Дневен ред за XXIII-та седница на Уставниот суд (05.07.2022)

Уставниот суд  ќе одржи седница на  05 jули 2022 година, понеделник во 09:30 часот на чијшто дневен ред се предложени две иницијативи за оценување на уставноста и законитоста.

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Реферат У.бр.112/2021

Оспорен: Членот 38 став 3 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Маке-донија“ бр. 23/2013, 12/2014, 44/2014, 144/2014, 10/2015, 25/2015, 150/2015, 192/2015, 27/2016, 163/2017, 21/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019 и 311/2020).

Подносители на иницијативата:Христијан и Христина Георгиевски, адвокати од Куманово

Според подносителите, од содржината на членот 95 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, произлегува дека на лицата кои веќе се стекнале со правото на родителски додаток (за трето и четврто дете), истото не им се укинува, туку продолжуваат да го остваруваат. Во иницијативата се наведува дека иако целта на предвидената мерка за родителски додаток (за трето и четврто дете) е зголемување на наталитетот на населението, а не намалување на сиромаштијата, од ваквото нормирање произлегува дека оспорената одредба од Законот е дискриминирачка од два аспекта: прво, затоа што дејствува нерамноправно кон лицата кои веќе се стекнале со правото на родителски додаток за трето, односно четврто дете, кое како право не им се укинува, туку продолжувале да го остваруваат, без да им се дозволи на други лица да го остваруваат тоа право, додека од друга страна подносителите наведуваат дека не е испочитувана волјата на граѓаните (родители) кои сакаат да имаат многудетни семејства и кои директно влијаат врз наталитетот на државата и имаат поголеми трошоци по дете од оние кои имаат само по 1 или 2 деца, а согласно социјалниот аспект на државата.

2.Реферат У.бр.35/2022

Оспорен: Членот 6 став 2 и член 6-а) од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија” број 114/2009, 148/2011, 106/2013, 166/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 257/2020).

Подносител на иницијативата: Ивана Тасевска

Оспорените законски одредби во иницијативата се наведени како спротивни со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и членот 9 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со членот 6 (право на правична судска постапка) и членот 14 (забрана на дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права, затоа што според подносителот уредуваат привилегија за стечајните управници по основ на нивната општествената положба, односно статусот „стечаен управник”, којашто се состои во можноста да не ги плаќаат судските такси во роковите коишто важат за останатите граѓани во Република Северна Македонија. За разлика од останатите граѓани стечајните управници можат да можат да иницираат и водат судски постапки, без да ги платат судските такси и без тоа да предизвика задржување на текот на судската постапка, се наведува во иницијативата.