У.бр.44/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 26 мај 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 154 став 1 точка 10 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020 и 67/2022).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 115 став 1 и член 116 ставови 1, 2 и 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Доне Николовски и Славко Лазовски, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Подносителите на иницијативата ги оспоруваат одредбите од член 115 став 1, член 116 ставови 1, 2 и 4, како и член 154 став 1 точка 10 од Законот за пензиското и ивалидското осигурување бидејќи истите биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 20 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според наводите од иницијативата, собирањето и распределбата на средствата од членарината било неуставно да го врши Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, односно собирањето и распределбата на средствата требало да го вршат сојузите на здруженијата и самите здруженија, поради тоа што членувањето во пензионерско здружение било доброволно согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Подносителите сметаат дека неуставно било и тоа што со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се предвидувало пензионерите да бидат условувани со членство во пензионерско здружение за да бидат членови на Солидарниот фонд, а со цел да ги уживаат правата од истиот. Ова оттаму што пензионерите кои не биле членови на пензионерското здружение немале право на посмртна помош. Додека, од друга страна, уставно право било пензионерот да одлучи дали ќе биде член на пензионерско здружение или не, затоа што членувањето во пензионерското здружение било доброволно.

Во иницијативата, исто така, се наведува и дека со статутите на пензионерските здруженија и нивните сојузи било регулирано членувањето на пензионерите во здружение и сојуз, каде биле утврдени нивните права и обврски по основ на членство, како и обврската за плаќање членарина, но не било предвидено дека собирањето и распоредувањето на членарината на овие здруженија и сојузи е обврска на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, на начин како што предвидувал Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Оттука, неуставно било државен орган да ја собира и распоредува членарината со запирање на средства од месечната пензија. Според подносителите, Фондот бил т.н. регистрирана организација која не постоела, односно не била регистрирана во Централниот регистар на Република Северна Македонија.

На крајот, се посочува на тоа дека имајќи предвид дека законите морале да бидат во согласност со Уставот, заради владеење на правото, како и дека државата била должна да обезбеди еднаква положба на граѓаните, односно пензионерите, произлегувало дека пензионерите треба доброволно да се здружуваат во здруженија и сојузи, а не со принуда како што било сега предвидено за членување во Солидарниот фонд при Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за да можат да го користат правото на посмртна помош.

Врз основа на наведеното, подносителите на иницијативата предлагаат Уставниот суд да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорените одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и истите да ги укине или поништи.

4. Судот, на седницата утврди дека со оспорениот став 1 од членот 115 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020 и 67/2022) се предвидува дека на корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за обезбедување на средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство и за членување во здружение на пензионери (членарина).

Судот, исто така, утврди дека со оспорените ставови 1, 2 и 4 од членот 116 од Законот е пропишано дека издвојувањето на посмртната помош и членарината се врши од пензијата на корисникот на пензија, месечно, при исплата на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување (став 1). Висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, начинот на распределба на членарината, начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на солидарниот фонд во единствен износ за сите корисници на пензија, како и начинот на располагање со слободните, а неискористени средства од посмртна помош, со акт ги утврдува регистрирана организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија (став 2). Средствата по основ на членарина Фондот ги дозначува на сметката што ја определува регистрираната организација составена од сојузите на здруженијата на пензионерите (став 4).

На крајот, Судот утврди и дека според став 1 точка 10 од членот 154 од Законот, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување врши исплата на посмртна помош на корисниците на пензија и задршка од пензијата за членарина.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Според ставот 2 од истиот член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012….245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019…. 67/2022) се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со глава X посебно ги уредува прашањата за „Солидарен фонд – посмртна помош и членарина“ (сега оспорените членови 115 став 1 и 116 ставови 1, 2 и 4).

Согласно уредувањето во главата X од Законот посветена на „Солидарен фонд – посмртна помош и членарина“ (членови 115 – 117 од Законот), Фондот запира дел од пензијата заради обезбедување на средства за исплата на посмртна помош и за членување во здружение на пензионери врз основа на согласност на корисникот на пензијата (член 115 став 1 и член 116 став 1). Притоа, средствата за посмртна помош Фондот ги уплатува на посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка (член 115 став 2), висината на задршката за посмртна помош, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, како и начинот на располагање со слободните, а неискористени средства од посмртна помош се уредуваат со акт на регистрираната организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија (член 116 ставови 2 и 3). Во однос на членарината која, исто така, се запира од пензијата врз основа на согласност на корисникот на пензијата (член 115 став 1 и член 116 став 1), висината на задршката за членарина и начинот на распределба на членарината ги уредува регистрираната организација на сојузите на здруженија на пензионерите на Македонија со свој акт (член 116 ставови 2 и 3), при што, Законот го задолжува Фондот, тие средства да ги дозначи на сметката што ќе ја определи регистрираната организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија (член 116 став 4).

Членот 154 од Законот, чиј став 1 точка 10 е, исто така, предмет на оспорување со иницијативата, ја има следната содржина:

Фондот ги врши следниве работи:
1) ги спроведува прописите и политиките на развој на пензиското и инвалидското осигурување;
2) со општи акти ги уредува прашањата за кои е овластен со овој закон;
3) ги следи и анализира состојбите во пензиското и инвалидското осигурување;
4) се грижи за законско остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување и дава стручна помош на осигурениците и корисниците на права за остварување на нивните права и интереси;
5) ги спроведува меѓународните ратификувани договори и меѓудржавните спогодби за социјално осигурување во делот на пензиското и инвалидското осигурување;
6) редовно ја следи состојбата на уплатување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување;
7) презема мерки за рационално користење на средствата потребни за обезбедување на правата од пензиското и инвалидското осигурување;
8) одлучува за права од пензиско и инвалидско осигурување во прв степен;
9) врши исплата на пензии и парични надоместоци согласно со закон;
10) врши исплата на посмртна помош на корисниците на пензија и задршка од пензијата за членарина и
11) врши други работи определени со закон, Статутот и другите општи акти на Фондот.

Понатаму, со Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2010, 135/2011 и 22/2016), се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес.

Според членот 3 од Законот, меѓу другото „Организација” е секое здружение, фондација, сојуз, како и секој организационен облик на странска организација, како и друга форма на здружување, регистрирани согласно со одредбите на овој закон.

Согласно член 4 став 1 од истиот закон, правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации (во натамошниот текст: организации) за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон.

Согласно член 5 став 1 од Законот, две или повеќе организации можат да се здружуваат во сојуз или друга форма на здружување, која може да стекне својство на правно лице, со регистрација во согласнот со овој закон.

Според член 19 став 1 од Законот, членувањето во здружението е доброволно.

На крајот, според членот 2 од Статутот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија бр. 533/2 од 21.12.2015 година, здруженијата на пензионерите на Македонија доброволно се здружуваат во Сојузот за остварување и заштита на целите и интересите на корисниците на пензија, за поцелосно и на единствен начин претставување пред надлежните органи на државата на нивните интереси, заштита и унапредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, за остварување на поцелосна и поквалитетна здравствена заштита, како и за координирање, збогатување и унапредување на културните, спортските и хуманитарните потреби и на други дејности на пензионерите на Република Македонија.

Согласно членот 4 од Статутот, во Сојузот може да се здружуваат здруженија во кои членуваат корисници на старосна, семејна и инвалидска пензија кои се регистрирани во Централниот регистар и го прифаќаат Статутот и другите акти на Сојузот и ги почитуваат и спроведуваат одлуките на Сојузот. Со барањето за прием во Сојузот, здружението на пензионери доставува: фотокопија од решението за регистрација во Централниот регистар на Република Македонија; Статут на здружението на пензионерите; Одлука за прифаќање на Статутот и програмата на Сојузот; Одлука за учество во финансирањето на дејноста на Сојузот; Одлука за овластување на органот на Сојузот да ја утврдува висината на делот од членарината за финансирање на дејноста на Сојузот; Одлука за овластување на органот на Сојузот да ја определува висината на задршката од пензијата за членарина на здружението и висината на придонесот за Солидарниот фонд и висината на испратнината на член на семејството на починат корисник на пензија и Список на членови на здружението со пристапници (доказ за бројот на членството).

Со членот 27 од Статутот се предвидува дека „според Законот за пензиското и инвалидското осигурување, распоред на средствата од членаринaта го врши Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина и ги дозначува до сојузите, а тие до здруженијата членки на сојузите (став 1). Регистрираната организација од став 1 на овој член е Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија бидејќи во својот состав има најголем број членови, по претходна согласност на сојузите на здруженија на пензионерите на Македонија (став 2). Регистриранатa организација има одбор на регистрирана организација за солидарни средства и членарина, во која членуваат Сојузите (став 3). Претседателот на Одборот е законски претставник на Регистрираната организација (став 4). Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина донесува правилник со кој се утврдува начинот на работа, висината на задршката за посмртна помош и членарина, висина на исплата на посмртната помош, начин на распределба на членарината по сојузите и начинот на увид во исплатата на овие средства (став 5). Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија ја врши и административнaта работа за Регистрираната организација, односно Одборот од став 1 и 2 на овој член (став 6).“

6. Во конкретниот случај, што се однесува до наводите содржани во иницијативата, а се однесуваат на член 115 став 1 и член 116 ставови 1, 2 и 4 од предметниот закон, Судот оцени дека од уставно-судската пракса произлегува дека претходно во неколку наврати е одлучувано за уставноста на важечките одредби од членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012….245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019….67/2022).

Притоа, со Решението У.бр.15/2013 од 25 септември 2013 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117 од наведениот закон. Според ставот на Судот изразен во овој предмет, оспорените членови од Законот, не биле во спротивност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8, членот 30 и членот 51 од Уставот.

Понатаму, со Решението У.бр.157/2017 од 17 октомври 2018 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членот 116 од наведениот закон и притоа утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 116 од Законот со член 8 алинеја 6 и со член 30 став 3 од Уставот.

Исто така, со Решението У.бр.5/2022 од 11 мај 2022 година, Судот ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117 од наведениот закон од причина што во овој предмет Судот утврдил дека во претходно наведеното Решение У.бр.15/2013, предмет на уставно-судска оценка биле наводите за несогласноста на оспорените одредби од членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со членот 20 од Уставот, и при мериторното одлучување по наведениот предмет, имајќи ги предвид наводите во иницијативата оценил дека оспорените одредби не биле во спротивност со членот 20 од Уставот, поради што и не повел постапка, а за таквиот став аргументи не биле наведени во текстот на Решението. Оттука, според Судот, во овој случај, станувало збор за пресудена работа од причина што постапувајќи по наводите во иницијативата по предметот У.бр.15/2013, Судот не утврдил дека со оспорените одредби се повредува членот 20 од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, неспорно произлегува дека содржината на оспорените одредби од Законот (член 115 став 1 и член 116 ставови 1, 2 и 4) во неколку наврати биле предмет на оценување од страна на Уставниот суд, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Во однос на наводите на подносителите на иницијативата со коишто се тврди дека оспорената одредба од член 154 став 1 точка 10 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според која, Фондот за пензиското и инвалидското осигурување бил обврзан со Законот, како државен орган да ја собира и распоредува членарината со запирање на средства од месечна пензија, било неуставно, Судот смета дека истите се неосновани од следните причини:

Имено, од содржината на оспорената одредба од членот 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување произлегува дека со истата е пропишана една од надлежностите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, а тоа е исплата на посмртна помош на корисниците на пензија и задршка од пензијата за членарина.

Оттука, според Судот, неспорно произлегува дека оваа одредба е суштински поврзана со останатите законски одредби кои се предмет на оспорување со иницијативата (член 115 и член 116 ставови 1, 2 и 4), со кои се уредени прашања за Солидарниот фонд, односно за посмртна помош на корисниците на пензија за членовите на нивните семејства и за членување во здружението на пензионери (членарина) и истата е во функција на операционализација на членовите 115 и 116 од Законот.

Врз основа на наведеното, неспорно произлегува дека со оспорената одредба јасно се определува надлежноста на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување во однос на исплатата на посмртна помош на корисниците на пензија и задршка од пензијата за членарина, односно Фондот преку подрачните единици се јавува само како сервис во име и за сметка на корисниците на пензија, за една категорија граѓани – пензионери. Од наведеното може да се заклучи дека станува збор за надлежност којашто законодавецот со закон му ја доделил на Фондот, во рамки на својата уставно определена надлежност за донесување на законите.

Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека Уставниот суд во повеќе наврати ја ценел уставноста на членовите 115 и 116 од предметниот закон и не утврдил нивна спротивност со повеќе уставни одредби (како што претходно е наведено во ова решение), Судот оцени дека оспорениот член 154 став 1 точка 10 од Законот не може да се проблематизира од аспект на член 20 ставови 1 и 2, како и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.44/2022
26.05.2022 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска