Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска денеска учествуваше на Охридската школа на природното право организирана од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ МАНУ и поддржана од Амбасадата на САД во Скопје. Во рамки на годинашната тема „Одржување на демократско општество преку зајакнување на неговите институции” Кацарска зборуваше за потребата од воведување на уставна тужба како нов инструмент за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд на Република Северна Македонија и порача дека улогата на Уставниот суд како гарант и заштитник на слободите, може единствено и целосно да се оствари ако се воведе нов инструмент – уставна тужба со амандманска интервенција во членот 110 алинеја 3 од Уставот со што ќе биде до крај остварена намерата на уставотворецот.
„Со воведувањето на уставната тужба ќе се овозможи заштита на сите уставни слободи и права од страна на Уставниот суд, наместо како што е сега да се однесува само на неколку изрично наведени. На овој начин, би се надминала сегашната парадоксална ситуација, кога се отфрлаат барања за заштита на уставни слободи и права кои не се опфатени со претходно цитираната одредба од член 110 алинеја 3 од Уставот.”
Претседателката Добрила Кацарска порача дека ваквата уставна интервенција ќе предуслови и интервенција во постојниот акт кој го уредува начинот на работа и постапката пред Уставниот суд каде детално би се уредила целокупната постапка по поднесена уставна тужба.
„Водејќи се од претходно реченото, на неодамнешната средба со државниот врв, го актуализирав прашањето за воведување на уставната тужба. Притоа, покрај дел од аргументите наведени погоре, наведов дека со воведувањето на уставната тужба, како држава би ги исполниле обврските што ги имаме како потписник на Протоколот бр.15 на Европската конвенција за заштита на слободите и правата за воспоставување на национален механизам на заштита на слободите и правата како последен филтер пред обраќањето до Европскиот суд.”, рече Кацарска.
Покрај правното интервенирање, ќе биде потребно Уставниот суд да биде организационо, административно и технички подготвен пред да се започне со постапување по уставните тужби за што ќе биде потребен одреден период на подготовка. Ова ќе бара ангажирање на дополнителни буџетски средства за потребите на Уставниот суд (кои во однос на вкупните буџетски расходи согласно овогодишниот републички буџет изнесуваат околу 0,021% и се далеку од она што реално му е потребно на Судот), но од друга страна, она што би се добило како нов квалитет во заштитата на уставните слободи и права, многукратно го надминува материјалното вложување, порача претседателката Добрила Кацарска во своето денешно излагање.
(Целосен говор на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска)
Почитувани,
Дозволете во мое и во име на моите колеги – судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да се заблагодарам на поканата за учество на овој настан и можноста да ги изложам моите гледишта за едно несомнено важно прашање кое се однесува на слободите и правата, поточно нивната заштита пред Уставниот суд и на тој начин, да се даде придонес во општествената дебата по однос на предметот на ова излагање, која трае веќе подолго време.
Уставот од 1991 година, има посебен оддел кој се однесува на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, каде е содржан дел кој се однесува на нивното гарантирање, при што на Уставниот суд му е доверена улога да ги заштитува, како еден од начините на остварување на оваа гаранција.
Според тоа, нашиот уставен поредок предвидува уставно-судска заштита на слободите и правата како еден посебен вид со свои специфики кои ја разликуваат од другите (како што е на пример, судската заштита) и која се остварува во рамките на надлежностите на Уставниот суд.
Како што е познато, таа има два облика. Едниот е преку надлежноста за оценување на уставноста на законите и уставноста и законитоста на прописите, каде преку тнр. апстрактен спор се оценува согласноста на пониската норма со највисоката – уставната, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на слободите и правата. Притоа, оцената дека постои несогласност, меѓу другото, значи дека таквата норма ги повредува и слободите и правата и мора да биде отстранета од правниот поредок.
Другиот облик, се остварува преку надлежноста на Судот утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот, каде е предвидено да се штитат слободите и правата предвидени со оваа уставна одредба.
Имајќи предвид дека во вториот случај, станува збор за индивидуална заштита од страна на Уставниот суд, каде граѓанинот може да бара заштита во конкретен поединечен случај, што по својата суштина е исто со уставната тужба како една заедничка карактеристика во сите правни системи во кои е воведена, може да се анализира постојниот систем на индивидуална заштита на слободите и правата пред Судот, што ќе го даде одговорот на прашањето за тоа, дали постои потреба од воведување на уставната тужба и евентуално, како треба да биде уредена.
Прво, она што е основно и мора да се потенцира е дека индивидуалната уставно-судска заштита, по својата природа е супсидијарна и нема инстанционен карактер во смисла на одлучување на Уставниот суд во трет или четврт степен. Тоа значи дека судските и одлуките на органите на управата и другите субјекти кои вршат јавни овластувања на кои се посочува дека ги повредиле слободите и правата, може да се испитуваат само и единствено од аспект на повреда на уставното право или слобода, а не да се реши она што било спор во рамките на постапката и само во случаите кога редовниот правен пат за нивно преиспитување е исцрпен.
Второ, тоа е постапка пред Уставниот суд што исклучиво може да се иницира преку индивидуално обраќање, а никогаш по службена должност. Сегашната форма преку која се бара заштита од Судот е утврдена со Деловникот на Уставниот суд и е насловена како „барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот“, каде со истиот акт се предвидени елементите кои треба задолжително да ги содржи. Постојното деловничко решение предвидува само еден правен субјект да може да поднесе барање за заштита на слободите и правата – граѓанин. Тоа, согласно уставното дефинирање на овој поим, значи дека подносители може да бидат само државјани на Република Северна Македонија, додека барањата поднесени од странци се отфрлаат како недозволени. Ако се има предвид дека во алинејата 3 од членот 110 од Уставот, стои дека се штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на….итн., станува јасно дека идната формулација за тоа кој може да биде подносителот на обраќањето до Уставниот суд за заштита на слободите и правата треба да биде поширока. И на крајот, сегашното дефинирање со Деловникот дека само граѓанин може да поднесе барање за заштита на слободите и правата, значи исклучување на можноста подносител на ова барање да биде и правно лице што е во согласност со Европската конвенција, а од друга страна некои правни лица како на пример, здруженијата на граѓани се резултат на здружување на повеќе физички лица преку кои може да се остваруваат некои од правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.
Трето, и она што мора да се нагласи особено е дека сегашната индивидуална уставно-судска заштита е ограничена на неколку уставни слободи и права утврдени со алинејата 3 од член 110 од Уставот: слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Во пракса, тоа значи дека ако одреден граѓанин поднесе барање на заштита на некое право или слобода кое не е во оваа група, истото ќе биде отфрлено. Од друга страна, како негативен пример од уставно-судската пракса може да се наведе Одлуката У.бр.230/2020 од 12.11.2020 година со која се утврди повреда на правото на заеднички семеен живот како составен дел на правото на почитување на приватниот и семејниот живот, кое ниту спаѓа во понапред наведената група на слободи и права, ниту пак како такво е предвидено со Уставот, при што во истата е дадено образложение со кое длабоко не се согласувам и мојот став е ист со изразените ставови на двајцата судии кои имаат свои издвоени мислења во овој предмет.
Четврто, постојните основи по кои може да се бара заштита на слободите и правата од Уставниот суд се два: 1. поединечен акт; или 2. дејствие (во Деловникот е употребен терминот „дејство“). Од аспект на карактерот на уставно-судската заштита како супсидијарен систем на заштита, логично е тоа да биде само еден основ-поединечен акт. Заштитата од дејствијата би требала да настапи по исцрпувањето на сите правни лекови, по што Судот би можел да оценува дали постои повреда на определените уставни слободи и права. Сегашното решение каде за повреда на слободите и правата по основ на дејствие може да се бара заштита директно од Уставниот суд, значи можност паралелно да се водат постапки за ваква повреда пред други органи (на пример, да биде поднесена тужба за дискриминација пред редовните судови) и да се случи да постојат две спротивставени одлуки – во една да се констатира повреда, а во друга тоа да не е случај. Во делот на поединечните акти, потребно е да се прецизира дека заштита може да се бара по исцрпувањето на редовните (или евентуално вонредните) правни лекови, наместо сегашното решение кое предвидува конечност или правосилност што е збунувачки во однос на управните акти кои ги имаат овие две својства кои не се стекнуваат истовремено.
Петто, индивидуалното барање за заштита на слободите и правата е условено со поднесување во определени рокови утврдени со Деловникот: во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилниот поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Ова се преклузивни рокови, по чие изминување отпаѓа можноста да се бара заштита од страна на Уставниот суд.
И на крајот како шесто, Деловникот предвидува дека во случаите кога ќе се утврди повреда на некое од слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот ќе го поништи поединечниот акт или ќе го забрани дејството со кое е сторена повредата. Токму за ова прашање сакам да слушнам ваши мислења и да ја отворам како тема на дискусија, бидејќи за мене лично, посебно е проблематична можноста за поништување на поединечни акти, особено делот на поништување на правосилни судски одлуки кои согласно член 13 став 2 од Законот за судовите, имаат неприкосновено дејство, а според третиот став од овој член, судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен орган во постапка пропишана со закон. Притоа, моето несогласување произлегува од правниот начин на кој е утврдена ваквата можност – со акт на Судот да се предвиди можност за поништување на судска одлука чија неприкосновеност е утврдена со тнр. органски закон – кој се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието. Повторно, и во однос на кажаното, може да биде наведен друг негативен пример од уставната практика, каде со Одлуката У.бр.57/2019 од 29.05.2019 беа поништени две правосилни судски решенија со кои бранители на обвинет се казнети за нарушување на редот во судница и второстепената судска одлука со која овие казни се намалени. Притоа, тогашниот состав на Уставниот суд судот одлучил дека на подносителите на барањето за заштита на слободите и правата со овие судски акти им било повредено правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, што исто така е дискутабилно според мене. Имено, станува збор за казна заради нарушување на ред во судница кој впрочем и адвокатите како бранители се обврзани да го почитуваат и самиот Закон го предвидува тоа. Тие не се казнети заради изразен став во врска со предметот кој се разгледувал пред судот, па заради тоа да може да се смета дека им било повредено правото на слободно изразување на мислата.
Имајќи го предвид, сето погоре кажано, може да се заклучи дека уставната улога на Уставниот суд како гарант и заштитник на слободите, може единствено и целосно да се оствари ако се воведе нов инструмент – уставна тужба со амандманска интервенција во членот 110 алинеја 3 од Уставот и со што ќе биде до крај остварена намерата на уставотворецот.
Со воведувањето на уставната тужба ќе се овозможи заштита на сите уставни слободи и права од страна на Уставниот суд, наместо сега, која како што се наведе погоре, се однесува само на неколку изрично наведени. На овој начин, би се надминала сегашната парадоксална ситуација, кога се отфрлаат барања за заштита на уставни слободи и права кои не се опфатени со претходно цитираната одредба од член 110 алинеја 3 од Уставот. Во поглед на називот, за мене нема дилема дека посоодветен е називот „уставна тужба“ наместо „уставна жалба“.
Се разбира, искуството кое што Уставниот суд го има во досегашното постапување во постапката по поднесено барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, а за кое стана збор во првиот дел од ова излагање, може да биде од корист за одредени прашања при уставното нормирање на уставната тужба. Прво, за дефинирањето кој правен субјект ќе може да ја поднесе. Ако се има предвид дека во нашиот Устав, слободите и правата не се однесуваат само на граѓанинот, туку и на човекот, но и дека Републиката како суверена држава е одговорна за секој кој се наоѓа на нејзина територија, вклучувајќи и тогаш кога се повредуваат слободи и права, формулацијата за подносителот ќе треба да биде посеопфатна, но би требало да ги вклучи и правните лица. Понатаму, потребно е да се предвиди дека поднесувањето ќе биде можно само по исцрпувањето на редовниот правен пат, што ќе се овозможи на судските и управните органи во рамките на постапката целосно во сите степени да се изјаснат и го окончаат разгледувањето на предметот, по што би се исполниле претпоставките за обраќање до Уставниот суд. Ова го одговара и другото прашање, односно против кои акти ќе може да се поднесе уставната тужба – судските одлуки и одлуките на управните органи и другите овластени носители на јавни овластувања. Во поглед на роковите за поднесување на уставната тужба, може да ни послужат разните уставно-правни решенија од државите од регионот и да се изнајде најоптималното решение. И на крајот, при донесувањето на уставниот амандман ќе треба да се одговор на уште едно правно прашање – какво ќе биде правното дејство на одлуката на Уставниот суд во случаите кога ќе биде утврдена повреда на слободите и правата: дали ќе биде поништен или укинат правниот акт со кој е сторена повредата или само ќе биде констатирано дека е сторена повреда, па евентуално преку интервенција во процесните закони, да се предвиди можност за повторување на постапката во ваквите случаи.
Водејќи се од претходно реченото, на неодамнешната средба со државниот врв, го актуeлизирав прашањето за воведување на уставната тужба. Притоа, покрај дел од аргументите наведени погоре, наведов дека со воведувањето на уставната тужба, како држава би ги исполниле обврските што ги имаме како потписник на Протоколот бр.15 на Европската конвенција за заштита на слободите и правата за воспоставување на национален механизам на заштита на слободите и правата како последен филтер пред обраќањето до Европскиот суд.
Притоа, не треба да се испушти од предвид дека ваквата евентуална уставна интервенција, ќе предуслови и интервенција во постојниот акт кој го уредува начинот на работа и постапката пред Уставниот суд каде детално би се уредила целокупната постапка по поднесена уставна тужба.
Покрај правното интервенирање, ќе биде потребно Уставниот суд да биде организационо, административно и технички подготвен пред да се започне со постапување по уставните тужби за што ќе биде потребен одреден период на подготовка.
Несомнено, ова ќе бара ангажирање на дополнителни буџетски средства за потребите на Уставниот суд (кои во однос на вкупните буџетски расходи согласно овогодишниот републички буџет изнесуваат околу 0,021% и се далеку од она што реално му е потребно на Судот), но од друга страна, она што би се добило како нов квалитет во заштитата на уставните слободи и права, многукратно го надминува материјалното вложување.
Ви благодарам.