Оформени предмети во периодот од 18 април до 9 мај 2022 година

Почитувани, 

Во периодот од 18.04-09.05 2022 година до Уставниот суд се поднесени шест иницијативи и едно барање и по нив се оформени предмети кои се предадени да се работат на советници на Судот и судии.

У.бр.38/22

Подносител: Владан Цибрев од Скопје

Оспорен: Членот 87 став 2 од Законот за административни службеници. Според наводите во иницијативата овој член  опфаќа дел на плата за степен на образование кој е законски минимум за соодветното ниво на работното место. Според подносителот на иницијативата постои разлика во бодовите за плата во ставката за вишо образование (150) бода и ставката за средно образование(100) бода, но двата степена на образование(вишо и средно) се подеднакво предвидени како посебни услови за секое работно место од нивоата во рамки на категоријата Г.  Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член службениците остваруваат различна основна плата за иста работа на исто работно место и подносителот наведува дека се работи за директна повреда на член 32 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија. 

У.бр.39/22

Подносител: Снежана Терзијанова, Васил Ширков, Живорад Митков преку адвокат Мицев Димитрија од Струмица

Оспорен: Членот 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи. Подносителот  смета дека со донесувањето на овие два члена се повредува загарантираното право на работа со кое секој има еднакви услови и му е достапно секое работно место. Во иницијативата се наведува дека овие членови не се во согласност со членот 32 од Уставот и членот 104 став 2, 3 и 4 од Законот за работни односи со тоа што одредена група на работници се привилигирани и можат да го продолжат договорот за вработување до 67 години возраст, а на други вработени им се ускратува тоа право. 

У.бр.40/22

Подносител: Сузана Цветкова  од Штип

Оспорен: Правилник за систематизација бр.01-754/1 од 25.06.2019 година, точка 2 реден број 11 и точка 3 реден број 18.  Подносителот наведува дека според оспорениот Правилник стручните работници: правник, социјален работник, педагог и психолог се привилигирани за раководните места во однос на стручните профили- дефектолог, социолог, економист и логопед при вработување на раководни работни места. Според наводите во иницијативата, со оспорениот Правилник се повредува членот 23 од Уставот кој предвидува дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции. Подносителот наведува дека се повредува членот 7 став 1 од Законот за работни односи кој се однесува на забрана за дискриминација на кандидатот при вработување. 

У.бр.41/22

Подносител: Кристина Бачовска Синколи преку полномошник Роберт Бачовски Синколи

Оспорен: Делот “или е под суспензија или е укинат” од став 3 од член 57 од Законот за урбанистичкото планирање („Службен весник на РСМ” бр.32/2020). Според подносителот на иницијативата, со законската можност да не се издава ДУП од важечкиот план, се кршат бројни права и слободи, односно повреда на правото на градење кое произлегува од правото на сопственост. Во иницијативата се наведува дека со оспорениот дел од Законот за урбанистичко планирање им се дава право на општините воопшто да не издаваат било каков извод од ДУП ако тој е суспендиран или укинат. 

У.бр.42/22

Подносител: Никола Ликов, адвокат од Штип

Оспорен: Членот 72 став 6 и дел од членот 72 став 5 од Законот за судски совет на Република Северна Македонија. Според наводите во иницијативата  оспорените одредби не се во согласност со членот 15 од Уставот и членот 13 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, во кои е гарантирано правото на жалба, односно правото на ефективен правен лек.  Подносителот наведува дека во постапка за утврдување на одговорност на судија или на претседател на суд му е ускратено правото на жалба, односно ефективен правен лек против првостепена одлука донесена во повторена постапка. 

У.бр.43/22

Подносител: Анита Галевски преку адвокат Кирил Михајловски

Оспорен: Решение РО број 0904-19 од 17.02.2022 година од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Подносителката на барањето наведува дека е дискриминирана по основ на политичка припадност согласно член 110 став 1 алинеја 3 во врска со член 32 став 1 и став 2 од Уставот на Република Северна Македонија. Подносителката на барањето смета дека е дискриминирана бидејќи е второрангирана на конкурс за вработеување како фармацевтски техничар при ЈЗУ Клиничка болница Битола, на чијшто оглас бил избран шесторангиран кандидат. 

У.бр.44/22

Подносител: Доне Николовски и Славко Лазовски 

Оспорен: Членовите 115, 116 и 154 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Подносителите во иницијативата наведуваат дека собирањето и распределбата на средствата од членарината е неуставно да ги врши Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во иницијативата се наведува дека оспорените членови се во споритвност со членот 8 од Уставот, став 1 алинеја 3.