I- РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА
Уставниот суд ќе разгледува три иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на седницата закажана за 22 јуни 2022 година, во вторник во 9:30 часот:
1.Реферат У.бр.92/2021 и У.бр.95/2021
Оспорен: Член 1 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредни мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и врмеенскиот период на нивна примена(„Службен весник на Република Северна Македонија” бр.187/2021)
Подносители на иницијативата: Дарко Јаневски и Сашко Јовановски, Даница Трпковска и Златко Јолески адвокати од Скопје
Дел од наводите во иницијативите:
Според првата иницијатива поднесена од Дарко Јаневски оспорената одредба од одлуката била во директна спротивност со членот 1 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија ја наведува дека е дискриминаторска, сегрегирачка, но и непрецизна одредба која предизвикува правна несигурност. Во иницијативата се наведува дека Владата ги ставила во нееднаква и неповолна положба угостителските објекти кои се наоѓаат надвор од Меѓународниот аеродром-Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле” во Охрид. Во втората иницијатива поднесена од адвокатите Сашо Јовановски, Даница Трпковска и Златко Јолески се наведува дека одредбата е противуставна, неприменлива и во спротивност со Уставот и неколку одредби од Законот за заштита на правата на пациентите, Законот за здравствена заштита и Законот за спречување и заштита од дискриминација.
2. Реферат У.бр.36/2022
Оспорен: Член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надоместок за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште(„Службен весник на Република Северна македонија” бр.81/2022), донесена од Владата на Република Северна Македонија
Подносител на иницијативата: Емануел Тасев
Дел од наводите во иницијативата:
Според подносителот, членот 2 од Уредбата не е во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа членот 52 став 4 според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, член 55 став 2 според кој слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето и членот 8 став 1 алинеја 3 според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Подносителот наведува дека барателите на приватизација на градежно земјиште во државна сопственост со намена за комерцијални, деловни, стопански, производствени цели, спорт и рекреација и неизградено земјиште за колективно домување пред стапување во сила на Уредбата се ставаат во понеповолна положба, им се повредува стекнатото право да го приватизираат земјиштето во државна сопственост согласно предвидените услови за приватизација при поднесување на барањето, а само затоа што постапките по нивните барања не се завршени заради неажурност на органите и според иницијативата се дискриминирани во однос на повластените баратели чии барања се решени со правосилни одлуки.
3. Реферат У.бр.40/2022
Оспорен: Правилник за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински Центар за социјални работи во Штип, бр.01-754/1 од 25 јуни 2019 година, односно точка 2 реден број 11 и точка 3 реден број 18 од Табеларниот приказ на работните места во ЈУМЦСР Штип, со кој се утврдени посебните услови за работните места: раководител на службата за права на парична помош и раководител на службата за услуги од социјална заштита.
Подносител на иницијативата: Сузана Цветкова
Дел од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот Правилник за раководител на службата за услуги од социјална заштита само три стручни профили и тоа социјална работа и политика, педагогија и психологија имаат можност да конкурираат за раководно место, па со тоа одредени ги става во подредена дискриминаторска позиција останатите образовни профили кои веќе биле вработени во ЈУМЦСР Штип.