У.бр.6/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 29 март 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 5 став 1 точка 1 и член 6 ставови 1 и 2 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020, 292/2020, 298/2020, 304/2020, 306/2020, 317/2020, 13/2021, 45/2021, 53/2021, 55/2021, 58/2021, 64/2021, 65/2021, 75/2021, 87/2021, 94/2021, 100/2021, 106/2021, 109/2021, 113/2021, 116/2021, 119/2021, 126/2021, 133/2021, 139/2021, 141/2021, 146/2021, 153/2021, 162/2021, 176/2021, 187/2021, 193/2021, 199/2021, 204/2021, 220/2021, 234/2021, 237/2021, 242/2021, 261/2021, 291/2021 и 50/2022).

2. Ивана Минова од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Одлуката, означена во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата носењето заштитна маска на лицето немало никаква медицинска научна оправданост и не можела никого да заштити, бидејќи вирусот бил многу ситен и лесно можел да помине низ ткаенината од маската. Напротив, носењето на маска било штетно и го загрозувалo здравјето, животот и безбедноста на луѓето поради намалениот проток на воздух, што било причина за појава на хипоксија, односно труење со издишаниот јаглероден моноксид којшто поради маската не можел слободно да се издиши во просторот.

Владата при донесувањето на оваа мерка не обезбедила релевантен медицински доказ или било каква научна студија од реномирана надлежна установа со која би се гарантирала целисходноста и безбедноста од користењето на платнените ковид маски. Сосема друг тип биле хемиско бактериолошките заштитни маски.

Со присилното наложување на носење маски, Владата го повредувала член 11 став 1 од Уставот, според кој физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.

Поради фактот што носењето на маска го ограничувала правото на неограничена количина на воздух за дишење, како божествено право дадено на човекот со самото раѓање, задолжувањето на Владата за носење ковид маска под закана за парично казнување, претставувало повреда и на член 12 ставови 1 и 2 од Уставот, според кој слободата на човекот е неприкосновена, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Носењето маска било спротивно на член 54 став 3 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба, бидејќи со оспорената одлука се ограничувало правото на неограничена количина чист воздух за дишење, со што граѓаните биле доведени во животозагрозувачка положба, со запретена парична казна и казна затвор, доколку граѓаните сакаат слободно да дишат без штетни маски коишто никого не можеле да заштитат од вируси и бактерии, дотолку повеќе што и самите биле штетни поради влагата која се задржувала на маската на која се лепеле ПМ честички и бактерии коишто создавале инфекции на устата и на лицето.

Член 54 став 4 од Уставот уредувал дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста, а Владата со оспорената одлука и нејзиното спроведување над народот го загрозувала неговото здравје и безбедност поради штетноста на ковид маските како и поради понижувачкиот однос и дискриминаторско постапување при влезот на секој јавен угостителски објект кој се забранувал поради фактот дека народот не сакал да носи небезбедни и штетни маски.

Во продолжение на иницијативата, подносителката се повикува на членот 137 од Кривичниот законик: „Тој што врз основа на разлика на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, јазикот или друго лично својство или околност, ќе му одземе или ограничи права на човекот и граѓанинот, утврдени со Уставот, закон или со ратификуван меѓународен договор или кој врз основа на овие разлики им дава на граѓаните повластици спротивни на Уставот, закон или ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од три месеци до три години”, со наводи дека Одлуката на Владата за носење на маски била спротивна на цитираната законска одредба затоа што го ограничувала правото на непречено дишење и неограничена количина чист воздух за дишење како и движење на отворен простор и јавни и приватни установи.

Оспорената одлука била во колизија и со членот 139 од Кривичниот законик: „Тој што со сила или со сериозна закана ќе присили друг да стори или да не стори или да трпи нешто, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото од став 1 го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години”, бидејќи Владата со сериозна закана од големи казни го присилувала народот, неволно да носи штетни и животозагрозувачки маски и со тоа свесно да трпи затоа што бил присилен да ја доведе својата здравствена состојба во несигурност и опасност носејќи нефункционални, небезбедни и штетни маски.

Исто така, оспорената одлука на Владата била во колизија и со глава 34 „Кривични дела против човечноста и меѓународното право” од Кривичниот законик, односно членот 403 со наслов Геноцид: „Тој што со намера наполно или делумно да уништи некоја национална, етничка, расна или верска група, ќе нареди да се вршат убиства или тешки повреди на телото или тешко нарушување на физичкото или душевното здравје на членовите на групата или присилно раселување на населението или групата да се стави во такви животни услови што доведуваат до наполно или делумно истребување на групата или да се применат мерки со кои се спречува раѓање меѓу припадниците на групата или да се врши присилно преселување на деца во друга група или тој што со иста намера ќе изврши некое од наведените дела, ќе се казни со затвор најмалку десет години или со доживотен затвор”, затоа што со принудувањето на народот и целата македонска популација, стар и млад, мажи, жени и деца на присилно носење маски, долгорочно се загрозувал животот, здравјето и безбедноста на голем процент од населението, од носењето небезбедни, штетни ковид маски, со што населението било подложно на разни здравствени проблеми и последици од вирусни и бактериолошки инфекции, хипоксии и недостаток на воздух, а воедно и душевни стресови, трауми и нарушувања на душевното здравје, која состојба создавала многу тешки животни услови поради дискриминаторскиот однос кон целата популација.

Од наведените причини се бара оспорената одлука објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2020, на 04.11.2020 година, Уставниот суд да ја укине како неуставна и незаконита.
. . .

Со иницијативата подносителката ја оспорува Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 263/2020, а оспорувањето се однесува на член 5 став 1 точка 1 и член 6 ставови 1 и 2 од наведената одлука. Меѓутоа, содржините на одредбите од член 6 ставови 1 и 2 од Одлуката коишто се оспоруваат со иницијативата, се изменети со Одлука за изменување и дополнување на погоре наведената одлука, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 119/2021, што не е земено предвид при поднесувањето на иницијативата. Со наведената измена, лицата повеќе не се обврзани да носат заштитна маска на лицето, при движење на отворено, туку само при движење во затворени објекти, особено при движење на јавни места и површини од затворен тип. Имајќи предвид дека најголем дел од содржината на оспорениот член 6 ставови 1 и 2 од Одлуката, и по измената останува непроменета и е во правниот поредок, при разгледувањето на предметното прашање, Судот, ја имаше предвид содржината на оспорениот член 6 ставови 1 и 2 од интегралниот текст на Одлуката.
. . .

3. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020, 292/2020, 298/2020, 304/2020, 306/2020, 317/2020, 13/2021, 45/2021, 53/2021, 55/2021, 58/2021, 64/2021, 65/2021, 75/2021, 87/2021, 94/2021, 100/2021, 106/2021, 109/2021, 113/2021, 116/2021, 119/2021, 126/2021, 133/2021, 139/2021, 141/2021, 146/2021, 153/2021, 162/2021, 176/2021, 187/2021, 193/2021, 199/2021, 204/2021, 220/2021, 234/2021, 237/2021, 242/2021, 261/2021, 291/2021 и 50/2022), го уредуваат следното:

III. ВРЕМЕНИ МЕРКИ

Член 5

Се наредуваат следниве мерки:

1. носење лична заштита на лицето (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично).

НОСЕЊЕ ЛИЧНА ЗАШТИТА НА ЛИЦЕТО

Член 6

(1) Секое домашно или странско физичко лице на територијата на Република Северна Македонија задолжително треба да носи лична заштита на лицето согласно член 5 став 1 точка 1. од оваа одлука при излегување надвор од својот дом (живеалиште и/или престојувалиште) и тоа при движење во затворени објекти, особено при движење на јавни места и површини од затворен тип (во установи од областа на образованието, во установи од областа на згрижување на деца, во установи од областа на културата, при возење во патничко моторно возило со лице/лица со кое/кои што не живее во заедничко домаќинство и други површини од затворен тип), на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, трговски центри, уплатно – исплатни места, молови, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
(2) Лицето од став 1 на овој член задолжително носи лична заштита на лицето во текот на престојот надвор од својот дом во затворени простории.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 39 став 2 од Уставот, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Во врска со заразната болест предизвикана од корона-вирусот Covid-19, Владата донесе Одлука за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена („Службен весник на Република Северна Македонија” број 263/2020, 269/2020, 275/2020, 287/2020, 292/2020, 298/2020, 304/2020, 306/2020, 317/2020, 13/2021, 45/2021, 53/2021, 55/2021, 58/2021, 64/2021, 65/2021, 75/2021, 87/2021, 94/2021, 100/2021, 106/2021, 109/2021, 113/2021, 116/2021, 119/2021, 126/2021, 133/2021, 139/2021, 141/2021, 146/2021, 153/2021, 162/2021, 176/2021, 187/2021, 193/2021, 199/2021, 204/2021, 220/2021, 234/2021, 237/2021, 242/2021, 261/2021, 291/2021 и 50/2022), со која, помеѓу другото, со член 5 став 1 точка 1 и член 6 ставови 1 и 2, Владата уреди примена и на времената мерка носење лична заштита на лицето, утврдена во член 28 став (6) од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија” број 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015, 37/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 257/2020).

Од содржината на иницијативата произлегува дека аргументите за оспорување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Одлуката, подносителката ги темели на наводи за нецелисходно и неоправдано уредување на оспорените одредби од Одлуката, односно на наводи за штетноста од фактичката примена на времената мерка носење лична заштита на лицето.

Уставниот суд, според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според тоа, од уставно-правно значење е дали донесениот пропис и неговите одредби коишто се оспоруваат, е во согласност со Уставот и законите.

Имајќи предвид дека во случајов, се оспоруваат одредби содржани во акт – одлука, донесена од Владата, прашањето коешто тука се поставува е, дали времената мерка носење лична заштита на лицето, е предвидена со закон, дали Владата има законско овластување за донесување на предметниот акт и овластување да одлучува за примената на оваа времена мерка и дали воспоставената примена на времената мерка, имплицира нееднаков третман за граѓаните.

Со Законот за заштита на населението од заразни болести се утврдуваат мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести.

Со членот 4 од Законот, е уредено дека секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување, а според членот 5 од Законот, заштитата од заразни болести се остварува преку планирање, организирање, постојано следење на епидемиолошката состојба и спроведување на мерките пропишани со овој закон, како и на надзор и контрола над спроведените мерки.

Според членот 11 од Законот, заштитата на населението од заразни болести опфаќа општи и посебни мерки за спречување на појавата, раното откривање, спречувањето на ширење и сузбивањето на заразните болести и на инфекциите.

Мерката носење лична заштита на лицето, поради прогласената вонредна состојба, најпрво беше предвидена со Уредба со законска сила за носење лична заштита на лицето, донесена од Владата на Република Северна Македонија, а потоа и со Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Северна Македонија” број 257/2020), со кој законодавецот со член 28 став 6, пропиша дека заради спречување на ширењето и сузбивање на заразната болест предизвикана од корона-вирусот COVID-19 и заштита на населението, помеѓу другото, може да се нареди и времената мерка носење лична заштита на лицето.

Согласно член 28 став 8 од Законот за заштита на населението од заразни болести, Владата на Република Северна Македонија на предлог на Министерството за здравство одлучува кои од мерките од ставот 6 на овој член ќе се применат, случаите во кои ќе се применат и за кој временски период.

Од погоре наведената законска одредба произлегува дека законодавецот ја овластил Владата, а на предлог на Министерството за здравство да одлучува кои од времените мерки предвидени во член 28 став 6 од Законот, ќе се применат во ситуација на постоење на заразна болест и во кој временски период, во зависност од стручната проценка на надлежните здравствени институции за степенот и интензитетот на заразата помеѓу населението, со што Владата одлучува и за нивното времетраење, односно, се додека од страна на надлежните институции не се констатираат услови за исчезнување на заразата од Covid-19 на територијата на Републиката, или нејзино намалување до степен оценет како незагрозувачки.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според ставот 2 на членот 51 од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Се поставува прашањето: Дали оспорениот пропис е во согласност со Уставот и со закон?

Од аспект на уставноста на предметната одлука и нејзините оспорени одредби, според Судот, оспореното уредување во предметната одлука со која се уредува примена на мерката носење лична заштита, наоѓа своја уставна оправданост во член 39 став 2 од Уставот, со која одредба јасно е утврдено право, но и должност на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје, но и здравјето на другите, воедно истата не имплицира нееднаков третман и дискриминација за човекот и граѓанинот, бидејќи се однесува на секое домашно или странско физичко лице на територијата на Република Северна Македонија.

Од аспект на законитоста на предметната одлука и нејзините оспорени одредби, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести, имајќи предвид дека станува збор за времена мерка, уредена со наведениот закон, како и дека според Законот, Владата има законско овластување за донесување на предметниот акт со кој ќе уреди примена на законски предвидените времени мерки, во случајов времената мерка носење лична заштита на лицето, а на предлог од Министерството за здравство.

Од наведените причини Судот оцени дека во конкретниот случај, не може основано да се постави прашањето за уставноста и законитоста на актот и неговите одредби, коишто се оспоруваат со иницијативата.

Во однос на оспорувањето на предметниот пропис и неговите оспорени одредби vis a vis Кривичниот законик, со наводи за спротивност на истите со одредбите од членовите 137 (повреда на рамноправноста на граѓаните), 139 (присилба) и 403 (геноцид) од Кривичниот законик, поточно дека донесувањето на оспорениот акт од страна на Владата и уредувањето во истиот да се применува мерката носење лична заштита на лицето, било спротивно на одредбите од Кривичниот законик коишто ги посочува подносителката во иницијативата, треба да се има во вид дека во надлежност на Уставниот суд е да врши апстрактна уставно-судска контрола, односно оцена на согласноста на прописите со Уставот и законите, а не е во негова надлежност да утврдува постоење или не постоење на кривична одговорност на институциите во вршењето на нивните надлежности.

Што се однесува до предметно оспорената времена мерка, неспорен е фактот дека носењето на заштитна маска на лицето, реално го отежнува нормалното дишење кај сите лица без исклучок, меѓутоа, неспорен е и фактот од постоење на се уште актуелниот вирус и сериозноста по здравјето на луѓето од истиот поради тешките последици по човековото здравје којшто вирусот може да ги предизвика, за жал и да одзема животи, за што доволно зборуваат фактите од реалноста којашто ја наметнала и потребата од примена на превентивни мерки за заштита на здравјето на населението во вакви ситуации, што наоѓа своја уставна оправданост во правото, но и должност на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје, но и здравјето на другите.

При ова, треба да се има во вид дека оцената на оспорените одредби од член 6 ставови 1 и 2 од предметната одлука, од аспект на тоа колкави се штетните последици по здравјето на луѓето од носење на маска на лицето во затворени простории од јавен каректер, наспрема последиците од нивно неносење во затворени простории од јавен каректер, односно кој, и колкав е ризикот од носење/неносење на лична заштита на лицето во затворен простор од јавен карактер, прашањето не е во надлежност на Уставниот суд, туку на надлежните стручни институции од сферата на здравството. Воедно, законодавецот, водел сметка и во однос на фактот дека маските на лицето го отежнуваат дишењето, така што со членот 28 од Законот за заштита на населението од заразни болести, помеѓу другото уредил исклучок од обврската за носење лична заштита на лицето, за лицата со специфична здравствена состојба, односно, доколку носењето на лична заштита на лицето би било проблематично или контраиндицирано.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста, односно за согласноста на оспорениот член 5 став 1 точка 1 и член 6 ставови 1 и 2 од предметната одлука, со одредбите на Уставот и со одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.6/2022
29 март 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска