Уставниот суд оформи осум нови предмети во периодот од 1-15 јуни 2022

Во периодот од 1 до 15 јуни 2022 година до Уставниот суд се поднесени осум иницијативи и по нив се оформени предмети кои се предадени на работа на советници на Судот и судии.

1.Убр.49/22

Подносител на иницијативата:Блажо Петров 

Оспорен:Пресуда П1-19/21 од 29.03.2022 година на Основен суд Кавадарци

Дел од наводите во иницијативата:

Подносителот во иницијативата наведува дека Основиот суд Кавадарци преку донесената пресуда презел дискриминаторски и штетни дејствија кон него бидејќи не ги ценел еднакво доставените докази во текот на постапката, понатаму наведува дека судот донел одлука во процес во кој вештото лице не поседува лиценца, односно не била доставена копија или друг доказ за тоа. 

2.У.бр.50/22

Подносител на иницијативата: Старбаг АГ Подружница Старбаг Скопје преку законски застапници Игор Максимовиќ и Владан Видиќ

Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна македонија”, бр.288 од ден 21.12.2021 година/член 134 став 2)

Дел од наводите во иницијативата: Подносителот на иницијативата  смета дека оспорениот закон го повредува членот 8 од Уставот и бара од Уставниот суд да донесе одлука за дополнување на оспорениот член со нова дејност- градежништво, пред се’ градење на проекти кои се странски инвестиции со цел развој на патната инфраструктура на земјата. Во иницијативата подносителот бара да му се даде право на градење во недела. 

3.У.бр.51/22

Подносител на иницијативата: Благој Јованов, адвокат од Кочани

Оспорен: Одлука бр.09-360/1  од 31.01.2020 година и Одлука бр.09-317/1 од 28.02.2021 година на Советот на Општина Кочани

Дел од наводите во иницијативата: Подносителот смета дека Одлуката на Советот е спротивна на членот 28 од Правилникот за стандарди и нормативи на урбанистичко планирање каде според него е наведено дека во категоријата Е2- Комунална супраструктура, освен бензински пумпни станици и услужни центри спаѓаат целокупните градби на комуналната инфраструктура. Според наведеното во иницијативата, во оспорената одлука е вклучен само дел од комуналната супраструктура Е2, односно само бензински пумпи и услужни центри.

4.У.бр.52/22

Подносител:Даниел Георгиевски

Оспорен:  Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 3 05 помеѓу булевар Илинден, булевар 8-ми Септември, булевар Партизански одреди и улица Љубљанска-Општина Карпош-Скопје („Службен гласник на општина Карпош” бр.12/2013)

Дел од наводите во иницијативата: Подносителот наведува дека при изготвувањето на оспорениот ДУП, општина Карпош не ги почитувала наведените уставни и законски одредби, односно дека се направени повеќе пропусти во постапката за донесување на наведениот ДУП. Се наведува дека донесувачот не ја објавил Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот на веб-страницата, обврска предвидена во Законот за животна средина. 

5.У.бр.53/22

Подносител: Наташа Шурбановска

Оспорен:Урбанистички план вон населено место за Лагадин-Пештани Блок 3 и дел од Блок 4 (Автокамп Елешец) и Одлука бр.08-689/6 на Советот на општина Охрид за донесување на Урбанистичкиот план вон населено место за Лагадин-Пештани, за Блок 3 и дел од Блок 4, КО Пештани,(Автокамп Елешец)

Дел од наводите во иницијативата: Подносителката наведува дека со одлуката е донесен Урбанистички план вон населено место Лагадин-Пештани , општина Охрид плански период 2012-2022(Автокамп Елешец) со намена изградба на објекти за времено сместување, хотелски комплекси и комерцијално деловни објекти во заштитено подрачје на Охридското езеро. Според подносителката со донесената Одлука бр.08-689/6 со која се урбанизира простор во заштитеното подрачје на Охридскиот регион заради изградба на повеќе објекти меѓу кои и хотелски комплекс е спротивна на членовите 4, 5 и 6 од Париската Конвенција за заштита на светското културно и природно наследство, членовите 6, 8 и 9 од Законот за управување на светското природно и културно наследство, член 4 од Законот за урбанистичко планирање и Просторниот план за Охридско-Преспанскиот регион за 2005-2020, како и членот 8 од Законот за водите.

6.У.бр. 54/22 

Подносител: Наташа Шурбановска

Оспорен: Урбанистички план вон населено место за Долни Лакочереј вон град донесен со Одлука на Општина Охрид бр.08-2682/14 од 27.02.2015 година.

Дел од наводите во иницијативата:

Подносителката на иницијативата смета дека оваа одлука е спротивна на темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, бидејќи со Урбанистички план вон населено место, општината урбанизира простор со намена индустриска зона во чиј делокруг може да се градат индустриски објекти со класа Г2- Лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија.  Според наводите, Урбанистичкиот план за Долни Лакочереј вон град е спротивен и на членовите 6,8 и 9 од Законот за управуваање на светското природно и културно наследство и обврската на државата за должна заштита на Охридскиот регион од активности кои можат да предизвикаат уништување и деградација на светското природно и културно наследство. Подносителката наведува дека при донесување на оспорениот урбанистички план Општина Охрид не водела сметка дека индустриската зона се наоѓа на само 700 метри од црквата „Св. Еразмо”-светско културно наследство и 900 метри од Охридското езеро(заштитено од УНЕСКО)

7.У.бр.55/22

Подносител: Јове Кекеновски

Оспорен: Член 3 од Законот за изменување на Законот за административни службеници(„Службен весник на Република Северна Македонија” бр.99 од 21 април 2022 година)

Дел од наводите во иницијативата: Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот член неуставно, незаконски се изедначуваат државните службеници кои имаат повисоко ниво на квалификација VI-A, односно стекнати 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен.  Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член се изедначуваат две категории на државни службеници со по 56 бодови(и за оние стекнати со 240 кредити и за оние со 180 кредити според ЕКТС.)

8.У.бр.56/22

Подносител: Владимир Петрушевски

Оспорен: Закон за изменување и дополнување на законот за внатрешни работи („Службен весник број 89 од 11.04.2022”)

Дел од наводите во иницијативата: Подносителот смета дека оспорените одредби ги става во дискриминаторска, нееднаква и уставно нерамноправна улога сите граѓани кои нема да може да засноваат работен однос во МВР доколку се членови на политичка партија и дека не е уредено на кој начин ќе се провери или утврди кое лице е член на политичка партија. Подносителот наведува дека оспорените одредби не се во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 5, односно владеењето на правото и политичкиот плурализам.