Уставниот суд денеска ја одржа XIV-та седница од 2022 година на која присуствуваа сите пет судии. По расправа за предметите од денешниот дневен ред одлучи да:
Реферат У.бр.20/2022- поведе постапка за оценување на уставноста во делот: „член 30“ од член 31, делот: „Министерство за стопанство“ од член 59 и член 72 ставови 1 и 2 од од Законот за експлозивни материи („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.4/1978, 10/1978-исправка, 51/1988 и 36/1990; „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993, 66/2007, 84/2008, 135/2011 и 148/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/2021) и ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на делот: „20, 55“ од член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експлозивни материи („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993)
Подносител на иницијативата: Игорче Точев од Кочани
Дел од наводите на иницијативата:
Се оспоруваат делови од членови во Законот за заштита од ескплозивни материи, кои според подносителот се спротивни со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Наведените членови подносителот ги оспорил како неправилно направени измени и надополнувања на оспорените одредби кои доведуваат до правна несигурност и забуна во примена на одредбите.
Реферат У.бр.302/2020-предлогот за гласање не го доби потребното мнозинство гласови и предметот ќе биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници.
Подносител на иницијативата: Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и м-р Стојанче Геровски – адвокат од Скопје
Дел од наводите на иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека мешањето во приватниот живот на граѓаните не е во согласност со членот 25 од Уставот, членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи. Ограничувањето на сопственоста според подносителот треба да подлежи на начелата на правна сигурност или законитост а правната рамнотежа нема да се постигне доколку на граѓанинот му се наметнува да трпи поединечен и поголем товар. Подносителот упатува на членот 1 од Протоколот број 1 од Европската Конвенција за човекови права според кој лишувањето на сопственоста морало да подлежи на условите предвидени со закон. Според наводите во иницијативата Република Северна Македонија е последна земја во регионот во која е дозволено исклучување на домаќинствата и од системот на напојување со електрична енергија.
Реферат У.бр.99/2021- точката е повлечена од дневен ред заради дополнително утврдување на фактичката состојба поврзана со важењето на прописот.
Подносител на иницијативата: Тодор Петров, претседател на Светски македонски конгрес
Дел од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените одредби од Одлуката се погрешни, неприфатливи и неприменливи, антиуставни, незаконски и недемократски па дури се неиздржани од медицински и епидемиолошки аспект. Во иницијативата се наведува дека Владата врши забрана за влез во секаков вид на објект без поседување и приложување на сертификат/потврда пред редарска служба за најмалку прва доза за извршена имунизација од корона вирусот, при што сертификатот/потврдата е невалиден документ без лична карта или пасош, а заради утврдување на идентитетот на граѓанинот кој го приложува истото.
Реферат У.бр.74/2021-предлогот не го доби потребното мнозинство гласови и предметот повторно ќе биде ставен на дневен ред на некоја од наредните седници.
Подносител на барањето: Илир Рушани од с.Зајас, Кичево
Според подносителот на барањето на 25 декември 2019 година Собранието на Република Северна Македонија бил избран кандидат кој не ги исполнувал законските услови и условите наведени во огласот и ова тврдење според подносителот го утврдила и Државната комисија за спречување на корупција(Одлука бр.12-88/10). Подносителот во иницијативата наведува дека бил дискриминиран по основ на политичка припадност.