Дневен ред за XXIV-та седница на Уставниот суд (13.07.2022)

Уставниот суд  ќе одржи седница на  13 jули 2022 година, понеделник во 09:30 часот со дневен ред на кој се предложени предложени четири иницијативи за оценување на уставноста и законитоста и два предлога за одлучување по предмети.

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

 1.Реферат У.бр.19/2022 и У.бр.39/2022

Оспорен: Членoвите 1  и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Репуб­лика Северна Македонија“ број 151/2021).

Подносители на иницијативите: Весна Кочовска, Јосиф Перчинков и граѓани преку адвокат Мицев Димитрија

Од наводите во иницијативите:

Во првата иницијативата се наведува  дека со оспорените делови од одредбата директно се повредува уставно загрантираната еднаквост меѓу граѓаните и претставува основа за  дискриминација во сферата на работните односи, ставајќи ги во понеповолна позиција работниците кои ќе наполнат 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, а кон кои не се применуваат одредбите од други закони во кои е поинаку уредена оспорената одредба.

Според подносителите на втората иницијатива како причина за оспорување е наведено дека со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во членови 1 и 2 од Законот, со кои се менува член 104 од Законот за работните односи, е повреден членот 32 од Уставот на Република Северна Македонија, со тоа што одредена група на работници се привилигирани и можеле да го продолжат договорот за вработување до 67 години возраст, додека на друга група работници тоа право им е ускратено.

2. Реферат У.бр.51/2022

Одлука бр.09-360/1 од 31.01.2020 година и Одлука бр.09-317/1 од 28.01.2021 година, двете донесени од Советот на Општина Кочани.

Подносител на иницијативата: Благој Јованов, адвокат од Кочани.

Од наводите во иницијативата:

Во наводите на иницијативата е наведено дека донесувањето на Одлуката спротивно на  членови од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, односно вклучувањето во шеста зона на земјиштето  наменето за домување во станбени згради А2 и за комунална супраструктура-бензиски пумпни станици и услужни центри, ја чинело оспорената одлука спротивна на Уставот и законите, бидејќи Советот на Општина Кочани спротивно на Правилникот креирала зона по свој слободен избор во која се вклучило градежното земјиште А-А2 наменето за домување во станбени згради од сите постоечки 5 зони како и  бензиските пумпи и услужните центри од сите 5 зони, но не и сите градби кои биле  наведени во Е2.

3.Реферат У.бр.33/2022

Оспорен: Став 8 од Телеграмата на Министерството зa внатрешни работи, број 22.1-19/1 од 06.08.2019 година.

Подносител на иницијативата: Грански независен синдикат на Полицијата-Скопје

Од наводите во иницијативaта: 

Според наводите во иницијативата, Министерството за внатрешни работи нема законски основ за донесување на оспорениот Акт.  Имено, според подносителот со ваква Телеграма на вработените во ОГРМ, сите РЦ за ГР, ПС за ГП и ГН им е забрането користење и пристап до нивните приватни мобилни телефони за време на работа, согласно членот 41 од Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластување во Министерството за внатрешни работи. Подносителот наведува дека со ваков акт овие вработени се дискриминирани во однос на сите останати вработени во Министерството, а ваквото ограничување претставувало попречување во користењето на правото на сопственост.

4.Реферат У.бр.125/2021

Оспорен: Точка 5 од Упатството за платено политичко рекламирање за Локалните избори 2021 бр.01-3457/1 од 21.09.2021 година.

Политичка партија „Левица” од Скопје

Од наводите во иницијативaта: 

Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот акт противправно овозможува фаворизирачка улога на „Независни кандидати” од група избирачи за општините и Градот Скопје поддржани од подносителите на листи на политичките партии иако немале формален договор за коалицирање.  Во иницијативата се наведува дека оспорениот акт во точката 5, дозволува противправно ширење на распределбата на наведениот законски утврден рекламен простор и финансиски средства, притоа овозможувајќи фаворизирачка позиција на кандидати од група избирачи за општините и Град Скопје кои биле поддржани од подносителите на листи, пред останатите независни кандидати кои ја немаат таквата поддршка.

 

II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ

1.Предлог за одлучување по предметите У.бр.148/2021 и У.бр.15/2022 со нацрт одлука

Уставниот суд на 29 март 2022 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од член 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.163/2021).

Подносители: Сојуз на синдикатите на Македонија – ССМ претставуван од претседателот Дарко Димовски и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија претставуван од претседателот Иван Пешевски, и Здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ Штип, претставувано од претседателот на здужението Кристина Ампева.

Од наводите во иницијативите:

Според наводите на подносителите на иницијативата (ССМ и СГИПРМ) оспорениот член 12 од Законот бил во спротивност со членот 8, членот 9, членот 32, членот 34 и членот 35 од Уставот на Република Северна Македонија; член 4, член 116 и член 117 од Законот за работните односи; член 36 став 2 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството како и со член 2 од Законот за ратификација на Конвенцијата за трудови клаузули (јавни договори) 1949, од причина што во оспорениот член се предвидувало дека стратешкиот парнер имал целосно право да го организира и распоредува работното време на работниците кои ќе биле ангажирани на проектот со можност работното време за секој поединечен работник во просек да траел 60 часа неделно во текот на годината. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека доколку се применувал оспорениот член 12 од Законот, ќе се нарушел принципот на еднаквост на граѓаните и работниците утврден во членот 9 од Уставот во однос на остварување на нивните права и обврски коишто произлегувале од работниот однос и исто така, оспорениот член 12 од Законот доведувал до различно уредување на исти права на работниците, а таа нееднаквост на работниците создавала правна несигурност и повреда на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.
Според наводите на иницијативата на Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“, оспорената одредба од член 12 од Законот не била во согласност со членот 32 од Уставот, со членот 116 од Законот за работните односи, Конвенцијата бр.14 за неделен одмор (во индустријата) 1921, ратификувана 17.11.1991 год. и Конвенцијата за неделен одмор (трговија и канцеларии 1957), (бр.106), од причина што наведената одредба се косела со уставните и законските норми што го уредувале правото на неделен одмор на работниците. Според подносителот, оспорената одредба била правно неиздржана, бидејќи нејзината формулација имала „во просек 60 часа неделно во текот на годината“, што предизвикувало правна несигурност и била во спротивност на уставните и законските норми коишто го регулираат работното време на работниците и правото на неделен одмор. Mеѓу другото, во наводите на иницијативата се наведува дека формулацијата „просек 60 часа неделно во текот на годината“ во членот 12 од Законот, создавала правна несигурност, од причини што ваквата формулација можела да значи (хипотетички) дека работникот можел да работи и до 100 или 150 часа неделно, со што ваквата формулација била е нејасна, конфузна и создавала можност за големи злоупотреби на целокупната позитивна законска регулатива и кршење на човековите и работничките права што било спротивно на Уставот, Законот за работните односи и Конвенциите на Меѓународната организација на трудот кои Републиката ги има ратификувано.

2. Предлог за одлучување по предметот У.бр.26/2022

Уставниот суд на 17 мај поведе постапка за членот 3 став 1 во делот: „брачниот статус на сопружниците“ од Одлуката за доделување еднократна парична помош на семејствата со новороденче на подрачјето на Општина Ѓорче Петров во 2022 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.18/2021), донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров.

Подносител: Денис Димовски

Од наводите во иницијативата: 

Според наводите во иницијативата оспорениот дел од членот 3 на Одлуката, не е во согласност со одредбите од членовите 40, 41 и 34 од Уставот и со Законот за спречување и заштита од дискриминација по основ на дискриминација за семејна или брачна состојба и спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот и ратификуваните меѓународни договори. Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од Одлуката, упатува на потребата барателот да поднесе и документ за „брачниот статус на сопружниците“, кон барањето за доделување на еднократна парична помош на семејството со новороденче од подрачјето на Општината Ѓорче Петров, меѓу другите документи кои се набројани во членот 3. За состојбата на брачниот статус на апликантите, според подносителот, воопшто не треба да се доставува доказ бидејќи еднократната помош се доделува на новороденче. Меѓу другото, подносителот наведува дека со оспорениот дел од членот 3 на Одлуката се доведуваат во нерамноправна положба вонбрачните семејства бидејќи за оние кои немаат документ за статусот на брачна заедница не им се дава паричната помош за новороденче или во пракса се бара изјава дека се работи за самохран родител што е невистинито, кога се работи за вонбрачна семејна заедница каде родителите не склучиле брак, а се во заедница.