Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 јуни 2022 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 од член 9 од Правилникот за членување, права и обврски за членот и престанување на членството во Македонскиот полициски синдикат од 06.03.2020 година.
2. Нехат Лужа од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од Решението.
Подносителот на иницијативата ги оспорува ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 од член 9 од Правилникот за членување, права и обврски за членот и престанување на членството во Македонскиот полициски синдикат од 06.03.2020 година и смета дека оспорените одредби биле спротивни на член 20 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, според кој граѓаните можеле слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат и од нив да истапуваат.
Според подносителот на иницијативата, со оспорените одредби неосновано се условувало истапувањето на секој член со пропишување услови и рокови кои требало да се исполнат, односно да поминат.
Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека уставната одредба не предвидувала никакво условување за истапување од какво било здружение на граѓаните, а во кои спаѓале и синдикатите како посебна форма на здружување на граѓаните, односно работниците.
Имено, според подносителот на иницијативата, како што била слободна волјата за пристапување во какво било здружение, така соодветно требало да биде и за истапувањето.
Исто така, подносителот на иницијативата наведува дека ниту еден работник не смеел да биде присилен да пристапи или да остане во членството на синдикатот ако тоа било спротивно на волјата на работникот, односно членот на синдикатот, како што било случајот со одредбите кои се оспоруваат кои условувале членовите да не можат да истапат одреден временски период иако веќе немале никакви обврски кон синдикатот.
Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 од член 9 од Правилникот за членување, права и обврски за членот и престанување на членството во Македонскиот полициски синдикат од 06.03.2020 година, по што истите да се укинат како спротивни на член 20 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорените ставови 2, 3, 4, 5 и 6 од член 9 став 3 од Правилникот за членување, права и обврски за членот и престанување на членството во Македонскиот полициски синдикат од 06.03.2020 година, е предвидено дека:
„Образецот за истапување – изјава од членство нема да се реализира долколку членот има користено бенефиции од ставот 1 на овој член и од моментот на извршувањето на нивното користење не поминале најмалку 12 месеци.
Пропишаниот писмен образец – изјава нема да се реализира доколку членот има користено неповратни средства од фондот за солидарност и од моментот на нивното добивање не поминале 24 месеци.
Пропишаниот писмен образец – изјава нема да се реализира доколку членот во последните 24 месеци пред поднесувањето на изјавата бил член на органите и телата на Македонскиот Полициски Синдикат или пак се кандидирал во рамките на изборите на Македонскиот Полициски Синдикат.
Пропишаниот писмен образец – изјава нема да се реализира доколку членот во последните 12 месеци учествувал на синдикалните игри и средби во организацијата на Македонскиот Полициски Синдикат.
Пропишаниот писмен образец – изјава нема да се реализира доколку членот во последните 6 месеци примил новогодишен подарок и подарок по повод 8-ми март“.
4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, произлегува дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Врз основа на член 73 став 2 алинеи 1 и 2 и став 3 во врска со член 49 став 1 алинеја 40 од Статутот на МПС и врз основа на член 9 ставови 5 и 6 од Деловникот за работа, по предлогот на Нормативната комисија на МПС од страна на Извршното биро на Претседателството на МПС на ден 06.03.2020 година бил донесен Правилникот за членување, права и обврски за членот и престанување на членството во Македонскиот полициски синдикат.
Видно од содржината, со Правилникот се уредуваат условите за членувањето, правата и обврските на членот, начинот на издавање на членска книшка и синдикална легитимација, како и условите за престанување на членството во Македонскиот полициски синдикат.
Уставниот суд оцени дека не е надлежен да ја оценува уставноста на овој правен акт, од причини што поаѓајќи од карактерот на Правилникот, произлегува дека истиот не претставува општ акт кој има правно дејство кон неопределен број субјекти во правото и не бил објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“, туку претставува интерен акт на Синдикатот кој како синдикално здружение врз основа на слободна волја на членовите ги уредува меѓусебните односи во Синдикатот со кој се уредува постапката за членување и престанок на членството.
Поради тоа, имајќи предвид дека оспорените одредби од Правилникот, како негов составен дел, не се подобни за уставно-судска оцена, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.16/2022
1 јуни 2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска