапка се: стечаен судија, стечаен управник, одбор на доверители и собрание на доверители.
Според член 33 став 4 од Законот за стечај, стечајниот управник при вршењето на своите должности има статус на службено лице и право на заштита која според закон ја имаат службените лица. Со решението за отворање на стечајна постапка над должникот стечајниот судија го именува и стечајниот управник на начин и под услови утврдени со Законот за стечај (член 69 став 1).
Согласно Законот за стечај, стечајниот управник во вршењето на своите надлежности, може, има право, а и должност, да иницира постапки за оспорување на побарување на доверител, побивање на правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса, со поднесување на тужба до судот кој е исклучиво надлежен за спроведување на отворената стечајна постапка, а улогата на стечајниот управник при извршувањето на своите должности, е да ги заштити интересите на должникот во стечајната постапка од една страна, како и интересите на доверителите од друга страна. Балансот на заштитата на интересите на должникот од една страна и максимизирање на намирувањето на доверителите во стечајната постапка, се основни работи за кои стечајниот управник мора да се грижи.
Стечајната постапка е колективна постапка што ја води надлежниот суд за реорганизација или за ликвидација на должникот, којашто постапка вклучува низа процесни дејства што ги преземаат субјектите во текот на истата (дејствија со кои таа започнува, се развива и се заклучува), воедно и дејствија во претходната постапка којашто се спроведува за утврдување на условите за нејзино отворање, во функција да се овозможи ажурирање на стечајната постапка, односно да се обезбедат услови за формирање на стечајна маса.
Во конкретниот случај, оспорените законски одредби се поврзани со парнична постапка за оспорување на побарување на доверител, побивање правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса, поточно со постапки кои се од влијание за формирање на стечајната маса, што е всушност и целта на стечајната постапка којашто е итна (член 8 став 2 од Законот за стечај).
Според член 6 став 2 од Законот за стечај, судот кој донел решение за отворање на стечајната постапка е исклучиво надлежен за решавање по тужбите за утврдување на оспорените побарувања кои настанале по отворањето на стечајната постапка. Судот пред кој се водат постапките е должен по барање на судот којшто донел решение за отворање на стечајна постапка, без одлагање, да го достави предметот со сите списи.
Член 93-а ставови 1 и 2 (постапување на стечајниот управник по парниците) од Законот за стечај уредува дека: (1) Во споровите кои ќе настанат во врска со утврдување на оспорените побарувања, како и за побивање на правни дејства во стечајната постапка суди стечајниот судија кој ја отворил стечајна постапка како судија поединец, односно претседател на совет. (2) Постапката од ставот (1) на овој член е итна и предметите мора да бидат земени во работа најдоцна во рок од три дена од денот на приемот на тужбата, односно предлогот за продолжување на парницата.
Оттука, законодавецот ги уредил правилата за наплата на судските такси во постапките поврзани со стечајната маса, и негово уставно право е на кој начин ќе го обезбеди плаќањето на таксата во тие постапки, а како што тоа го уредил со оспорените законски одредби.
Според ова, определбата на законодавецот поинаку да ја пропише наплатата на судските такси кај опфатените постапки со оспорените законски решенија, не е заради фаворизирање, привилегирање, односно повластување на стечајниот управник (затоа што тој бил стечаен управник, односно поради неговата општествена положба, односно статус, како што се наведува во иницијативата), туку во насока на обезбедување на поголема заштита во обезбедувањето на стечајната маса и спречување на нејзино обезвреднување. Имено, стечајната постапка е итна постапка и основна цел на стечајниот управник е да ја обезбеди стечајната маса со оспорување на побарување на доверителите, побивање на правни дејствија, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната постапка, а заради поправично и процентуално поголемо надоместување на побарувањата на доверителите.
Со други зборови, имајќи ја предвид спецификата на стечајната постапка, законодавецот во Законот за судските такси ги предвидел можностите за отстапки од правилото според кое нецелосно платената или неплатената такса го задржува текот на судската постапка, ако со овој или друг закон поинаку не е определено, поточно, се дава можност и со други закони каде што законодавецот оценил дека е целисходно и правично да се отстапи од ова правило.
Понатаму, треба да се има во вид дека во конкретниот случај, не се работи за ослободување од плаќање на судска такса, туку за нејзино одлагање, на што впрочем упатува оспорениот член 6-а) став 1 од Законот за судските такси, дека во случај кога поведува парнична постапка за оспорување на побарување на доверител, побивање правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса е должен да ја плати таксата најдоцна до правосилно завршување на парничната постапка.
Законодавецот јасно и децидно ги предвидел ситуациите во кои таксениот обврзник е должен да ја плати таксата и тие се пропишани со Законот за судските такси. Имено, предвидени се ситуации во кои таксениот обврзник е ослободен од плаќање на таксите, односно судот ќе ја ослободи од плаќање такса странката ако со плаќањето на таксата значително би биле намалени средствата од кои се издржува странката или членови на нејзиното семејство.
Исто така, Законот за судските такси јасно уредува дека судот може на странката да и го одложи плаќањето на таксата се до донесување на одлуката или да и дозволи плаќање на таксата на рати. Во вакви случаи, судот по предлог на странката во рок од пет дена од денот на поднесување на предлогот, ќе донесе решение за ослободување од плаќање такса, за одлагање на плаќање на такса или за плаќање такса на рати. Кон предлогот странката приложува доказ за имотната состојба издаден од надлежен орган, што се утврдува врз основа на податоците за приходи по сите основи на тоа лице, како и на членовите на неговото домаќинство со кои живее и изјава за неговата материјално-социјална состојба за период од шест месеци пред доставување на предлогот.
Според тоа, неспорно е дека стечајниот управник има посебна положба и овластувања во стечајната постапка согласно Законот за стечај, меѓутоа не може да се прифатат наводите од иницијативата дека исклучоците од оспорените законски решенија во врска со наплатата на судските такси значеле дискриминација на граѓаните со привилегирање на стечајниот управник поради општествената положба, односно статус којшто го имал, од причини што правилата за наплата на судските такси уредени со оспорените законски решенија, законодавецот ги уредил за конкретни парнични постапки, специфични по својот вид и карактер и во функција на обезбедување на најбрз можен начин на спроведување и завршување на овие постапки, исклучиво поврзани со стечајната маса.
Според Судот, оспорените законски решенија ниту може да се доведат во контекст со правото на пристап до судот на граѓаните, односно да се смета дека пристапот до судот на граѓаните им е оневозможен или загрозен заради тоа што законодавецот на поинаков начин ја уредил наплатата на судските такси во постапките поврзани со стечајна маса.
Суштината на правото на пристап до суд, е во тесна врска со правото на ослободување од плаќање на такси и трошоци на постапката коешто е составен дел на правото на правично судење, што е загарантирано со член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.
Според Европскиот суд за човекови права, недостапни судски такси се потенцијални фактички ограничувања на правото на пристап до правдата. Интересот на државата за наплата на судските такси мора да биде соодветно избалансиран со интересите на лицето кое треба да пристапи до судот и правдата, така што ослободувањето од давачките мора да биде обезбедено со позитивни прописи. Во рамките на Советот на Европа, Комитетот на министрите на земјите членки ја усвои Препораката бр. Р (81) за мерки за олеснување на пристапот до правдата, во која се нагласува дека условот за поведување постапка, не смее да биде, со оглед на природата на случајот, неразумна сума на пари. Државите треба да обезбедат намалување или укинување на судските такси кога тие претставуваат пречка за пристап до правдата.
Во врска со ова, а како што погоре е наведено, законодавецот предвидел низа инструменти со цел пристапот до судот да биде обезбеден подеднакво за сите граѓани, без разлика, односно независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, граѓаните се еднакви пред судот и законот важи еднакво за сите.
Оттука, оспореното уредување во предметните законски одредби не може да се интерпретира како нееднаков третман, односно дискриминирање на граѓаните во поглед на начинот на наплата на судските такси, особено тоа да се објаснува преку поделба на поповолни и понеповолни законски одредби за наплата на судските такси, па ставајќи ги едните наспрема другите да се извлекува заклучок за нееднаков третман и дискриминација на граѓаните во однос на стечајниот управник, бидејќи секој граѓанин во зависност од постапката во која учествува, соодветно е третиран во поглед на правилата за наплата на судската такса, како што ги определил законодавецот, поточно, во зависност од тоа која и каква постапка граѓаните иницираат пред судот, важат соодветните правила за наплата на судските такси.
Во однос на дополнителните наводи од иницијативата за оспорување на уставноста на член 6-а) став 2 од Законот, а кои наводи за неуставност се искажани преку пример за штета којашто би ја имал тужениот во случај стечајниот управник во тужба за парично побарување по основ на долг, превисоко би го поставил тужбеното барање за долг, не е уставно прашање дали, како и на кој начин судовите ќе ја применат нормата на конкретни случаи, дотолку повеќе што посочениот пример, е несоодветен и не се зема предвид дека оспореното уредување од ставот 2 на членот 6-а) од Законот, е во врска со неговиот став 1, и се однесува за постапки за оспорување на побарување на доверител, побивање на правно дејствие, како и водење на други парнични постапки поврзани со стечајната маса, како и дека оспорената законска одредба третира прашање за наплата на судска такса, а не за други трошоци на постапката.
Во однос на наводите дека уредувањето во оспорениот член 6-а) став 2 од Законот, бил во колизија со член 146 и член 148 (парнични трошоци) од Законот за парничната постапка, а член 7 од Законот за стечај упатувал на соодветна примена на Законот за парничната постапка, произлегува дека во конкретниот случај се оспоруваат одредби од Законот за судските такси, поради уредување во друг закон (Законот за парничната постапка), а на чијашто соодветна примена упатувал Законот за стечај, треба да се има во вид дека не може одредба од еден закон, да се оспорува од аспект на уредување во друг закон, бидејќи тоа навлегува во прашања за меѓусебна усогласеност на закон со закон, што не е прашање по кое постапува Уставниот суд, туку дали конкретно оспорените содржини од предметниот закон, се во согласност со одредбите на Уставот или не.
5. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот утврди дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 6 став 2 и членот 6-а) од Законот за судските такси со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителката во иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.35/2022
5 јули 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска