У.бр.126/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 29 јуни 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 200 став 5 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015).

2. Д-р Марјан Попески од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата бара да се укине член 200 став 5 од Законот бидејќи со ваквата одредба се овозможува на правно лице кое нема својство на парнична странка да продолжи да води судски постапки, што во пракса би значело дека правното лице во стечај и по бришењето од судскиот регистар можело да води парници.

Во наводите на иницијативата, се наведува дека друштвата добивале својство на правно лице со упис во Централниот регистар, а со тоа и право да бидат странка во постапка. Со бришењето од Централниот регистар, правното лице го губело својството на правно лице, а со тоа и способноста да биде странка во постапка.

Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба била спротивна и на принципот на заштита на сопственоста уреден во членот 1 од Протоколот бр.1 на Европската конвенција за човекови права, од причина што избришаното правно лице кое ја продолжувало постапката, доколку го загубело спорот, ја загрозувало сопственоста на противникот бидејќи противникот не можел да го наплати делот досуден со пресудата. Избришаното правно лице немало никаков имот, поради што, подносителот смета дека оваа законска одредба била во спротивност и на правната заштита на сопственоста што е утврдено со член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот.

Понатаму, во наводите на иницијативата се наведува дека за сите учесници во постапките, бришењето од регистарот на правно лице или смртта на физичко лице, значело престанување на постоењето и немање на својство на странка во постапка. Воедно, подносителот го наведува и член 343 став 2 точка 10 од Законот за парничната постапка, според кој судот по службена должност внимавал дали некој може да биде странка во постапка, а во случајов оспорената одредба дозволувала на нешто што немало својство на правно лице да води постапка. Со бришењето од судскиот регистар, правното лице го загубило својството на правно лице и не можело да биде странка во постапката.

Согласно наведеното, подносителот смета дека поради оспорената законска одредба, физичките и правните лица не биле еднакви со правните лица од член 200 став 5 од Законот за стечај, на што укажувала и одредбата од член 203 став 2 од Законот за парнична постапка: „Доколку со правосилноста на одлуката за престанок на правното лице, забраната за работа или по заклучувањето на стечајната постапка истото е бришано од соодветниот регистар, а нема правен следбеник, судот со решение ќе ја отфрли тужбата заради непостоење на странка во спорот“. Оттука, подносителот смета дека оспорената одредба од Законот за стечај била спротивна и на член 9 став 2 од Уставот.

На крајот, во иницијативата се дава и компаративно толкување на оспорената одредба со стечајниот закон на Словенија и се наведува дека во Словенија немало и ниту некогаш претходно имало ваква норма. Исто така, се дава и историско толкување на оспорената одредба од каде се доаѓало до заклучок дека таа е неуставна поради фактот што во стечајните закони во Македонија, никогаш порано немало ваква норма.

Оспорената норма, според подносителот, била во спротивност и со општото правно правило признато од цивилизираните народи: „Quando aliquid prohibetur ex directis et per obiquum“, односно забрането е да се одзема сопственоста и забрането е странките да бидат нееднакви пред Уставот и законите. Правното лице во стечај, со оспорената одредба било привилегирано, така што тоа можело да води постапки и да не плаќа доколку загуби, а сите други учесници во постапката морало нему да му платат доколку загубат.

3. Судот, на седницата утврди дека со оспорениот член 200 став 5 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015) се предвидува дека стечајниот судија со решението за заклучување на стечајната постапка може да го задолжи стечајниот управник да продолжи да ги води започнатите постапки кои се од значење за стечајната маса.

4. Правната заштита на сопственоста, согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Северна Македонија е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во духот на содржината на член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Во ставот 2 од истиот член се гарантира дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. А во ставот 3 од истиот член е утврдено дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен ако се работи за јавен интерес утврден со закон.

Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, утврдено во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија,

Заштитата на сопственоста прецизно е уредена и во членот 1 од Протоколот бр.1 кон Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, според кој: „Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право (став 1). Претходните одредби не навлегуваат во правото на државите да донесуваат закони кои ги сметаат за неопходни за регулирање на користењето на имотот согласно општиот интерес или заради сигурно плаќање на данокот, другите придонеси и парични казни (став 2)“.

Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015), со членот 1 го определува предметот на уредување на законот и притоа пропишува дека: „со овој закон се уредуваат целите и условите за отворање на стечајната постапка; органите на стечајната постапка; управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса; намирувањето на побарувањата на доверителите во стечајната постапка; правните последици од отворањето на стечајната постапка; планот за реорганизација; личното управување; ослободувањето од другите обврски; посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец; стечајни постапки со странски елемент и други прашања во врска со стечајот“.

Стечајната постапка има за цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник (во натамошниот текст: должник) со впаричување на должниковиот имот и распределба на остварените средства (приходи) на доверителите или со склучување на посебен договор за порамнување на побарувањата утврдени со планот за реорганизација што е насочен кон натамошно одржување на должниковиот деловен потфат (во натамошниот текст: претпријатието). Ова е определено со член 3 став 1 од Законот.

Со член 4 од Законот се пропишани лицата над чиј имот се спроведува стечајот. Притоа, со став 1 е определено дека стечајна постапка се спроведува над имотот на должникот – правно лице, како и над имотот на должник – поединец кој имал регистрирана дејност, освен ако со овој закон поинаку не е предвидено, додека според ставот 2 од истиот член, стечајна постапка може да се спроведе и над имот на стопанска интересовна заедница, над имот на умрено лице и над заедничкиот имот на брачните другари.

Стечај или реорганизација над стечајниот должник, според ставот 1 на членот 5 од Законот, се спроведува кога стечајниот должник е неспособен за плаќање, односно му претстои идна неспособност за плаќање.

Согласно членот 7 од Законот се пропишува дека на стечајната постапка соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, ако со овој закон поинаку не е определено.

Во глава петта од Законот, насловена како „Заклучување на стечајната постапка“ е содржана оспорената одредба од членот 200, кој е со следната содржина:

„(1) Веднаш по извршувањето на конечната распределба на средствата, односно и на другиот имот на должникот, стечајниот судија ќе донесе решение за заклучување на стечајната постапка.
(2) Решението од ставот (1) на овој член се објавува согласно со членот 10 од овој закон и одредбите на членовите 69 став (6) и 72 став (2) од овој закон. Во решението за заклучување на стечајната постапка, стечајниот судија определува заклучувањето на стечајната постапка да се запише во трговскиот регистар, во јавните книги во кои се запишуваат правата врз недвижностите и во други соодветни регистри. Примерок од решението им се доставува на органите кои ги водат регистрите, односно јавните книги.
(3) Со заклучувањето на стечајната постапка и бришењето од трговскиот, односно од друг регистар, во кој е запишан должникот, правното лице – должник престанува да постои. Ако стечајната постапка завршила со усвојување план за реорганизација на должникот, се врши соодветен упис во трговскиот, односно во друг регистар во кој е запишан должникот заради спроведување на одобрениот план за реорганизација.
(4) Должникот трговец – поединец (во натамошниот текст: должник – поединец) со заклучувањето на стечајната постапка го губи својството трговец – поединец. Совесниот должник – поединец со заклучувањето на стечајната постапка може да побара ослободување од преостанатите обврски, под условите предвидени со овој закон.
(5) Стечајниот судија со решението за заклучување на стечајната постапка може да го задолжи стечајниот управник да продолжи да ги води започнатите постапки кои се од значење за стечајната маса.
(6) Стечајниот управник по целосната распределба е должен:
1) да ја извести банката и да побара бришење на сметката, а ако има остаток на средства кои се уште не биле распределени по кој било основ на овој закон, да ги депонира како судски депозит и
2) да ја среди архивската граѓа согласно со Законот за архивската граѓа. (7) Стечајниот управник има обврска да постапи според ставот (5) на овој член соодветно на Законот за архивската граѓа и професионалните стандарди за чување на документацијата.
(8) Стечајниот судија нема да ја одобри наградата на стечајниот управник, ако не ги исполни обврските од ставот (5) на овој член“.

Членот 201 од Законот се однесува на решението за спроведување на дополнителна (одложена) распределба и со ставот 1 од истиот се предвидува дека по барање на стечајниот управник или по барање на стечаен доверител или по службена должност, стечајниот судија ќе донесе решение за спроведување на дополнителна или одложена распределба, ако по завршното собрание: 1) издвоените и задржаните средства станале достапни за распределба; 2) средствата исплатени од стечајната маса повторно биле вратени назад и 3) биле идентификувани (определени) предметите и правата што претставувале дел на имотот што влегува во стечајната маса (новопронајден имот). Со ставот 2 се предвидува дека заклучувањето на стечајната постапка не го спречува стечајниот судија да донесе решение за спроведување на одложена распределба. Понатаму, со ставот 3 се пропишува дека стечајниот судија може да не донесе вакво решение и да ги пренесе достапните средства или идентификуваните предмети на должникот, ако смета дека со оглед на малата вредност на износот или на предметот и трошоците на евентуалната дополнителна распределба, предавањето на должникот би било многу посоодветно. Донесувањето решение за одложена (дополнителна) распределба, стечајниот судија може да го услови со авансирање на средства за намирување на трошоците на таквата дополнителна распределба, а според ставот 4, средствата од ставот 1 на овој член се чуваат на судскиот депозит од член 200 став 5 на овој закон.

Право на жалба против решението со кое се одбива спроведување на дополнителна распределба, како и против решението со кое се дозволува спроведување на дополнителна распределба е предвидено со член 202 од Законот.

Кога стечајниот судија донел решение за спроведување на дополнителна распределба, согласно член 203 од Законот, стечајниот управник ќе ја распредели достапната сума или приходите остварени од располагањето со идентификуваниот (определениот) предмет, врз основа на завршниот извештај. За таквата распределба, стечајниот управник ќе му поднесе посебен извештај и посебна сметка на стечајниот судија.

Од изнесените законски одредби неспорно произлегува дека стечајната постапка има за цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник и истата се спроведува кога стечајниот должник е неспособен за плаќање, односно му претстои идна неспособност за плаќање. Законодавецот, притоа предвидел можност по заклучување на стечајната постапка, стечајниот судија со решението за заклучување на стечајната постапка да може да го задолжи стечајниот управник да продолжи да ги води започнатите постапки кои се од значење за стечајната маса, како што е наведено во член 200 став 5 од Законот. Во оваа смисла, со членот 201 се предвидува дека по заклучување на стечајната постапка и одржување на завршното собрание на доверители, повторно може да биде донесено решение за спроведување на дополнителна или одложена распределба, по барање на стечајниот управник, на стечајниот доверител или по службена должност. Притоа, законодавецот определил одредени случаи во кои може да се донесе вакво решение, и тоа кога по завршното собрание: 1) издвоените и задржаните средства станале достапни за распределба; 2) средствата исплатени од стечајната маса повторно биле вратени назад и 3) биле идентификувани (определени) предмети и права што претставувале дел на имотот што влегува во стечајната маса (новопронајден имот).

Законодавецот предвидел и право на жалба на решението со кое се одбива спроведување на дополнителна распределба, како и на решението со кое се дозволува спроведување на дополнителна распределба. Но, доколку е донесено решение за спроведување на дополнителната распределба, по спроведувањето на истата, предвидена е обврска за стечајниот управник да ја распредели достапната сума или приходите остварени од располагањето со идентификуваниот (определениот) предмет, врз основа на завршниот извештај и за таквата распределба да му поднесе посебен извештај и посебна сметка на стечајниот судија.

Во конкретниот случај, имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од Законот за стечај со кои е уредена можноста по заклучување на стечајната постапка, стечајниот судија со решението за заклучување на стечајната постапка да може да го задолжи стечајниот управник да продолжи да ги води започнатите постапки кои се од значење за стечајната маса, содржани во глава петта од Законот, како и содржината на оспорената одредба од членот 200 од Законот, наспрема наводите во иницијативата, Судот утврди дека истите се неосновани поради следното:

а) Од наведените уставни одредби неспорно произлегува дека уставотворецот, како една од темелните вредности на уставниот поредок ја предвидел и правната заштита на сопственоста во член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот што во суштина значи дека уставотворецот става акцент на правото на сопственост, кое понатаму се гарантира со членот 30 од Уставот, систематизиран во делот за економски, социјални и културни права од вториот оддел на Уставот кој се однесува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Притоа, содржината на членот 30 несомнено упатува на заклучок дека сопственикот има право да ја поседува својата ствар, да ја користи и располага со неа, поради што и ова право ужива посебна заштита како едно од основните права и слободи на човекот, гарантирани со Уставот, меѓутоа тоа не е неприкосновено право, бидејќи истото согласно член 30 став 2 од Уставот создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.

Имајќи го предвид наведеното, од содржината на оспорената одредба може да се заклучи дека истата нема за цел повреда на сопственоста, на начин како што е наведено во иницијативата, туку напротив, оспорената одредба е во функција на заштита на сопственоста, гарантирана со членот 30 од Уставот.

Ова е сосема евидентно од содржината на оспорениот член 200 став 5 од Законот за стечај кој имплицира на заклучок дека истиот има за цел заштита на правото на сопственост на доверителите кои водат спорови за утврдување на побарувањето во состојба кога стечајната маса на должникот е целосно впаричена или пак се водат спорови за утврдување право на сопственост на имот којшто треба да влезе во стечајната маса.

Судот утврди дека оваа одредба не може да се гледа изолирано сама за себе, туку напротив за да се сфати нејзината суштина, истата треба да се разгледува во корелација со останатите одредби од глава петта на Законот (членови 201-204), со кои конкретно и јасно се утврдени случаите во кои стечајниот судија ќе донесе решение за спроведување на дополнителна или одложена распределба.

Во истата насока, со членот 201 од Законот за стечај се предвидува дека по заклучување на стечајната постапка и одржување на завршното собрание на доверители, повторно може да биде донесено решение за спроведување на дополнителна или одложена распределба, доколку: 1) издвоените и задржаните средства станале достапни за распределба; 2) средствата исплатени од стечајната маса повторно биле вратени назад и 3) биле идентификувани (определени) предметите и правата што претставувале дел на имотот што влегува во стечајната маса (новопронајден имот).

Во смисла на сето горенаведено, оспорениот став 5 од членот 200 од Законот за стечај го заштитува правото на сопственост на начин што овозможува, доверителите, па и самиот должник, по заклучувањето на стечајната постапка да го остварат своето право на сопственост со продолжување на постапките, односно преку повторно отворање на стечајната постапка кога за тоа ќе се исполнат условите од претходно наведениот член 201 од Законот. Понатаму, според Судот, самата одредба е од интерес за заштита на имотните права и интереси, како за доверителот, така и за должникот, односно станува збор за т.н. новопронајден имот или средства за кои од заеднички интерес е да бидат распределени.

Во контекст на сето претходно наведено, Судот утврди дека оспорената одредба од Законот за стечај не може да се проблематизира од аспект на член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот со кој се гарантира правната заштита на сопственоста, напротив, истата има за цел операционализација на овие уставни одредби и одредбите од член 30 од Уставот и е во насока на заштита на сопственоста.

б) Исто така, неприфатливи се наводите според кои подносителот повикувајќи се на одредбите од член 343 став 2 точка 10 и член 203 став 2 од Законот за парничната постапка, посочува на повреда на принципот на еднакво постапување од членот 9 од Уставот, затоа што наспроти правилото дека за сите учесници во постапките, бришењето од регистарот на правно лице или смртта на физичко лице значело престанување на постоење и немање својство на странка во постапка, во случајов, со оспорената одредба се дозволувало на правно лице кое било избришано од судскиот регистар да може да биде странка во постапка со што физичките и правни лица за кои важело претходно наведеното правило не биле еднакви со правните лица од оспорениот став 5 од членот 200 од Законот. Судот утврди дека оспорениот член 200 став 5 од Законот се однесува подеднакво за сите субјекти во стечајната постапка, во случаите кога се исполнети условите предвидени од член 201 став 1 од Законот.

в) Во однос на наводите во иницијативата, според кои со оспорената одредба се загрозувала сопственоста од член 1 од Протоколот бр.1 кон Европската конвенција за човекови права и основни слободи, Судот оцени дека истите се неприфатливи од причина што во согласност со своите надлежности, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот. Од друга страна, што се однесува до наводите за компаративно и историско толкување на оспорената законска одредба, според Судот, истите не можат да бидат основ за уставно проблематизирање на оспорената одредба.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај, не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 200 став 5 од Законот за стечај, со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.126/2021
29.06.2022 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска