Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 јуни 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 59-б став 1 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017, 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 229/2020).
2. Мустафа Салиу од с.Житоше – Општина Долнени, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од Решението.
Подносителот на иницијативата го оспорува член 59-б став 1 од Законот за средното образование и смета дека со истиот се повредуваат правата и обврските на вработените согласно член 32 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во наводите на иницијативата се наведува и се цитира членот 59-а од наведениот Закон за средното образование, а според подносителот на иницијативата, законодавецот односно предлагачот по однос на работните места на даватели на јавни услуги во средното образование (член 59-в) и работните места на помошно-технички лица (член 59-г), јасно и прецизно определил одредбите од кои закони се применуваат и важат за групите на овие работни места, што не било случај со оспорениот член 59-б со кој само се укажувало за статусот на вработените, а немало одредби за тоа кој закон треба да се однесува на оваа категорија вработени.
Во понатамошниот текст на иницијативата се наведува дека за разлика од ваквата законска празнина во оспорената одредба 59-б став 1 од Законот за средното образование, законодавецот односно предлагачот Министерството за образование и наука, таквата законска празнина ја отстранил во постоечкиот Закон за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161 од 05.08.2019 година), каде во член 81 став 1 освен што го утврдувал статусот на вработените кои вршеле работи од административна природа, многу јасно ги утврдувал одредбите за тоа кои закони се применуваат за оваа група на вработени во основното образование.
Во натамошниот текст на иницијативата, подносителот го наведува и цитира членот 32 од Уставот на Република Северна Македонија и смета дека со оспорената одредба се повредуваат правата и обврските на вработените што било спротивно на член 32 од Уставот.
Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 59-б став 1 од Законот за средното образование, по што, истиот да се укине како спротивен на член 32 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одредба од член 59-б став 1 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017, 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 229/2020), е предвидено дека: „Вработените во средните училишта кои вршат работи од административна природа заради остварување на дејноста средно образование имаат статус на административни службеници“.
4. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Како што е децидно предвидено во член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Во член 51 од Уставот е прецизно предвидено дека: „Во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2) “.
Во Уставот на Република Северна Македонија, во член 110 алинеи 1 и 2 е уредена следното: „Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите“.
Од членот 1 од Законот за средното образование произлегува дека, со овој закон се уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.
Според глава VI, во делот „Наставници и стручни соработници“ од овој закон, во средните училишта работните места на вработените се:
– работни места на административни службеници,
– работни места на даватели на јавни услуги во средното образование и
– работни места на помошно-технички лица (член 59-а).
Согласно член 59-б став 1 од Законот, вработените во средните училишта кои вршат работи од административна природа заради остварување на дејноста средно образование имаат статус на административни службеници.
За давателите на јавни услуги во средното образование (член 59-а алинеја 2), се применува член 74 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161/2019) (член 74), а за работните места на помошно-техничкиот персонал според член 59-г од Законот за средното образование, се применуваат одредбите на овој закон, Законот за вработените во јавниот сектор и општите прописи за работни односи.
Според наводите од иницијативата оспорениот член 59-б став 1 од Законот за средното образование бил во спротивност со член 32 став 5 од Уставот.
Така што, Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани, од причина што според член 32 став 5 од Уставот, остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор. Притоа, неспорна е уставната определба дека правата на вработените и нивната положба може да се уреди со еден, но и со повеќе закони и колективни договори од соодветната област.
Во конкретниот случај, со Законот за средното образование се уредува дека вработените во средните училишта кои вршат работи од административна природа заради остварување на дејноста средно образование имаат статус на административни службеници. Статусот на административните службеници се уредува со Законот за административните службеници.
Имено, според член 3 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16 и 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 275/19 и 14/2020), административен службеник е лице кое засновало работен однос заради вршење на административни работи во некоја од следниве институции: – органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од Градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.
Оттука, еклатантно произлегува дека постои јасна законска регулатива за тоа дека статусот, правата и обврските на вработените во средните училишта кои вршат работи од административна природа заради остварување на дејноста средно образование и кои имаат статус на административни службеници, се уредено со Законот за административни службеници, што е во согласност со член 32 став 5 од Уставот.
Во однос на наводите со кои се прави компарација помеѓу оспорените одредби од Законот за средното образование и одредби од Законот за основното образование, односно се укажува на постоење на правна празнина при уредувањето на оспореното прашање во Законот за средното образование, Судот оцени дека тоа претставува барање за поинакво уредување на прашањето од тоа како истото е уредено со Законот, што е прашање од надлежност на законодавецот, кој ги донесува и изменува и дополнува законските решенија, а не е прашање од надлежност на Уставниот суд.
Видно од комплетната уставна судска анализа, Судот оцени дека оспорениот член 59-б став 1 од Законот за средното образование не може да се проблематизира по однос на неговата согласност со членот 32 став 5 од Уставот.
5. Имајќи јa предвид комплетната погоре наведена анализа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.110/2021
21 јуни 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска