Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за XVIII-та седница на Уставниот суд на Република Северна Македонија закажана за 1.06.2022 година (среда), со почеток во 09:30 часот

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Реферат У.бр.2/2022

Оспорен: Член 3 став 1 алинеја 3, член 4, член 12 став 3, член 13 став 1, член 16 став 5 и член 39 став 1 алинеја 4 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.101/2019)

Подносител: Иван Лотески од Охрид

Дел од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените одредби се крши една од темелните вредности-владеење на правото, предвидена со член 8 став 1 алинеја 3. Според наводите во иницијативата се заобиколува Законот за општа управна постапка, се кршат основните слободи и права на граѓаните со тоа што доставувањето на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер се навлегува во приватноста на странките, односно во личните предмети кои странките ги имаат во институциите.

2. Реферат У.бр.45/2021

Оспорен: Член 63 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија бр.120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/2019 и 317/2020)

Подносител: Александар Бежовски, адвокат од Скопје

Дел од наводите во иницијативата:

Подносителот ги оспорува одредбите коишто се однесуваат на адвокатурата односно за адвокатите и адвокатските друштва од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Според наводите во иницијативата со оспорениот член 63 се оневозможува и се спречува адвокатурата да ги оствари основите на самото свое постоење и по Устав и по Закон загарантирани како самостојноста, тајноста, заштита на интересот на странката, чување на довереното од странката и давање на квалитетна правна помош.

3. Реферат У.бр.7/2022

Подносител: Нехат Лужа од Скопје

Оспорен: Член 171 став 3 од Колективниот договор на МВР(„Службен весник на Република Северна Македонија” бр.149/2021)

Дел од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата смета дека делот од оспорената одредба:„Доколку работникот одработи повеќе од 32 часа прекувремена работа во месецот, за останатите часови користи исклучиво слободни денови”, се спротивни на членовите 116 и 117 од Законот за работни односи со кои законодавецот ја ограничил горната граница до која можел еден работник да се ангажира на работа и тоа 40 часа редовна работа плус 8 часа прекувремена работа во неделата, односно 190 часа прекувремена работа во текот на годината.

4. Реферат У.бр.16/2022

Подносител: Нехат Лужа од Скопје

Оспорен: Ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 од член 9 од Правилникот за членување, права и обврски на членот и престанување на членството во Македонскиот полициски синдикат од 06.03.2020 година.

Дел од наводите во иницијативата: 

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби се спротивни на член 20 став 2 од Уставот. Се наведува дека неосновано се условува истапувањето на секој член со пропишување на услови и рокови кои требало да се исполнат, односно да се поминат.